0_Македонија.ПорталДописници МКД

Општина Кочани обезбеди 7,1 милиони денари за експропријација на имот во централното градско подрачје

Општина Кочани ја отпочна постапката за трајна експропријација на приватен недвижен имот во централното градско подрачје, а за што обезбеди 7,1 милиони денари.

Кочани, 2 март 2019 (МИА) – Општина Кочани ја отпочна постапката за трајна експропријација на приватен недвижен имот во централното градско подрачје, а за што обезбеди 7,1 милиони денари.

Пресметката е направена според пропишаната методологија за проценка на пазарната вредност на градежното земјиште и објектите што се наоѓаат на улицата „Стево Теодосиевски“, каде, во две фази, ќе се гради уште една сообраќајна лента како булеварско решение.

-Проектиравме над 20 улици во центарот на градот, од кои дел ќе се реконструираат, а другите ќе бидат новоизградени. Притоа, приоритет има улицата „Стево Теодосиевски“, на потегот од двојниот мост до спојот со улицата „Глигор Апостолов“. Според проценката, пазарната вредност на земјиштето и постојните објекти, за кои граѓаните имаат запишани сопственички права, изнесува вкупно 6,4 милиони денари. Доколку во текот на постапката сопствениците за кои не се запишани сопственички права докажат дека се стекнуваат со право на надомест, вкупната пазарна вредност ќе достигне над седум милиони денари, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Со експропријацијата, локалната самоуправа ќе откупи 9.765 квадратни метри, на кои се наоѓаат вкупно 30 парцели, од кои девет се државно земјиште, а на останатите се евидентирани 29 сопственици. На просторот има повеќе стари и напуштени објекти што ќе бидат срушени.

Од локалната самоуправа на Кочани најавија дека наскоро ќе се изврши проценка за експропријација на имотот и на преостанатиот дел на улицата „Стево Теодосиевски“, од спортската сала кај Гимназијата до спојот со улицата „Димитар Влахов“. та/вг/

Back to top button
Close