Обичаи и верувања

Обичаи и верувања

15 март 2019

Песни за пролетта 

Пролетта како време кога повторно се враќа животот по пасивниот зимски песиод обемно е опеана во народните песни. Во тој контекст песните најмногу го опеваат цвеќето, како највпечатливиот елемент од доаѓањето на пролетта. Зголемениот ден, посилното сонце, раззеленувањето на гората, присуството на птиците и животните, мелодијата на овчарските кавали обемно се опеани во овие песни.

Здравче венче

Здравче, венче, миризливо цвеќе!
Здравче венче, берат ли те моми,
здравче, венче, китат ли те китки?
А здравец им потиом говори:
„Та мене ли моми да не берат,
та мене ли китки да не китат!?
Сета гора од мене мерише.“

Везден Цета цвеќе брала

Везден Цета цвеќе брала,
цвеќе брала киски прајла.
Цвеќето е проговори:
-Ори Цвето, малкој моме,
ти се молам во лепота,
не давај ме кому-годе,
кому годе по јунаци.
Јунаци ме н’убо носат,
везден, везден по појаси,
а на вечер по мејани.
Не давај ме кому-годе,
кому-годе по невести,
невести ме н’убо носат,
н’убо носат по пафтите,
а на вечер по лелајки.
Тук давајме по девојки,
девојки ме убо носат,
везден, везден по чапрази,
а на вечер златна чаша,
златна чаша студ’на вода,
златна чаша над визглавје,
поспи, поспи помирисај.

Цвеќе цвете трева ница

Цвеќе цвете, трева ница, варај бел цвет се роне,
виш-вишница, род родила ситнало бадема,
од род се преломила до црната земја.
Под нум седе лудо младо с малко девојче,
пред ним стое кондир вино и огледало,
напијат се, погледнат се, па се целиват.

Ситна роса роси

Ситна роса роси, ситна та студена,
дребна трева расте, паун ми ја пасе,
перјата му капат, момите ги збират,
та ги китка вијат, и ги препродават,
китка за илјада, перо за стотина.

Брала мома зеленика

Брала мома зеленика,
во два скута ката-дена,
ми увила зелен венец,
на венецот девет киски,
девет киски босилкои,
а десето потлескои.
Сирак јунак сеир чинит,
да се спушти е го грабна,
је го грабна зелен венец.
Се наљути љуто моме,
љуто колнит, солѕи ронит:
-Да би дал Бог, колку киски,
колку киски на венецот,
толку града да опшеташ,
опет назад да се вратиш,
пак во мојте рамни дворје,
да да речиш: Дај ми моме,
дај ми моме, кључоите,
да откључам Пирга града,
да вида шчо имат н’тре?
До два старци ми седеа,
збор збореа, строј стројаа.

Зумбул цафти у градина

Зумбул цафти у градина
ја го не берам!
На зумбуло бјулбјул пее,
ја го не слушам!
Под зумбуло извор вода,
ја го не пија!
До изворо љубне шета,
ја го не вида!

Заспала ми је Паун Богдана

Заспала ми је Паун Богдана,
заспала ми је, заспала ми је, на врх планина,
Послано е е, послано е е, зелена трева.
Лизглавје е е, лизглавје е е, се гороцвеќе.
Покриена е, покриена е, с’ зелена шума.
Туе помина, туе помина младо овчарче,
жалба му беше, жалба му беше да е разбудит,
пожал ми беше, пожал ми беше, да е оставит,
оту ми свирна, оту ми свирна сос писан кавал,
да ја разбуди, да ја разбуди Паун Богдана.

Карамфилче девојче

Карамфилче девојче,
карамфилче девојче,
гиди јагне галено,
гиди моме малено.

-Карамфилче девојче,
та еле се фалеше,
ти карамфил не носиш,
на карамфил мерисаш?
-В градина сам било,
карамфил сам газило,
та затоа мерисам.
-Карамфилче девојче,
та еле се фалеше
ти ракија не пиеш,
на ракија мерисаш?
-Земници сам кладило,
ракија сам пуштало,
та затова мерисам.

Девојче девојче

Девојче, девојче,
гранче јоргованче,
црвено јаболче,
киска босилкова,
грутка шеќерова,
не стој спроти мене,
изгорев за тебе!
-Гори, лудо, гори,
и ја така горам,
како лен за вода,
босилек за сенка. (Подготви Марко Китевски)

Back to top button
Close