0_Македонија.ПорталДописници МКДРепортажа

Тиквешко вино среде Перник, џоломарите бркаа лоши духови во Бугарија

Тиквешко вино се точеше и се пиеше среде Перник, џоломарите од кавадаречкото село Сопот кои бркаат лоши духови, беа атракција на меѓународниот карневал во Бугарија, кој неодамна собра над осум илјади учесници, во 121 група, меѓу кои и претставници на 17 странски држави. Масовна беше и посетата на фестивалот под маски од страна на жители на градот, Бугари, но и туристи од разни страни на светот. МИА имаше можност да наздрави заедно со маскираните, но и со оние кои беа воодушевени од нив и ги фотографираа за спомен.

Перник, 26 март, 2019 (МИА) – Тиквешко вино се точеше и се пиеше среде Перник, џоломарите од кавадаречкото село Сопот кои бркаат лоши духови, беа атракција на меѓународниот карневал во Бугарија, кој неодамна собра над  осум илјади учесници, во 121 група, меѓу кои и претставници на 17 странски држави. Масовна беше и посетата на фестивалот под маски од страна на жители на градот, Бугари, но и туристи од разни страни на светот. МИА имаше можност да наздрави заедно со маскираните, но и со оние кои беа воодушевени од нив и ги фотографираа за спомен.

 

Годинава по 13 години од мојата прва авантура во Перник, повторно решив да бидам дел од големата забава на отворено. Знаејќи дека секоја дружба со џоломарите е незаборавно доживување, заминав во  некогаш најиндустрискиот бугарски  град. Од десет илјади луѓе вработени во индустрија, сега таму има околу илјада индустриски работници,  домашни и грчки конфекции и друга незагадувачка индустрија . И повторно бев таму во друштво со џоломарите од кавадаречкото село Сопот. И повторно на студено време. Весело беше друштвото во автобусот, во кој уште на старт падна договорот за време на патувањето да нема ниту “п” од политика. Но, не издржаа срцата јуначки и договореното не се почитуваше па имаше интересни зајадливи  подбуцнувања,  коментари, сочни тиквешки шеги на политичка основа. Не изостанаа ниту спротивставените мислења околу северна, двојазичноста и што ли уште не. За среќа, посериозни кавги немаше. Всушност, тоа и воопшто не е можно кога е човек во друштво на секогаш позитивните и расположени џоломари. Многуте песни кои беа испеани, само уште повеќе ја расположија убавата екипа. Со секој изминат час,  се интензивираа врнежите од снег. Веењето на снегулките создаваше извонредни зимски пејсажи кои беа рај за очите. А  откако снегот го разбуди детското во секој од нас, не изостана ниту мавањето со снежни топки за време на пауза, па дури и на граница.

Слаткиот затвор Алкатраз

Животот е еден и каков ќе ти биде, во мноу зависи од тоа колку ти ќе се потрудиш околу тоа. Животот си е твој, без разлика дали го живееш во времето на Слободан Милошевиќ или Тодор Живков  на пример. Дали е времето кога кај нас беше можно да те сопре полицаец и да ти ги распори панталоните, да ти ја истрижи косата, да ти стави печат кој не се брише лесно на ногата, ако носиш мини сукња.

Ваков дипломатски одговор добив од 63-годишниот Мишо Петров во бугарското село Бела Вода, кога го прашав дали им се подобрил животот, откако Бугарија е влезена во Европската Унија. Врзавме муабет крај печката во која пукаа дрвата при горењето, во крчмата на неговиот брат. Се интересирав од каде натписот Алкатраз на горниот дел од објектот во кој одмаравме, бидејќи членовите од селската карневалска група се стари пријатели на сопотчани. За натписот кој ми го привлече вниманието, раскажа дека е всушност реклама за поранешната слаткарница. Штета што не можевме да пробаме од мистериозните задоволства од тој сладок затвор, кој го имал само истото име со вистинскиот озлогласен затвор познат во светски рамки.

Ми кажа дека селото оддалечено околу 60 километри од границата,  има околу 1.200 жители. Работа наоѓаат главно во Перник кој им е на околу четири  километри и Софија, на околу 23 километри.  Тој самиот работи во фабрика за производство на трансформатори, а неговиот газда имал и бизнис во Македонија. Кога одевме кон Перник, забележавме многу стари градби. Ни кажаа дека се работи за планински регион, луѓето најчесто живеат во Перник и Софија, па затоа не се обновуваат куќите по селата во кои доаѓаат повремено.

