Дописници МКДКултураКултура.Портал

Прилепски карневал „Прочка 2019“

Околу 300 учесници со 15 групни и неколку поединечни маски од прилепските училишта денеска ја загреаја карневалската атмосфера во Прилеп на карневалот „Прочка 2019“.

Прилеп, 9 март 2019 (МИА) – Околу 300 учесници со 15 групни и неколку поединечни маски од прилепските училишта денеска ја загреаја карневалската атмосфера во Прилеп на карневалот „Прочка 2019“.

Многу инвентивни и креативни маски: Петар Пан, уметниците и нивните слики, рециклирање за заштита на животната средина, цвеќиња и многу други маски дефилираа на булеварот во центарот на градот на денешниот детски карневал.

Денешното карневалско дефиле го отвори прилепскиот градоначалник Илија Јованоски нагласувајќи дека се поголема е креативноста на маските.

– Младите се иднината на карневалот и воодушевува нивната инвентивност и креативност. Имаме многу гости и посетители, а така очекуваме да биде и утре на големото карневалско дефиле, рече Јованоски.

Според Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ во Прилеп веќе пристигнаа гостите и учесниците  од речиси цел Балкан, а за утре се најавуваат досега невидени маски.

– Задоволство е да се видат маските на младите кои се иднината на карневалот. Веќе има многу гости и ова е карневалски туризам. Специјално посетители дојдоа на карневалот од Србија и од Бугарија. Утре ќе има преку 600 маски од Македонија и цел Балкан, а ќе биде претставена и посебна оригинална маска на прилепчани. Ова е голема традиција која се надградува, рече Георгиев.

Големиот број посетители денеска на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ ги воодушевуваа и десетината уметници од трупата „Статуа фест“ со уметници од Балканот кои се сликаа и со посетителите.

– Ние сме уметници од Нови Сад. Мајстор и Марганита. Го изведуваме пиратскиот акт.  Тешко е да се стои долго, но атмосферата е одлична и има многу посетители, рекоа уметниците од Нови Сад.

 Утре од 13 часот во центарот на Прилеп е големото дефиле на преку 500 маски од Македонија и од балканските земји кои треба да доведат до кулминација на карневалската маска. Се подготвуваат и прилепските мечкари, кои се заштитна маска на карневалот и го отвораат. Денеска, според традициите ги покануваат касапите и гостите на Прочка.ем/фф/

Back to top button
Close