Дописници МКД

Од Здружението „Совест“ најавуваат граѓански протести против изградбата на минаре на Алипашината џамија во Охрид

Членството на Граѓанското здружение „Совест“ од Охрид најавуваат протести доколку не бидат стопирани нелегалните градежни активности при реконструкцијата и конзервацијата на Алипашината џамија во Градската чаршија.

Охрид, 14 март 2019 (МИА) – Членството на Граѓанското здружение „Совест“ од Охрид најавуваат протести доколку не бидат стопирани нелегалните градежни активности при реконструкцијата и конзервацијата на Алипашината џамија во Градската чаршија.

-Институциите да ги спроведат со закон утврдени надлежности, да престанат да ја префрлаат одговорноста едни на други, а во меѓувреме да продолжуваат незаконски градежни работи, истакна Томе Џамтоски од „Совест“.

Џамтоски посочи на конзерваторското одобрение врз кое се темели целото незаконско работење, појаснувајќи оти според точка 6 од одобрението мора да има правосилно решение за градење.

-Тоа досега во јавноста никој не го видел од една причина што никој орган не издал такво решение…Во следното решение од Управата за културно наследство се бара запирање на работите на Алипашината џамија. Она што претставува новост и е повод за оваа конференција и не охрабрува во нашите оправдани напори се последните најави на институциите дека конечно ќе се произнесат со став во јавноста, додаде тој.

Џамтоски предупреди дека доколку до понеделник тоа не се случи, ќе организираат протести како израз на незадоволството за незаконието и за непоправливата штета што му се нанесува на Охрид и охриѓани.

Од здружението повикаа на совеста на сите поединци и граѓани да не се дозволи космополитизмот на Охрид, неговата културно-историска вредност да биде трајно нарушена со незаконско дивеење на поединци за нивни лукративни потреби.

Од „Совест“ уште при првото појавување пред јавноста нагласија дека воопшто не се противат на конзервацијата ниту реновирањето на џамијата што е споменик на културата, туку на изградбата на 32-метарското минаре што воопшто не постоеше при почетокот на конзерваторските зафати на објектот, а за кое сметааат дека ќе ја наруши визурата на централниот дел на Охрид. аб/вг/

Back to top button
Close