За време на карневалот, на  штандовите наредени низ централното градско подрачје на бугарскиот град, од пиле млеко, што би се рекло. Изобилство од сувомесни производи и најразлични видови на слатки задоволства кои мамат и поради кои се прекршува ветувањето за придржување кон диетата, играчки од кои се шират зениците во очите на секое дете, најразлични сувенири кои чекаат да бидат украс во нечиј дом и да сведочат за едно прекрасно поминато време, какви се не природни лекови за решавање на најразлични проблеми, па и такви за зголемување на потенцијата кај постарите лица. А тиквешани не се тиквешани, ако од сето тоа, не бидат најмногу привлечени од тезгите на кои се нуди греано вино, божествена течност од малини и цреши.

 

За тоа колку беше студено во Перник и околината за време на нашиот тридневен престој таму, говори и фактот што замрзна и бравата на нашиот автобус, но замрзната беше и површината на   езерото во близина на хотелот во кој бевме сместени, во Горна Бања, Софија. Затоа, посебно изненадување, неверување и пофалба предизвика појавувањето по  кратки  ракави и куси панталони,  на некои од учесниците во големото карневалско дефиле. Храброста не изостануваше и меѓу посетителите на карневалот. Ги имаше од најмала возраст од само неколку месеци, до изнемоштени и такви во најдлабока старост,   кои се движат со помагала.  Преполн беше плоштадот на градот кој потсетува на битолски Широк сокак, а голема беше посетеноста и на останатиот дел од централното градско подрачје, преполни беа и околните угостителски локали. Во аптеките, лекови поефтини од кај нас.

Срцето бие во ритамот на џоломарските клопотарци

Мирољуб Радивојевиќ, член на   претседателството на Федерацијата на европски карневалски градови  за  Србија, поранешен претседател, изјави  дека карневалот во Перник е  еден од најголемите етно карневали во Европа, своевидна европска престолнина на карневалските градови. Нагласи дека карневалите носат позитивна енергија и го оттргнуваат вниманието од политика и секојдневни проблеми.  Ова е тоа вистинското, рече тој. Додаде дека токму разноликоста е  тоа што не прави интересни едни за други.

Ани Савова, водач на групата од Сопот, ни раскажа, меѓу другото,  како по влегувањето во Унијата, краставиците треба да бидат прави а не криви. Хемиски инжењер по професија, со положени испити за професор, по сплет на околности, таа работи како секретар на културна институција.  Вера Церовска, кмет на општината и претседател на Организацискиот комитет на 28-ми по ред Фестивал на карневалски игри, нарекувајќи ги сите учесници скапи пријатели, рече дека сите заедно се едно големо семејство.

-Ја покажуваме нашата култура и традиција, обичаите, пријателството, преку кое сите можат да живеат поспокојно. Нашите традиции се тие кои покажуваат колку сме различни, а всушност традицијата е таа која не обединува, нагласи таа.

Правејќи врева со клопотарци и стапови, неколкумината мажи со страшни маски, членови на џоломарската група од кавадаречкото село Сопот, беа атракција на карневалот.

-Со кожувчиња, грпки, бради, исцрнети лица со саѓи, клопотарци и стапови направивме  толкава врева, што ги избркавме лошите духови и направивме место за здравјето, среќата и добрината, рекоа џоломарите.

Прекрасно беше да се биде дел од џоломарската група. Во нивното претставување уживаа не само големиот број посетители на масовниот карневал, туку и учесниците од другите карневалски групи. Додека сопотските џоломари ја изведуваа својата игра која ја одразува историјата, традицијата и културата на Тиквешијата, во мистеријата и магијата на нивните маски и звукот на кој никој не останува рамнодушен, уживаа мажи, жени деца, од најмала до најголема возраст. Играта поради која сите престануваат да зборуваат и само уживаат, ги дразни сетилата. Додека се гледа волшебната игра, се слуша ѕвекотот на клопотарците и звукот на стаповите што се флаат на земја, се чувствува мирисот на Тиквешко, вкусот на минатото кој одново и одново и дава блаженство на душата. Здивот се одзема за миг, а  срцето, чиниш бие во ритамот на џоломарските клопотарци. Македонското знаме, мажите преправени во невеста и баба, кои со тоа ја симболизираат младоста и плодноста од една, а мудроста од друга страна, придонесоа за дополнителни емоции кај присутните на карневалот. Додека среде Перник, играа џоломарите од Сопот. Публиката  ракоплескаше додека “бабата” по случаен избор, земаше мерка за да им сплете чорапи на некои од присутните.

-Џоломарството во Сопот е начин на живот. Тое е наследство кое нема цена и се пренесува од генерација на генерација. Убава долготрајна традиција, доказ колку се длабоки нашите корени, рекоа џоломарите.

 Светлана Дарудова 

Back to top button
Close