0_Web_Актуелно0_Web_Избор на уредникот0_Македонија.ПорталИнтервјуОпштество

Лажните вести предизвик за новинарството и за граѓаните

Лажните вести како глобален феномен се доста присутни и во нашиот медиумски етер, а најмногу ги има на интернет-порталите, вели во интервју за МИА Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

Скопје, 16 март 2019 (МИА) – Лажните вести како глобален феномен во светски рамки во последните неколку месеци се нагласено присутни и во нашиот медиумски етер, а најмногу ги има на интернет-порталите, од каде што потоа со голема брзина се шират по социјалните мрежи. Има многу начини да се препознае лажната вест. Од особено значење е граѓаните да имаат вештини да ги препознаат, бидејќи тие се најмногу подложни на лажните вести. Во препознавањето дали станува збор за лажна вест најпрво треба да се види дали сторијата, приказната, темата што се обработува ги содржи сите извори на информации, дали е даден контекстот на случувањето. Проблемот со лажните вести е нешто со што постојано се соочуваме, заради нечии економски или политички интереси. Граѓаните неретко ги посочуваат политичките партии за креирање и пласирање лажни вести, а тие меѓусебно се обвинуваат. Тие може многу да влијаат во формирањето на јавното мислење за одредени политички прашања, особено во период на избори. Со оглед на тоа дека во Македонија претстојат претседателски избори, МИА на оваа тема разговараше со повеќе соговорници.

-Точно е дека лажните вести најмногу се застапени на интернет. Во 76,5 проценти од добиените жалби во СЕММ се однесуваат на интернет-порталите. Информација што доволно кажува дека она што се случува во онлајн просторот знае да биде навистина проблематично. Меѓутоа, ако ова го поврземе со фактот дека најбројни се тие медиуми, можеби е, условно речено, очекувана ситуација дека онлајн медиумите ќе го прекршуваат најчесто кодексот. Но, исто така, имаме и, така да кажам, дилетанти во професијата кои глумат новинарство, кои се обидуваат да го искористат или злоупотребат медиумот што го имаат на располагање за да работат за нечија агенда, за нечиј интерес, нагласува Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

Според неа, во справувањето со лажните вести, а особено во предизборен период, покрај професионалните медиуми, клучно е пред сè активно, конзистентно и систематично да се работи со граѓаните, особено со помагање на помладата популација да умее да ги распознава матриците и начините на кои се злоупотребуваат медиумите, за да се пласираат невистини, пропаганда и дезинформации, а сè со цел да не подлегнуваат и да не бидат изложени на последиците од таквото невистинито информирање.

За превенирање на лажните вести, смета, од особено значење е професионалните медиуми да може да ги осуетат обидите на т.н. пропагандистички медиуми и на оние што се обидуваат да пласираат информации што се невистинити, пристрасни, необјективни… Сè уште, потенцира таа, не постои конечен одговор кој ги продуцира лажните вести.

-Јас би рекла постојат повеќе одговори во смисла на тоа дека таквите вести може да произлезат прво од оние што „бескомпромисно се борат“ да добијат што поголемо внимание во медиумскиот етер во смисла на економска придобивка од тоа, генерирање кликови, заработувачка, но и такви што одработуваат за нечија агенда или се поврзани со одредени центри на моќ било тоа да се бизнисмени, политичари итн.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, во интервју за МИА вели дека медиумската саморегулација и медиумската писменост се алатките во борбата против дезинформациите познати како лажни вести. На пропагандата и сензационализмот, порачува, да се спротивставиме со квалитет и професионално новинарство.

Според него, потребна е професионализација на медиумите, бидејќи кога ќе има стандардизирани медиуми и редакции, тогаш тешко дека тие ќе подлегнуваат на лажните вести. Во океанот од информации што денес се нудат на пазарот, додава Чадиковски, треба да победат вистинските вести, а државата треба да работи на промоција на медиумската писменост пред граѓаните. Тоа не може да се направи преку специјален закон, но целокупната законска регулатива треба да биде во насока на професионализација и осамостојување на медиумите. Не ни требаат паушални мерки, туку добра стратегија.

– Причините за овој феномен се различни и може да бидат за да се креира општа паника кај граѓаните, да се предизвика штета кај политичките опоненти или, пак, во бизнис-секторот да се влијае негативно на конкуренцијата преку пласирање невистини. Во секој случај, дезинформациите во медиумите постоеле во минатото, ги имаме сега и тоа уште повеќе пред сè поради експанзијата на новите медиуми кои се на интернет и ќе постојат и во иднина. Прашањето е како да се превенираат и како да се спречат? Најдобар начин е преку медиумската саморегулација каде што јавноста ќе може да прави разлика меѓу професионалните медиуми што работат според етичките норми и оние што имаат намера да го злоупотребуваат правото на слобода на изразување. Освен тоа, јавните сервиси имаат обврска да демонстрираат највисоко ниво на точност на информации за граѓаните кога ќе имаат сомнеж дали некоја вест е лажна или не, истата да може да ја проверат преку професионалното известување на националните јавни сервиси и информативни агенции, вели Чадиковски.

