0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderДописници СветИнтервјуОпштество

Сигел: Потребни измени во Кривичниот законик за препознавање на брачното силување

Серани Сигел, која се занимава со родови прашања во ОБСЕ и која учествуваше во изготвувањето на последниот извештај на организацијата за насилството врз жените во земјите од Западниот Балкан, Молдавија и Украина, во интервју за МИА ги повикува македонските власти да ги направат потребните измени во кривичниот законик за препознавање на силувањето во рамките на бракот, согласно заложбите од Истанбулската Конвенција. Таа говори и за другите општествени слабости во однос на безбедноста на жените во Северна Македонија и во регионот.

Брисел, 8 март 2019 (МИА) – Серани Сигел, која се занимава со родови прашања во ОБСЕ и која учествуваше во изготвувањето на последниот извештај на организацијата за насилството врз жените во земјите од Западниот Балкан, Молдавија и Украина, во интервју за МИА ги повикува македонските власти да ги направат потребните измени во кривичниот законик за препознавање на силувањето во рамките на бракот, согласно заложбите од Истанбулската Конвенција. Таа говори и за другите општествени слабости во однос на безбедноста на жените во Северна Македонија и во регионот.

Ова е прв извештај за овој регион, плус Молдавија и Украина, откако веќе објавивте еден извештај за земјите од ЕУ. Кои се констатациите?

Она што го гледаме е дека насилството врз жените, во секаков облик, вклучувајќи следење, вознемирување, насилство од познати и непознати, има слична стапка како другите ЕУ земји од регионот, Хрватска, Словенија, Австрија, Бугарија, Унгарија, Романија и Грција, итн. Географски, регионот не се истакнува, ја гледаме истата слика. Но, она што можеме да го видиме е дека некои однесување и верувања, како послушноста кон сопругот, или прифаќањето сексуален однос со сопругот дури и кога жената не сака, или фактот дека семејното насилство е приватна работа, имаат повисока стапка во регионот. Извештајот покажува дека жените не пријавуваат кај надлежните власти поради отсуство на доверба. И генерално не бараат помош, не одат во специјални организации, тоа е поврзано со тоа што не се запознаени со организациите, ниту знаат генерално што треба да направат кога се соочени со насилство. И ова е порака до политичарите, подигањето на свеста може лесно да се постигне и бргу.

Исто така треба да постојат појасни правила за социјалните работници, да се подигне свеста кај нив, но од друга страна во повеќето земји ги изменија законите за да усогласат со Истанбулската Конвенција. Но, потребно е големо внимание.

Што поточно е потребно за професионалците, социјалните работници во оваа област за подигање на свеста кај нив?

Генерално, перцепцијата е негативна кај жените, не чувствуваат дека им помагаат. Кога ја направивме оваа студија за земјите во ЕУ, навистина освести многумина, и се надеваме дека ќе биде случај и овој пат.

Треба да им се дадат јасни насоки на професионалците од секторот, преку кои сите кои се во контакт со женската популација ќе имаат јасни инструкции дека насилството не е приватна работа, туку е одговорност на државата да одговори и да и помогне и да ја заштити жената. Таа често се наоѓа во тешка ситуација каде партнерот е оној кој заработува, кој и е сопруг, имаат деца, да се третира жената како што треба. Она што го видовме е дека има тенденција кај професионалци да ја обвинуваат жена, да мислат дека жената треба да направи сѐ за да профункционира бракот, и слично. Одговорноста за насилството се префрла кај жените. Ова е јасна порака за социјалните работници дека одговорноста е кај државата да и помогне. Многу професионалци имаат такви мислења, вклучително и во судството.

Како стои регионот во однос на ЕУ членките?

