Biznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Поддршка за програмата за железничка инфраструктура од матичната собраниска комисија

Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска даде поддршка на Националната програма за железничка инфраструктура за периодот 2019-2021 година, чија реализација ќе чини 16.667.761.134 денари (271.904.750 евра). Целта на програмата е да се одржи постојното ниво на сигурност и безбедност во железничкиот сообраќај на патници и стока и да се овозможи побрз сообраќај на „тесните грла“ коишто се јавуваат при движењето на возовите.

Скопје, 15 март 2019 (МИА) – Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија  денеска даде поддршка на Националната програма за железничка инфраструктура за периодот 2019-2021 година, чија реализација ќе чини 16.667.761.134 денари  (271.904.750  евра). Целта на програмата е да се одржи постојното ниво на сигурност и безбедност во железничкиот сообраќај на патници и стока и да се овозможи побрз сообраќај на „тесните грла“ коишто се јавуваат при движењето на возовите.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески информираше дека парите за примена на тригодишната програма  се планира да се обезбедат по пат на заеми (43,5 проценти), грантови (44 проценти), државниот Буџет на  (11,5 проценти) и сопствено учество на ЈП Македонски Железници Инфраструктура-Скопје (еден процент).

– Ќе се подготвува инвестициско техничка документација за ремонт и реконструкција на делниците на Коридорот 10 „д“, односно пругата Битола-Кременица, и завршување на изградбата на пругата на источниот дел од Коридорот 8 кон Бугарија, како и тековно и инвестициско одржување на железничката мрежа, рече Сугарески.

Тој дополни дека  за пругата кон Бугарија за која роковите се до 2025 година, се работи на првата делница, за втората се обезбедени финансии и се прават напори што поскоро да се обезбедат финансии за третата делница. Ќе се бараат пари и за пругата Кичево Лин за која е завршена проектната документација.

Во текот на расправата членовите на Комисијата од опозициската  ВМРО-ДПМНЕ побараа, а Сугарески прифати да им биде дозволен увид во физибилити студиите за тековните и идните проекти за да се информираат изворно за економската оправданост.

Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека држвата при одлуките дали треба да влезе во инвестициски зафати за изградба на делниците треба да се води исклучиво од економската оправданост и да води сметка дали државите со кои се поврзува ги реализираат инвестициските планови за таа намена.

– Тоа се мери според сообраќајот кој одвива на Коридорот 8 кој пред се е предвиден за товарен превоз. Според студиите од 90-те години ако немаме околу четири милијарди тони годишен превоз низ тој Коридор нема економска оправданост, рече Цуклев, посочувајќи дека нема економска оправданост и за пругата Кичево – Лин ако не се подобри состојбата на делот на кој таа треба да се надоврзе.

Инвестиции, посочи Цуклев,треба да има и  во делот на железничкиот сообраќај. – Моментно се исправни само три електрични локомотиви, едната со носивост од 2.000 тони, е една со носивост од 1.200 тони. На електрифицираната пруга на Коридорот 10  Куманово – Скопје гледаме дизел локомотиви од 60.те години, наведе Цуклев.

Неговиот сопартиец Благоја Деспотовски смета дека треба да зголеми безбедноста на железничкиот сообраќај особено на Коридор 10. Да се работи на превентивно одржување, а за таа цел да се ангажираат  експерти од Германија и Швајцарија кои би направиле преглед на состојбата и би кажале што е приоритетно.

– Размислуваме за нова инфраструктура, а постоечката не ја одржуваме како што треба, рече Деспотовски, дополнувајќи дека треба да се инвестира  во товарни вагони за контејнерски превоз со кој би се зголемиле приходите на МЖ Транспорт кое има долгови.

Министерот Сугарески појасни дека за пругата кон Бугарија има јасно определени рокови со потпишаниот меморандум меѓу двете држави и оти имаат редовна комуникација со тамошниот ресорен министер. – Проектните документации се прават врз основа на физибилити студии кои покажуваат дека проектите се исплатливи, рече Сугарески.

Тој потсети дека државата со околу 400 милиони денари годишно го финансира МЖ Транспорт кое има сериозни долгови од над 80 милиони евра. – Од тој аспект се размислуваат одредени опции  кои треба да се направат со цел и тоа претпрјатие да биде рентабилно, а не да функционира со дополнитени субвенции од државата, рече Сугарески, појансувајќи и дека за одржување и модернизација на пругите се предвидени девет милиони евра.

На седницата на Комисијата, беше усвоен и Предлог-законот за електронско управување и електронски услуги, во второ читање. Беа прифатени два амандмана со кои се врши терминолошко усогласување.лв/са/

 

 

 

Back to top button
Close