0_МИА Истражува.ПорталТема

Повеќе од две милијарди луѓе живеат без вода

Под мотото „Да не оставиме никого зад себе – Вода за сите“ денеска се одбележува Светскиот ден на водата.

Скопје, 22 март 2019 (МИА) – Под мотото „Да не оставиме никого зад себе – Вода за сите“ денеска се одбележува Светскиот ден на водата.

Со тоа се апелира на еднакви права за пристап до безбедна вода за сите луѓе, како и да се потенцира глобалниот тренд на намалување на резервите на вода, предизвикани од нејзиното нерационално трошење и нефилтрирање на водата.

Од 1993 година со одлука на Генералното собрание на ОН секоја година на 22 март се одбележува Светскиот ден на водата со цел да се подигне свеста на јавноста за важноста на водата и да се промовира одржливото користење на постоечките водени ресурси.

Но, и покрај тоа што безбедна и чиста вода за пиење и соодветни санитарни услови е човеково право и одбележувањето на Светскиот ден на водата, податоците се поразителни. Речиси една третина од светската популација нема пристап до вода за пиење

Според податоци на Обединети Нации, денес над две милијарди луѓе ширум светот живеат без вода за пиење во своите домови. Околу четири милијарди луѓе се соочуваат со недостиг на вода во траење од најмалку еден месец во текот на годината, додека приближно 159 милиони луѓе собираат вода за пиење од површинските води – езера, реки и потоци. Експертите предупредуваат дека до 2030 година над 700 милиони луѓе би биле погодени од недостиг на вода. Денес околу 68,5 милиони бегалци ширум светот имаат проблеми со пристапот до вода за пиење. Секоја година околу пет милиони луѓе во светот умираат од болести предизвикани од загадена вода, а над 700 деца под пет години секојдневно умираат од болести предизвикани од контаминирана вода или лоши санитарни услови.

Универзален пристап до вода и канализација за сите, без дискриминација

Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај во пораката по повод 22 март истакна дека „речиси една третина од луѓето во светот се соочува со недостиг на безбедна вода за пиење, а само две-петтини од нив имаат пристап до безбедни санитарни услуги“.

Таа ја потенцира потребата за зголемување на меѓународната солидарност посебно со одредени региони како што е Субсахарска Африка и Јужна Азија, каде снабдувањето со вода и санитарните услови во голема мера се ограничени.

УНЕСКО се загала за сеопфатно управување со водите бидејќи „во се поглобализираниот свет одлуките поврзани со водата ги надминуваат границите и влијаат врз сите“ и апелира за „универзален пристап до вода и санитарни услови за сите, без дискриминација, што би довело до подеднакво општество и помирен, одржлив свет“.

Како причини за недостиг на безбедната вода се и негрижата за животната средина, климатските промени, пораст на населението, растечката урбанизација и војните.

Овогодинешниот Извештај за светски развој на водата на ОН е фокусиран на темата за справување со бариерите за пристап до вода, особено за најпогодените луѓе.

И во 21 век на одредени луѓе немаат безбедна вода од многу различни причини. До пристап на вода за пиење и соодветни санитарни услови се маргинализираните групи луѓе, како бегалците, номадските и автохтони народи, жените, децата, болните, сиромашните и други. Затоа апелот „Вода за сите“ е упатен до целиот свет, со барање до сите за поодговорен и похуман однос кон водените ресурси и ранливите групи.

Водата е човеково право

Обединети нации во 2010 година „правото на безбедна и чиста вода за пиење и санитарни услови го призна како човеково право, што е неопходно за целосно уживање во животот и сите човекови права“.
Човековото право на вода значи пристап на сите без дискриминација до вода за лична и домашна употреба, што вклучува вода за пиење, за лична хигиена, за перење облека, за подготвување храна и за лична и домашна хигиена.

Во 2015 година на Конференциа на ОН за одржлив развој 150 светски лидери ја усвоија новата Програма за глобален развој до 2030 година при што се донесени 17 цели за одржлив развој. Посебно е важна целта шест – да се обезбедат санитарни услови и пристап до вода за пиење за сите.
Денот на водата секоја година се одбележува под друго мото. Овогодинешното мото е „Да не оставиме никого зад себе – Вода за сите“.

Во 1995 година Денот на водата се одбележа под мотото „Жените и водата“, во 2004 – „Водата и катастрофите“, во 2007 – „Како да се справиме со недостигот“, додека минатата година „Природа за вода“ со посебен акцент на активностите поврзани за заштита на животната средина со цел да се намали загадувањето и да се зачуваат водените ресурси.

Марина Илиевска

Таг
Back to top button
Close