0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталДописници МКДСторија

Слепиот масер Арифовски три децении им помага на пациентите од Куманово

Триесет и две години слепиот физиотерапевтски техничар Рагми Арифовски ги масира пациентите на кумановското одделение за физикална терапија во Општата болница. Позитивен, со насмевка на лицето, раскажува за професијата, која со љубов ја работи повеќе од три децении, масирајќи ја ногата на десетгодишно момче. Одлично се снаоѓа во една од тесните соби за масажа во кумановската болница.

Куманово,  13 март 2019 (МИА) – Триесет и две години слепиот физиотерапевтски техничар Рагми Арифовски ги масира пациентите на кумановското одделение за физикална терапија во Општата болница. Позитивен, со насмевка на лицето, раскажува за професијата, која со љубов ја работи повеќе од три децении, масирајќи ја ногата на десетгодишно момче. Одлично се снаоѓа во една од тесните соби за масажа во кумановската болница.

-Овде го поминувам работниот ден и лесно се снаоѓам. Првпат кога се вработив во 1987 година ми требаше една недела да ги научам просторот, сите соби на одделението, вели Арифовски.

Пред собата за масажа чекаат многу пациенти. Дел од нив нестрпливи да влезат, постојано тропајќи на вратата. Ретко кој во Куманово не слушнал за Арифовски, како масер кој работи одлично, коментираат неговите колеги, па оттука се и турканиците пред неговата врата.

-Ја засакав оваа професија уште во основното училиште за слепи лица во Кисела Вода во Скопје. Зборувавме со другарите дека е добро да се работи како масер. Чувството за допир  навистина е поразвиено кај слепите лица – појаснува Арифовски.

Дел од неговите соученици му раскажувале за училиштето во Белград каде што завршиле. Тоа било мотив за него да продолжи таму да се дообразова.

-Сепак, праксата и годините што ги поминувате во работата се пресудни за да бидете успешен во која било професија – вели Арифовски.

Не знае на колку пациенти им помогнал. Вели бројката е голема, можеби илјадници, со различни тешкотии. Колегите му ги читаат дијагнозите и упатствата на лекарите, а тој ги масира.

-Терапијата е различна, согласно дијагнозата. Одам и им помагам на болните кои воопшто не можат да се движат, дома и во болниците, вели Арифовски.

Не може а да не се забележи пријателскиот однос помеѓу Арифовски и неговите колеги.

-Пресреќен сум што работам тука, колегите се одлични, вели тој.

И од неговата работа се задоволни и претпоставените и колегите, додавајќи дека е дружељубив, човек со позитивна енергија.

-Особено го бараат пациентите кои повторно поради различни причини доаѓаат на одделнието. Прво што ќе прашаат е дали работи Рагми, инсистираат тој да ги масира, вели неговата колешка Анкица Јовановска, одговорен терапевт на одделението за физикална терапија.

Доктор Славчо Филиповски, специјалист по физикална медицина и рехабилитација, вели дека Арифовски е одговорен масер. Пациентите, додава, се задоволни од него, а тие како претпоставени особено се задоволни од негата што масерот им ја пружа на болните сместени на хирургија, неврологија, на ортопедија.

-И покрај инвалидитетот, многу е одговорен, а бројката на пациенти генерално се зголемува. Освен од Куманово, доаѓаат од соседните општини и од Крива Паланка, Кратово и од Свети Николе, вели Филиповски.

И Арифовски раскажува дека ги препознава поранешните пациенти по глас и се сеќава на нивните стари дијагнози и повреди.

На работа доаѓа со такси, поради густиот сообраќај во Куманово. Но, по карактеристичните звуци точно знае во кој дел од градот се наоѓа, раскажуваат неговите колеги.

Тој е член и на Здружението на слепи во Куманово. Додава дека секојдневно разговара со членовите, особено помладите. Последниве години, додава, родителите на децата со слепило премногу заштитнички се однесуваат кон своите деца и сите инсистираат да се школуваат во неспецијализирани училишта. Во одделенијата во редовните училишта, вели тој, има околу триесет деца, така што учителките не можат да се справат успешно со дете кое има некаков инвалидитет, кому му е потребна дополнителна поддршка.

-Мора да се пробие мразот кај родителите и да размислуваат поинаку. Мора да ги пуштат децата малку посамостојно да се снаоѓаат. Иако се слепи, овие деца не се неспособни. Потребни им се поддршка и мотивација да успеат. Недостатокот на сетилото за вид не значи дека не се развиени останатите сетила, напротив, можат многу успешно да се снајдат во некои професии, порачува Арифовски.

Карактеристично за него е што  во 1986 година заедно со тогашната репрезентација на Југославија во Холандија освоиле златен медал во гол бал, специјализиран натпревар за слепи лица. Тогаш учествувале 24 држави од целиот свет.

-Тоа е игра наменета за слепи лица. Се игра на одбојкарско игралиште. Топката се шутира по земја, од гол на гол, широк девет метри, вели Арифовски.

Меѓу шесте играчи од државите од тогашна Југославија единствен претставник од Македонија бил Арифовски. Горд е на златниот медал, за кој државата му доделила и национално спортско признание, попознато како спортска пензија.

Инвалидитетот не го спречил овој позитивен човек лесно да се вклопи во професијата, која со децении ја работи, пружајќи им помош на пациентите од Куманово и општините од североисточниот регион.

Александра Максимовска

 

Back to top button
Close