0_Македонија.ПорталГраѓански сектор

Работилница: Северна Македонија сé уште не е успешна во енергетската ефикасност

Северна Македонија како мала земја иако не прави проблеми во однос на стакленичките гасови, сé уште треба да работи на енергетската ефикасност, изјави денеска заменик-министерот Јани Макрадули на работилницата „Подготовка на Национален интегриран план за енергија и клима (NECP)“ за периодот 2020 - 2030 година.

Скопје, 7 март 2019 (МИА) – Северна Македонија како мала земја иако не прави проблеми во однос на стакленичките гасови, сé уште треба да работи на енергетската ефикасност, изјави денеска заменик-министерот Јани Макрадули на работилницата „Подготовка на Национален интегриран план за енергија и клима (NECP)“ за периодот 2020 – 2030 година.

– Како мала земја не правиме проблем во светски рамки во однос на стакленичките гасови, тоа е на втора децимала, но сепак гледано за нашата држава тоа е поприлично многу. За жал, енергетските потреби ги влечеме од енергетски изори кои многу емитуваат стакленички гасови и не сме многу успешни во енергетската ефикасност и во обновливите извори, без разлика што имаме повеќе сонце отколку оние земји со помалку сончеви денови, а користат повеќе обновливи извори, рече Макрадули.

Посочи дека едно од клучните барања на патот на земјава во Европската Унија е и барањето од Европската енергетска заедница, а тоа е, како што рече, дека имаме задача како држава да правиме заеднички план меѓу енергијата и климата, на енергетските потреби да одговориме со исполнување на Парискиот договор, на таргетите на Енергетската заедница, со единствена цел да имаме поквалитетен живот за граѓаните.

Истакна дека постои добра соработка меѓу Министерството за животна средина и Министерството за економија, од која ќе произлезе квалитетен документ што ќе ги трасира следните активности во кој правец ќе се развива пред се економијата преку столбовите на енергетика и клима во земјава.

Зоран Павловски, државен секретар во Министерството за економија рече дека една од основните компоненти на секоја земја е обезбедување на контиунурано снабдување со енергија и справување со климатските промени.

– Ние сме потписнички на договорот за енергетска заедница, Министерството за економија го донесе законот за енергетика уште во 2008 година, а веќе во нацрт фаза е и Законот за енергетска ефикасност и Стратегијата за енергетика до 2040 година. Претстои да ги детектираме сите законски слабости и да пронајдеме начин како да се справиме со овие појави, рече Павловски.

Дубравка Бошњак, проект менаџер на проектот на ГИЗ – Отворен регионален фонд за енергетска ефикасност во ЈИЕ рече дека изработката интегриран Национален план за енергија и клима ќе и овозможи на земјата да ги планира своите климатски и енергетски цели, политики и мерки и да ги усогласи енергетските политики со политиките на ЕУ.

– Планот, откако ќе биде финализиран, ќе го намали товарот врз администрацијата, ќе обезбеди поголема кохерентност и подобро долгорочно планирање на инвестициите, вели таа.

Министерство за економија, во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање, формираше работна група која ќе започне со коoрдинирање на националните енергетски и климатски цели, ќе идентификува недоследности помеѓу националните документи за енергија и клима, со цел да превенира контрадикција помеѓу нив и да развие Акциски план со временска рамка за интеграција на енергетските и климатските цели и политики на Република Северна Македонија.

Во рамки на проектот во текот на 2019 ќе се спроведува аналитичката и техничката работа,а во план е да се разработат и проекциите кои воедно би ги вклучиле и референтните и политичките сценарија.

Во текот на 2020 година планирано е нацрт националните планови да бидат доставени до Секретаријатот по што би се очекувале консултации со договорните страни на Енергетската заедница, секретаријатот, релевантните држави членки на ЕУ и Европската Комисија. Финалните планови се очекува да бидат подготвени до октомври 2020та година, при тоа земајки ги предвид мислењата добиени во текот на процесот на консултации.

Проектот го спроведува Германското друштво за меѓународна соработка во координација со Министерството за економија и Министерство за животна средина и просторно планирање. нд/дма/

 

Back to top button
Close