Со ближењето на претседателските избори, се зголемува и опасноста од пласирање лажни вести, што е тренд во светски рамки, како што беше примерот со младите велешани со кампањата за Трамп.

– Во време на експанзија на информации и дезинформации преку интернет-медиумите, а особено преку социјалните мрежи, многу е тешко да се спречи појавата на дезинформации. Прашањето е како тие да останат изолирани и да не им се придава преголемо значење, а ние сме сведоци дека дури и дел од традиционалните медиуми ги користат социјалните мрежи како извор на информации. Тука е најголемата злоупотреба што доведува до сомнеж дека во Македонија постои систем на креирање вакви вести со цел да стигнат и до пошироката јавност преку традиционалните медиуми. Тоа беше видливо на пример за време на кампањата на референдумот каде што преку анонимни таканаречени ботови се ширеа лаги и невистини. Не се исклучува дека оваа појава ќе продолжи и сега, и во текот на кампањата за претседателските избори, па дури и преку користење платформи регистрирани во соседни или други држави со цел да се даде лажен кредибилитет на лажната информација, смета тој.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, пак, вели дека за справување со лажните вести треба постојано да се развива критичката свест, во смисла на етички норми, личен интегритет, емпатија и чувство за фер однос, да се биде свесен за емоциите што ни ги предизвикува некоја информација и евентуалната реакција да ја одмериме со разум, а не со чувства, да се информираме за новостите во дигиталната технологија и услуги за да бидеме ние нивни господари, а не обратно.

Во пресрет на кампањата за претседателските избори порачува дека клучна работа е медиумите во секојдневната работа да постапуваат според новинарските стандарди. Лажните вести станаа секојдневие со големи последици за целото општество. Затоа, смета потребна е посветеност за зголемување на медиумската писменост, како „одбранбен механизам“ на граѓаните за лажните вести.

Од Истражувањето на нивото на медиумската писменост кај возрасната популација во земјава, спроведено од Агенцијата во 2016 година, може да се види дека околу две третини од граѓаните биле свесни дека различните медиуми различно информираат за исти настани и обично правеле проверки на информациите користејќи различни други извори, при што околу 75 отсто не ги прифаќале информациите само од еден извор. Ова може да се смета за своевиден индикатор и за тоа колку граѓаните се свесни дека можат да бидат излажани или манипулирани.

Во пресрет на претседателските избори, од ДИК велат дека институцијата нема капацитети да ги следи продукцијата и пласирањето лажни вести поврзани со оваа тема, но велат дека ќе се обидат со навремена и точна информација да се борат со овој феномен.

– Ќе се бориме со транспарентност во нашата работа до максимална можна граница, велат од ДИК.

Политичките партии во јавноста неретко се доживуваат како креатори на лажни вести, а дел од нивните членови и како лица кои ги шират на социјалните мрежи. Тие, пак, меѓусебно се обвинуват за креирање, пласирање и ширење на лажните вести.

Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, главен продуцент на лажни вести во Македонија во моментот е владата на СДСМ. Под превезот на „лажни вести”, подвлекува, оваа насилна власт крие алатка за цензура. Порано, истакнува Стоилковски, новинарството се бореше со чувството за автоцензура, а сега „заевизмот“ го надградил со наметнување чувство за самоамнестирање.

-Всушност, под превезот на „лажни вести” оваа насилна власт крие алатка за цензура. Негува цели портали, медиуми што не се регулирани, и ги користи како оружје од кое „пука” црна лажна кампања кон опозицијата, Христијан Мицкоски, но и кон секој што не ѝ се покорува, истакнува Стоилковски.

Неговиот колега, портпаролот на владејачката СДСМ, Костадин Костадинов, во лажните вести присутни во медиумскиот етер кај нас лоцира политичка заднина и притоа директно ја посочува опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ, вели, во ниту еден момент не може да се поврзе со пласирањето лажни вести.

– Во отсуство на идеи и предлози во интерес на граѓаните и државата, во отсуство на политичка агенда, ВМРО-ДПМНЕ своето дејствување во јавноста го темели на невистини, лаги и лажни вести во спрега со одредени интернет-портали блиски до опозицијата. Најсилна алатка против лажните вести е вистината и начинот како таа вистинска информација што побрзо да стигне до граѓаните, вели Костадинов и посочува дека граѓаните заслужуваат вистинити, релевантни и навремени информации.

Славица Стефановска

 

 

Back to top button
Close