Интервју

Стоилковски за МИА: Поразот на заевизмот е првиот чекор за превенција од лажни вести

Поразот на заевизмот е првиот чекор за превенција и застанување на патот на лажните вести, вели во интервју за МИА Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, главен продуцент на лажни вести во Македонија е заевизмот, Владата. Под превезот на „лажни вести", подвлекува, оваа насилна власт крие алатка за цензура. Порано, истакнува Стоилковски, новинарството се бореше со чувството за автоцензура, а сега заевизмот го надгради со наметнување чувство за самоамнестирање.

Скопје, 13 март 2019 (МИА) – Поразот на заевизмот е првиот чекор за превенција и застанување на патот на лажните вести, вели во интервју за МИА Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, главен продуцент на лажни вести во Македонија е заевизмот, Владата. Под превезот на „лажни вести”, подвлекува, оваа насилна власт крие алатка за цензура. Порано, истакнува Стоилковски, новинарството се бореше со чувството за автоцензура, а сега заевизмот го надгради со наметнување чувство за самоамнестирање.

Во пресрет на одржувањето на претседателските избори и сè позачестената појава на лажни вести во медиумскиот простор, каков е ставот на партијата во однос на овој феномен?

Две години откако СДСМ е октроирана на власт сета енергија против криминогеноста во своите редови и вистината за антидржавните зафати ја насочува во креирање лажни вести за – лажни вести! Две години претходно СДСМ тврдеше за лажни вести од главата на вмровците: менувањето на Уставот, прифаќање капитулантски договор, па и печатењето лични карти и пасоши на крај се завитка во тепих од лажни вести против опозицијата. Заев порачуваше дека не треба да се обесчести и обезличи државата, Владата, народот, а токму тоа го направи. И која е лажната вест, првата или втората?

Заевизмот како врвен дострел на кичот на власта ги презеде медиумите, формираше министерство за вистина и во рамки на наводна борба со лажни вести се тера принципот „кажувам, заборавам, негирам“ ден за ден. Сета дневна политика од власта се сведе на пласирање вести ала: „Се удрила во Пајакот“. Овие две години на секоја нова отворена афера, на секој откриен криминал таа враќа со оценка дека тоа се „лажни вести”. Отворете Гугл, денес тоа е лесно да го проверите.

Всушност, под превезот на „лажни вести” оваа насилна власт крие алатка за цензура. Негува цели портали, медиуми што не се регулирани, и ги користи како оружје од кое „пука” црна лажна кампања кон опозицијата, Христијан Мицкоски, но и кон секој што не ѝ се покорува. Истовремено врз лажни вести го крева лажното херојство на власта до небо! Да, власта поседува цел систем за лажни вести напикани популарно во оддел наречен „чорба за 50-че”. Но, сиот овој систем на власта ѝ е залуден; Ако им поверуваа како опозиционери за постоење во минатото на некаква пропагандна машинерија, сега е јасно дека зборувале за систем што го планирале и го надградуваат.

Колку политиката има влијание врз креирањето лажни вести и колку лажните вести можат да влијаат врз изборот на гласачите?

Ако досега зборев дека Владата има цел оддел и цело „министерство за вистина”, тогаш првиот дел од прашањето е непотребно. Со орвеловската 84-та под пазуви, театарски ја поставија животинската фарма. На ваше место попрецизно би го поставил прашањето: „Колку власта мисли дека ќе влијае врз изборот на гласачите со креирање лажни вести?“

И сето тоа надополнето со потценувачкиот став дека народот е за во трло и нема да се сети. Но, нека продолжи власта со лажните вести. Нека вели дека пензиите на Мила растат. Нека шири лажни вести за подобро здравство, за вакцините на Филипче, за нов клинички, за успешен референдум, за бетониран идентитет, за зачувана придавка, за плата 500 евра, за фабрики на Гугл- Фејсбук- Оракл, за 600 км автопати, за зелена нафта, за сигурен земјоделски откуп и пласман, за безбедни улици, за борба со криминалот, борба со корупцијата, нулта толеранција на непотизмот, потпирајќи се на заевистичката кажувам, заборавам, негирам.

Ама страшно е што медиумите се самоамнестираат од сето под превезот „не сум јас, јас само пренесувам“. Порано новинарството се бореше со чувството за автоцензура, а сега заевизмот го надгради со наметнување чувство за самоамнестирање.

 

Политичките ривали преку соопштенија ве обвинуваат дека продуцирате лажни вести. На социјалните мрежи, исто така ве обвинуваат дека портали блиски до вас и партиски ботови продуцираат лажни вести за дефокусирање на јавноста, создавање паника, хаос. Како се носите со овие обвинувања?

