0_Web_АктуелноБизнисБизнис.ПорталЕкономијаИнтервју

Осми Март – добар потсетник за прогресот на жената, иако процесот не е целосно завршен

Денот на жената - 8 Март треба да се одбележува прогресот на жената во областа на социјалните, економските, културните и политичките права, слободи и достигнувања. Тој е добар потсетник, но за целиот процес да биде завршен има уште многу работа.

Скопје, 8 март 2019 (МИА) – Денот на жената – 8 Март треба да го одбележува прогресот на жената во областа на социјалните, економските, културните и политичките права, слободи и достигнувања. Тој е добар потсетник, но за целиот процес да биде завршен има уште многу работа.

Жената треба да ја знае својата вредност секој ден. Секоја жена треба да си го избере својот пат, така како што ќе биде своја и среќна. Жените носат среќа на светот и треба да бидат свесни за тоа.

Во интервју за МИА, Тања Милисковиќ, комерцијален директор во „Кромберг и Шуберт“, вели дека е магично и прекрасно да се видат 4.000 жени на едно место. Иако, додава дека минуваат низ секакви предизвици и многу работни саати, понекогаш со вршење притисок, секогаш е сигурна дека сите ќе дадат максимум за компанијата.

Дали го празнувате 8 Март и сметате дека треба да се одбележува?

Го почитувам 8 Март како ден што го одбележува прогресот на жените во областа на социјалните, економските, културните и политичките права, слободи и достигнувања, меѓутоа истиот е и добар потсетник дека процесот сè уште не е завршен и има уште многу работа за остварување на крајната цел бидејќи сè уште во општеството важат различни стандарди за жените.

Дали треба да се одбележува, сметам дека секоја жена и секој човек воопшто треба да си одбере за себе како и дали ќе го одбележува. Правила не треба да има, може и секоја година различно да се чувствувате, па според тоа и различно да одлучите дали ќе прославите или не. Кој може да биде како било тангиран или засегнат дали една жена слави 8 Март или не (?) Ако сака, ќе го слави, ако не, нема. It is all good.
Она што е најважно е дека жените треба да се свесни и да ја знаат својата вредност секој ден како и околината околу нив, да не се правдаат за своите избори во животот и да бидат среќни.

Мора да знаат и да веруваат дека се комплетни и доволни, со или без партнер или сопруг, со или без деца. Секоја за себе треба да си одлучи како е најубава, тоа е лична, индивидуална одлука што секоја жена треба да ја донесе за себе. Не сме сите скроени за исти приказни. Никој нема право некому да му брои залаци, да му анализира слики, да бара брчки или да мери колку килограми има, дали има деца, дали е мажена, дали е разведена, дали е самa итн. За мажите тоа никој не го прави или постои понаква мерливост. Така треба да ги учиме и помладите, девојчињата кои допрва треба да станат жени и кои имаат примери и се угледуваат на некого.

Не треба да растат со никаков притисок дека треба да бидат мажени или дека мора да имаат партнер или да стапат во брак до одредени години и да створат семејство за да бидат комплетни.

Тоа е избор и секоја жена треба да си го избере својот пат, така како што ќе биде своја и најсреќна. Никој нема право да очекува ништо од вас ниту пак треба некому да се правдате. Ако сте среќни и имате желба да стапите во брак или да имате дете, од вистинските причини, прекрасно, треба да го направите тоа. Ако не сакате, и тоа е прекрасен избор. Ако не сте сигурни дали сакате, и тоа е во ред. И крајно, што и да одберете, секогаш имате право и можност да се предомислите. Нема потреба да се оптварувате, само треба да се најде начинот да се ужива во животот и да се живее исполнет живот, со луѓе кои најмногу ги сакате.

Сите улоги кои можат да ги имаат жените се убави и еднакво вредни: мајка, ќерка, сестра, пријателка, внука, баба, тетка, девојка, партнерка, сопруга, ментор, работничка, претпоставена, уметница, негувателка….жена…во некои улоги нè сместува животот, за други одлучуваме сами. Не може да се погреши ако човек знае да си ги препознае благословите. Само треба да сме свесни за што сме скроени. Не сме – и треба да бидеме сите исти и во сè еднакво добри или успешни. Никој не е, и тоа е сосема ОК. Има една многу убава изрека што вели: „Жените треба да бидат доволно силни за да знаат да покажат нежност, доволно образовани за да бидат скромни и добронамерни, бестрашни за да можат да покажат сочувство и емпатија, доволно страсни за да бидат рационални и доволно дисциплинирани за да бидат слободни… сето ова заради самите себе.

Да се вратам на 8 Март, во компанијата се трудиме да ги одбележуваме сите празници или денови кои им се интересни или им значат на вработените. Секогаш настојуваме да биде нешто забавно и различно што ќе ги насмее тој ден. Во зависност од условите, на различен начин сме го одбележувале 8 Март (со делење ружи, делење подароци, накит, козметка, со претстава, организирање забави итн…) Секогаш ја користиме можноста да им се заблагодариме на сите наши дами за сè што прават секој ден, на работа и дома и да ги потсетиме дека се посебни и да ги потсетиме да се сакаат себеси и да не прифаќаат помалку од тоа што заслужуваат и сакаат во животот. Магично и прекрасно е да се видат 4.000 жени на едно место, насмеани… од самата енергија што се создава, енергија што ве носи и ве крева… чувствувате дека лебдите, чудо е, не може да се опише, мора да се доживее. Жените носат среќа на светот и треба да бидат свесни за тоа.

