Дописници МКДРепортажа

Најубавата глетка на Тиквешко Езеро

Полека! Внимателно! Фати се за карпата, па за дрвцето, држи се цврсто, сега полека придвижи се! Пази, затоа што се лизга... Не гледај надолу, за да не те обземе страв! Вака приближно гласеше инструкцијата од поискусните планинари, додека се качував по карпестиот дел, за да ја доживеам најубавата глетка на целото Тиквешко Езеро.

Кавадарци, 19 март 2019 (МИА) – Полека! Внимателно! Фати се за карпата, па за дрвцето, држи се цврсто, сега полека придвижи се! Пази, затоа што се лизга… Не гледај надолу, за да не те обземе страв! Вака приближно гласеше инструкцијата од поискусните планинари, додека се качував по карпестиот дел, за да ја доживеам најубавата глетка на целото Тиквешко Езеро.

Само што го дадов последниот чекор нагоре, ме обзеде некое чудесно блаженство. Таму горе времето како да беше застанало. За момент престануваш да дишеш, за да можеш да му се изнарадуваш на тоа што го гледаш. Постоите само ти и убавината што се простира пред тебе, како уметничка слика создадена од најдобриот уметник. Целата околина ја имаш како на дланка. Можеш да ги видиш околните врвови Орле и Сокол, Полошкиот манастир до кој се стигнува по вода, а погледот допира до таму некаде, чиниш до самата хидроцентрала. И не е важно дали ќе се истури дожд затоа што почна да роси, знаеш дека си стигнал до целта и ти е убаво на душата. Успешно е реализиран уште еден предизвик. Следува фотографирање за спомен и враќање назад.

Ривалството помеѓу кавадарчани и неготинци во фокусот на шегите

МИА беше дел од поголемата планинарска група што ја посети магичната и мистериозна карпа што го нуди најубавиот видик кон втората по големина вештачка акумулација во државата. Акцијата беше организирана од Планинарското спортско друштво „Орле“ од Кавадарци, а учествуваа 200 планинари од различни делови на земјава. Најпрвин со џип стар 43 години, на кој бришачот му работи со рачно вртење лево – десно, стигнавме до кавадаречкото село Бојанчиште, на 900 метри надморска височина.

Потоа пешачевме околу пет километри, по рамен терен, до соседното село Куманичево, кое се наоѓа на 870 метри надморска височина. Таму беа запалени свеќи во црквата „Свети Димитрија“, која има преубав фрескоживопис. Следуваше мало спуштање, па искачување, времето на искачување зависеше од кондициската подготвеност и искуството на секој поединец. Видикот се наоѓа на 855 метри надморска височина. Поминавме вкупно околу 14 километри во двата правца. Се движевме по шумски пат и по козји патеки, наместа имаше снег и кал. Пешачевме околу шест часа новинарско одење. Малку студеното време, со умерен северен ветер, не успеа да го оддува нашето позитивно расположение. Впрочем, секое другарување со планинарите поминува со шеги. Овој пат, меѓу другото, се шегувавме и околу тоа како кавадарчани кога ќе ја згрешат работата некаде кажуваат дека се од Неготино и обратно.

Мартинки на ранците за среќа

Во селото Бојанчиште постојано има луѓе во осумнаесетина куќи, неколку се сточарски, но во исто толку континуирано доаѓаат и иселени лица, нивни потомци и други што одбрале тука да поминуваат дел од своето време. Претседателот на месната заедница Стојче Златев ни кажа дека дваесетина градби се нови, а има интерес и за градење уште викендички. Во минатото, во селското училиште се школувале и до 92 деца до петто одделение.

Во Куманичево, пак, според информациите добиени од Ристо Јанчев, претседател на месната заедница, само во три куќи има постојани жители, кои одгледуваат околу 600 овци и осумдесетина говеда. Во други 13 куќи, од кои девет се нови, сопствениците редовно доаѓаат преку целата година. Има и неколку нови градби. Своевремено, пак, таму имало 97 многудетни семејства.

Малкуте жители и во двете села им се израдуваа на планинарите. Толку многу луѓе наеднаш ретко се гледаат овде. Некои од селските кучиња одвреме-навреме ни правеа друштво по патот. Покрај сонцето, ветерот, облаците.

Забележавме дека некои од планинарите носеа мартинки на ранците за среќа. А за среќа не треба многу. На пат до најубавата глетка на Тиквешко Езеро и назад, меѓу другото, среќа беше и да се слуша звукот од ѕвонците на говедата што пасеа наоколу.

Светлана Дарудова

Back to top button
Close