Многу интересно го поставувате прашањето почнато со „На социјалните мрежи“, заборавајќи на сета „фарма” за пропаганда на социјални мрежи, која сега директно е вработена во Владата за да ја напаѓа опозицијата. Зар треба да ги посочувам со имиња и презимиња познатите лажни бајрактари на „нема правда, нема мир“, кои сега се задоволни со топол оброк во Владата?
Главен продуцент на лажни вести во Македонија е заевизмот, Владата. Бесрамно и Заев го сечкаат и монтираат, кријат што вели. Тоа е кич, тоа е лажна вест! Изјавата за холокаустот на пример кога вели дека е „еврејска традиција“ е извадена, сечена, лепена, монтирана (!) за потоа да се пласира дека опозицијата пушта лажна вест. И во тоа се тргна по социјалните мрежи.
Како по обичај кога СДС се на власт се формираат цели оддели за креирање лажни вести и за пропаганда. Сетете се на аферата „Фабрика”, сетете се на аферата „Надеж”, секаде станува збор за пропаганда и креирање лажни вести со цел насилно заземање на власта. И тоа, тоа креирање страв, паника, хаос, како што велите власта ја продолжува и сега кон опозицијата.
Еве деновиве, кој продуцираше „лажна вест” за следење и странски служби блиски до опозицијата? Сето изгледа наивно, а всушност со лажна вест креираат простор за натамошен политичкиот прогон и следење на опозицијата.
Кој продуцираше лажни вести кога им избега Груевски дека тој наводно се криел во ВМРО-ДПМНЕ? Пак со лажна вест беше „окупирано” седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, беа тресени автомобили на функционери.
А до каде е извештајот за бегството, нели Заев и Спасовски велеа „за некој ден ќе биде готов, ќе го презентираме”? И тоа е лажна вест! Заев излегува пред микрофони, пред медиуми и сам испраќа лажни вести. Еднаш посочи навивачи сведочеле биле плаќани од странски служби, па и од тоа ништо. Лажна вест!
МИА стана дел од системот на лажни вести; го цензурираше и менуваше изјава на Заев по диктат од Атина, интервју за кое постоеше видеотрага, лесно проверливо, но сепак се прегази честа и беше сменета изјавата; МИА пласираше лажни вести за односите на партијата во ЕПП, па потоа за членови на кабинетот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Судот и Обвинителството ги приклучија на кабелот на лажни вести; та Заев е ослободен за „Едно евро“ – поткуп пред очи на јавноста.
Та нели Бујар Османи беше криминалец и имаше докази, а сега е вицепремиер!?
Жално е што никој во медиумите не смее сериозно да ги истражи аферите на власта – од непотизмот до корупцијата и криминалот. Најприсутно во секторот здравство на пример, сите афери ги нарекуваат лажни вести и потоа никому ништо. Само со фаќањето на аферата тешка 36 милиони евра, кои за малку ќе им беа доделени на неискусни голобради деца, требаше да го турне министерот за здравство, ама заевизмот во медиумите му го одмолчуваат. Исто, заевизмот го покри и фактот дека Филипче бил советник на „министерот за смрт“, дека до власта е залепена докторка јавно (социјалните мрежи ги споменувате, нели) беше осудена за Тамара, а сега никому ништо. Каде се сега генераторите на тие вести, кои предизвикуваа јавен линч, ако не во Владата, во одделот „за 50-че“

 

Како може да се превенираат лажните вести, како најлесно да им се застане на патот?

Македонија како никогаш досега испушта нем крик: „Нема правда, нема мир“, а заевизмот ѝ затвора уста со лажни вести! Видете, прочитани се. Ги прочитаа граѓаните, ги прочитаа „шарените соборци“, ги прочитаа пензионерите, студентите, пазарџиите, трговците, бизнисмените, мислам дека нема човек во Македонија што не ги прочита. Заевизмот го турна и обезвреди Уставот, ја обезличи државата, го обесчести Собранието, ја силуваше нацијата, ја девастираше економијата. Од државата бега секој што може, со државата се подбива секој што стигне. И тоа сето заради заевизмот, кој се базира, се темели на лажни вести. Мора да се удри по изворот, а не да се цензурираат медиуми. Застанување на патот на лажните вести во Македонија значи застанување на патот на заевизмот. Поразот на заевизмот е првиот чекор за превенција. И тоа се случува, ќе се реализира прво на претседателските избори, како вовед во предвремените парламентарни за тотален пораз на заевизмот.

Цветанка Миновска

Back to top button
Close