Колку како жена која е на менаџерска позиција, и тоа во голема компанија, наидувате и дали наидувате на пречки во реализирање на своите работни задачи?

Никогаш не гледам на мојата работа како работа што ја вршам како жена. Позицијата носи одговорност да бидете и да поставувате позитивен пример, без разлика на полот, односно да служите за остварување на заедничката цел на 6.600 луѓе (успешна компанија и задоволни вработени кои тука ќе најдат стабилност и секоја година ќе имаат нешто повеќе). Во таков случај, најважно е каков човек сте. Секако дека уживам што сум жена и не бегам од женственоста, меѓутоа кога треба да се засукаат ракавите, тогаш постои само работа. Мора да се биде професионалец, да се одработи на нивото на задачата и да се постигнат резултатите.

Се случувало да се соочам со глупави, стереотипни ситуации на пример, кога влегувате на состанок, сите очекуваат директорот да биде маж или да биде генерално „повозрасна“ личност, задолжително ако е жена да мора да биде во костумче или маж во одело…, меѓутоа не обрнувам внимание на такви работи, дури ми се малку и забавни бидејќи интересно е да се види изненадувањето на лицата кога ќе влезам во фармерки, маица и во патики и ќе се претставам. Обавезно се вртат уште еднаш да проверат дали е вистина или ќе дојде уште некој на состанокот.

Ако не се премине границата на непочитување, во принцип не реагирам, меѓутоа во никој случај не дозволувам некој да се однесува некултурно, со непочитување или непрофесионално само затоа што сум жена. Во таков случај, таквите лица добиваат прилика да научат или да се потсетат дека за невоспитано поведение и некултура, следуваат последици и сигурна сум дека нема да го повторат истото во наредна прилика.

Дали ве гледаат како помалку вредна и дека не можете да одговорите на задачата?

Никогаш не сум имала такво искуство. Напротив, сметам дека жените уживаат поголема доверба во тимовите и дека луѓето ако ви веруваат, ќе „ве пуштат“ поблиску до себе, ќе ви дозволат да ги запознаете во сите нивни бои, ќе вложат повеќе напори и ќе направат сé да бидат вашата најјака страна. Мојот тим со кои имам директна, секојдневна комуникација, како и сите наши вработени се моја сила и најубав подарок што сум можела некогаш да добијам.

Иако сме поминувале секакви предизвици, проблеми, захтевни „ramp up”-и и многу работни саати, и иако не секогаш сум била „најпријатната личност“ во просторијата, некогаш сум морала да вршам притисок, да дисциплинирам, да провоцирам, да повишам тон или да употребам погруби зборови… секогаш сум била сигурна дека сите ќе дадат максимум и дека дури и да треба да ја „поместиме“ фабриката на раце во сред ноќ, сите ќе дојдат и единствените прашања кои ќе ги постават ќе бидат: кога и каде.

Ќе повторам, мислам дека нема врска дали се работи за маж или жена, мора да ја заслужите довербата на луѓето, со работа, знаење и грижа, да служите и да придонесете за луѓето, да се чувствуваат безбедни и сигурни, да чувствуваат припадност кон тимот и приказната, да знаат дека работите за нивно добро, без разлика како понекогаш изгледаат работите. Балансот што мора да се постигне помеѓу централата, менаџментот, вработените и политиката е деликатен и мора постојано да бидете будни и да имате јасен преглед за да го сочувате принципот на интегритет. Тоа е единствениот начин како една приказна во индустријата во која ние работиме може да биде успешна.

Колку во земјава се почитуваат правата на жената и од аспект на менаџер, но и колку се почитуваат во вашата компанија каде што се вработени голем број токму жени?

Ќе одговорам за она што го знам со сигурност. Во нашата компанија 51 отсто се жени, 49 отсто се мажи. На лидерските позиции на сите нивоа, распределбата е прилично рамномерна, со простор за подобрување на застапеноста на жените во редовите на среден менаџмент.

Апсолутно не е дозволена дискриминација, по ниту една основа. Ние даваме шанси на сите и ги прифаќаме луѓето такви какви што се. Тоа е нашата најсилна карактеристика. Ние сме дале шанси на луѓе кои ги отфрлило и нивното семество, сме дале шанси на луѓе кои никој не сакал да ги вработи поради годините, сме дале шанси на луѓе кои никогаш претходно не работеле во животот…Различноста на сите 6.600 е нашето богатство. Не може да замислите колку многу имаме затоа што сите тие се наши луѓе. Тоа е огромна чест. Основни критериуми според кои оценуваме се: знаење, желба да се учат нови работи и соодветен карактер или темперамент. Кој каде ќе стигне, зависи исклучиво од личната способност, заслугите, амбициозноста и избор каде сака да оди.

Дали на иста позиција во компанијата има разлики во платите врз основа дали станува збор за маж или жена?

Не. Сите вработени кои се распоредени на иста работна позиција земаат исти плати, без разлика дали се работи за маж или жена, апсолутно е небитно. Бидејќи работиме со клучни индикатори за перформанс, разлики во платите може да има само поради разлики во постигнатите резултати што се објективни, транспарентни и мерливи.

Сузи Котева Стоименова

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close