Дописници МКДОпштински вести

Прилепските советници ги усвоија годишната сметка и извештајот за 2018 година

Прилепските советници на денешната 25 седница ги усвоија годишната сметка на општинскиот буџет, како и годишниот извештај на општината за минатата, 2018 година.

Прилеп, 15 март 2019 (МИА) – Прилепските советници на денешната 25 седница ги усвоија годишната сметка на општинскиот буџет, како и годишниот извештај на општината за минатата, 2018 година.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, со реализација од 494 милиони денари приходи на основниот буџет, не сметајќи го пренесениот вишок на приходи од 2017 година општината може да биде целосно задоволна, како и со двете важни компоненти во буџетот за минатата година – развојната и консолидирачката компонента.

-Со извршување на приходите на консолидираниот биланс на приходи на буџетот за 2018 година во износ од 1.178 милијарди денари, што претставува извршување од 90,3 отсто од проектираните 1,3 милијарди денари, остваривме историски најголем прилив на приходи од стартот на децентрализацијата, односно од 2005 година до денес. За буџетската 2018 година на сметките на консолидираниот буџет, пренесени се вишоци на приходи од 159 милиони денари, или вклучувајќи го и пренесениот вишок од 2017 година во износ од 46,1 милион денари, состојбата на паричните средства на 31.12.2018 година изнесуваше 205,1 милион денари. Сакам да истакнам дека со реализација од 494 милиони денари приходи на основниот буџет, не сметајќи го пренесениот вишок на приходи од 2017 година, можеме да бидеме во целост задоволни, истакна Јованоски пред прилепските советници.

Одговарајќи на прашањата на советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за нискиот процент на реализација на капиталните инвестиции од 24,6 проценти, Јованоски рече дека тоа се должи на наследениот долг 202 милиона денари од претходната локална власт.

-Во периодот на претходната власт која беше 12 години на чело на локалната самоуправа, секоја година беше ветувано дека ќе се изгради затворен базен и детска градинка. Не само што тоа не беше направено, туку претходната власт нив воопшто и не ги предвидела во Деталните урбанистички планови. Ние во моментов работиме на измена на повеќе детални планови, за што се потребни од шест до девет месеци, а проектите кои ги ветив ќе бидат реализирани, рече Јованоски.

На денешната седница беа усвоени годишните сметки на јавните комунални претпријатија, на Домот за стари лица, на детските градинки „Наша иднина“, градската библиотека „Борка Талески“, како и на основните и на средните прилепски училишта. ем/вј/

 

Back to top button
Close