Дописници МКДОпштински вести

Велешките еколози преку проект ги едуцираат и обучуваат учениците за собирање, селектирање и рециклирање ПЕТ пластичен отпад

Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес во партнерство со Општина Велес и Павор ДООЕЛ Велес го реализира проектот „Намалување на ПЕТ амбалажа“.

Велес, 15 март 2019 (МИА) – Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес во партнерство со Општина Велес и Павор ДООЕЛ Велес го реализира проектот „Намалување на ПЕТ амбалажа“.

Веќе се поставени 50 жолти контејнери за ПЕТ пластична амбалажа за осум училиштата, три хотели и четири ресторани во Велес. Планирано е да се набават и постават низ градот и опшината уште десетина, а кои ќе бидат наменети за сите граѓани.

Весна Кочова од ЕД „Вила Зора“, координатор на проектот, вреден 30 илјади американски долари, кој почна во септември и ќе трае до август годинава, а кој денеска беше презентиран во Велес, истакна дека веќе ги запознале учениците со целите на проектот, начинот на неговата реализација и придобивките од него.

– Главната цел ни е едукација и подигање на јавната свест на учениците за собирање, селектирање и рециклирање на ПЕТ пластичен отпад. Ги учиме дека е многу важно овој отпад да се собере и рециклира. Што е многу важно најмладите ќе научат дека со тоа првенствено ќе ја зачуваат животната средина и воедно и со негова продажба и самите ќе остварат финансиски средства, а кои потоа можат да ги искористат за организирање екскурзии и други потреби на училиштата, појасни Кочова.

Таа информира дека веќе ги едуцирале учениците од ООУ „Васил Главинов“, а во наредните денови и месеци ќе ги едуцираат и останатите ученици од општината на кои им веќе им поделиле и жолти торбички за носење на ПЕТ амбалажа од дома во училиште. Најави дека учениците веќе почнале со собирање на отпад, а на 22 март, Денот на пролетта и Ден на екологијата, ќе организираат и акција, а училиштето кое ќе собере и рециклира најмногу ПЕТ амбалажа ќе добие и награда. По завршување на проектот, посочи, училиштата самите ќе продолжат со рециклирање на ПЕТ амбалажа и продавање во откупната  фирма.

Таа рече дека наставниците и училиштата денеска од нив побарале и контејнери за собирање и складирање на хартија и друга амбалажа и најави дека во иднина ќе се потрудат да им обезбедат и контејнери за оваа намена.

– Освен учениците, ние планираме да ги поттикнеме  на еколошка совест и сите граѓаните на Општина Велес за складирање и рециклирање на ПЕТ амбалажата. Со тоа и сите тие ќе можат да дадат придонес за почист град и почиста животна средина, додаде Кочова. ад/рп/

Back to top button
Close