Целта не ни е да обвинуваме или да покажуваме со прст. Податоците кои ги имаме заЕУ земјите од регионот се од 2014, кога ги објавивме, податоците беа доста шокантни за ЕУ, и така се врати темата на агенда. Гледаме слични податоци кога станува збор за пријавувањето на насилството. Земјите каде жените имаат повеќе моќ, како во северните европски земји, жените  се охрабрени да зборуваат за насилството. Додека земјите во кои жените не се охрабрени да зборуваат, гледаме ниски стапки на пријавување дури и во интервјуата кои ги водиме, и покрај тоа што интервјуата се анонимни. Пријавените случаи кај властите се само мал број, потоа преку нашето истражување успеавме да покриеме уште други случаи, но на дното ги имате сите непознати случаи кои не биле пријавени, од било која причина, дали од страв, дали од тешка ситуација, или од срам. Важно е да се види во регионот и во ЕУ земјите во регионот е дека постојат, повеќе слоеви на општеството, кои живеат едни до други – рурални, традиционални, потоа имаме слој на образовани жени кои го препознаваат феноменот многу појасно и се поотворени да зборуваат, но не и да пријавуваат, што е впечатливо. И потоа имаме средна група, во оваа група знаат дека насилството не е во ред, не треба да се случува, но сепак се случува, и се чувствуваат виновно и засрамено. Во многу од ЕУ земјите во регионот го гледаме истиот феномен.

Ова е долгорочен процес, не може да се надмине веднаш, треба напори, треба да се внесе во традиционалниот образовен систем, почнувајќи од најрано детство и сѐ до факултет. Не само во однос на насилството, туку и на рамноправноста, треба да се менуваат учебниците, итн. Тоа се случи во скандинавските земји, се бараше коренот на проблемот, да се смени секој пример секаде и да се внесат примери за тоа што е здрава врска, брак, да се зборува со децата за насилство кое може да се случи во семејството, за децата да можат да го препознаат од најрана возраст, не само девојчињата, туку и момчињата, и да разберат дека не е во ред.

Кои се главните слабости во нашата земја?

Една од слабостите на Северна Македонија е што има многу, многу ниска стапка на пријавување, на барање помош. Она што можете да го видите исто така е дека има разлика меѓу Македонките и Албанките, и ова е поврзано за тој традиционален, патријархален однос. Не мислам дека има повеќе или помалку насилство кај албанската заедница во однос на македонската, но традиционалното поведение е посилно.

Потоа, има недостаток на засолништа за жени и на морална поддршка, тоа е тоа што ни го одговорија жените кога ги прашавме од што имаат потреба, сите ни рекоа “некој со кој можам да зборувам, за да размислам што да правам следно“. Има и недостаток на финансиска помош и на долгорочни засолништа. Ако сакате да напуштите врска, ви треба поддршка. Некогаш можете да ја добиете од семејството, но некогаш е срамно и не ја добиваат поддршката од семејството. И ова е една од заложбите на земјата преку Истанбулската Конвенција.

Потребен е фокус на жените од малцински групи и рурални области, како што реков, а треба и да се промени законодавството и да се вклучи брачното силување во кривичниот законик, до пишувањето на извештајот не беше сменето, не знам дали се сменило во меѓувреме. Брачното силување само неодамна се смени и го Германија, имаше огромна дебата, како може силувањето да се случи во бракот? Но постои, го гледаме преку податоците, гледаме дека сексуалното насилство во врските, браковите постои, насилно применет сексуален однос, кое жените не го сакаат, и ова мора да биде препознато преку закон. Во случај на силување, се мисли дека жена треба да се да пружа отпор, да се бори, да вели не, но во една врска, тоа не се случува, така што ова мора да биде третирано поинаку.

Има ли една земја во регионот која се истакнува позитивно?

Некои земји имаат повисока стапка на пријавување, вклучително и насилство од бивши партнери, но имаат и поголема стапка на насилство. Тоа се исто и земји каде партнерите имаат проблеми со алкохол како Молдавија и Украина. Така што тешко е да се каже дали тие повеќе пријавуваат, или има повеќе насилство.

Но, за споредба, во Северна Македонија, речиси 50 отсто од жените се согласуваат дека насилството е приватна работа, додека во Украина таа стапка е 26 отсто, така што се чини дека Украинките се поотворени да зборуваат за тоа. Генерално, кога се смета дека насилството е приватна работа, стапката на пријавување во полиција е многу, многу пониска, тука има јасна поврзаност, и Северна Македонија тука се истакнува, но не на позитивен начин. И треба да се подигне свеста за ова и кај жените, и во здравствениот сектор, и во социјалниот, и во полицијата и во судството, и генерално во општеството.

Тања Милевска

Back to top button
Close