0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталДописници МКДРепортажа

Мостовите на реката Драгор во Битола

На коритото од реката Драгор во Битола, во урбаниот дел на градот има 16 моста, но ако во пребројувањето се вклучат удвоените мостови, како и мостовите што се наоѓаат кај првите куќи од населбата Довлеџик и последните куќи на улица „16-та“ или како што некои велат „под линија“, тогаш слободно може да се посочи дека на коритото од реката Драгор во Битола, во должина од околу 4.000 метри има точно 20 моста, или на секои 200 метри по еден мост. Квантитативно, тоа е двојно повеќе отколку Будимпешта - градот на девет моста, Белград - град со 10 моста, од нив два на Дунав и осум на Сава, или Загреб со 11 моста во градското подрачје каде што тече реката Сава.

Битола, 12 март 2019 (МИА) – На коритото од реката Драгор во Битола, во урбаниот дел на градот има 16 моста, но ако во пребројувањето се вклучат удвоените мостови, како и мостовите што се наоѓаат кај првите куќи од населбата Довлеџик и последните куќи на улица „16-та“ или како што некои велат „Под линија“, тогаш слободно може да се посочи дека на коритото од реката Драгор во Битола, во должина од околу 4.000 метри има точно 20 моста, или на секои 200 метри по еден мост. Квантитативно, тоа е двојно повеќе отколку Будимпешта – градот на девет моста, Белград – град со 10 моста, од нив два на Дунав и осум на Сава, или Загреб со 11 моста во градското подрачје каде што тече реката Сава.

Написите и белешките на хроничарите од градот и странство, посветени на мостовите на реката Драгор, најчесто се поврзуваат со мостовите во урбаниот дел на градот, а прв во редот, вдолж течението на реката е Црн мост, кој датира од првата половина на 19 век. Тој мост денес е удвоен со уште еден сообраќаен и исклучително фреквентен мост. Стариот Црн мост, кој некогаш се нарекувал „Горни мост“, од пред неколку години е пешачка зона, и понатаму сведочи за минатото, за времето кога го добил своето име. Според едни толкувања, бил наречен Црн мост затоа што бил бојадисан со црна боја, а според други, токму на тој мост бил одземен животот на повеќе политички затвореници кои во периодот на Втората светска војна биле судени на смрт или затворани во затворот што и денес се наоѓа во непосредна близина.

Наредниот мост по течението на реката Драгор е дрвениот мост „Кај каваци“. Името на мостот доаѓа од турскиот збор „кавак“, односно топола, јасика, а мостот бил токму кај тополите што и денес постојат во овој дел на градот. Инаку, во Битола, долго време мостовите биле дрвени, а најголем дел од нив целосно уништени со бомбардирањата врз градот или поставени експлозиви во Првата светска војна. По завршувањето на војната, Битола добива воено обесштетување или надомест за уништена инфраструктура, па така со познатата воена репарација од Германија само на реката Драгор се поставуваат шест железни моста, а четири од нив и ден-денес се во функција.

Железен е мостот кај Гимназијата, железен беше мостот кај Ректоратот или Пожарната, кој поради дотраеност е заменет со бетонски, железен е и мостот кај денешната административна зграда на Општина Битола, кој долго време беше нарекуван „Мостот кај Дивизијата“, бидејќи водеше кон воен објект на некогашната ЈНА, а железен е и мостот „Кај Интифа“ или мостот што денес битолчани го нарекуваат и Мост кај Судот, бидејќи во непосредна близина е судската палата во овој град.

За мостот „Кај Интифа“ има легенда и се поврзува со некогашната кафеана „Интифа“ што секогаш била преполна со гости, мераклии на вкусна храна, на чкембе-чорба и вино. На 50 метри од мостот „Кај Интифа“ е железниот мост „Кај Амбди“ или првиот мост до битолскиот Безистен. И за овој мост хроничарите од различни генерации архивирале многу податоци, почнувајќи од патописецот Евлија Челебија, кој го нарекол „Големиот мост“, потоа Мостот кај Саатот, но и мостот кај Пекмез-пазар бидејќи во тој пазар се продавал мед.

Следниот, осми по ред мост, заради дотраеност, но и заради новото урбано преуредување на централното градско подрачје е заменет точно пред четири децении, во 1979 година, кога е изграден бетонски мост и со можност за двонасочен сообраќај. Најверојатно оттогаш почнува еднонасочниот сообраќај на мостовите „Кај Интифа“ и „Кај Амбди“. Бетонскиот мост во 2015 година беше редизајниран, со можности за одморање на граѓаните и уживање во глетката што, за жал, речиси никој не ја користи, дури се добива впечаток дека битолчани, особено младите, вљубените, почесто застануваат на дрвеното мовче или како уште го викаат „Мост на вљубените“. Токму на овој мост може да се забележат врежани иницијали на млади вљубени од овој град, пораки, но, за жал, и ненамерни оштетувања предизвикани од младешка лудост. Повозрасните битолчани, пак, велат дека сепак тоа е „Мостот кај Мушон“, кој отсекогаш бил дрвен и пешачки.

Со германската воена репарација и денес во Битола функционираат „Ленски мост“, кој ги поврзувал куќите од едната страна на реката со чаршијата за лен, мостовите кај рибарниците и бојаџиите, како и мостот „Сали“, како еден од најфреквентните во градот. Сите мостови своите имиња ги добиле според дуќаните што доминирале во овој дел на градот, кој и денес води кон Старата битолска чаршија. Интересно е тоа што кај мостот на бојаџиите често се забележуваа јамболии, дифтици и друг текстил што се спростирале на мостот за да се исушат од бојата со која биле бојадисувани, додека пак за мостот „Сали“ легендата е поголема. Имено, долго време, во непосредна близина на мостот имало слаткарница, сопственост на познатиот слаткар Сали, Македонец муслиман од Голо Брдо, кој долго време живеел во Битола, а потоа се иселил во Турција.

Последниот, од пред неколку години новоизграден мост на коритото на реката Драгор, воедно донација на битолчанецот Владо Николовски, кој ја поддржа идејата за возобновување и редизајнирање на мостовите на реката, е мостот „Кај Балтовци“. На времето бил дрвен, ги поврзувал куќите од населбата Јени Маале со нивите во тој дел на градот, а денес е преуреден, железен со лесен и безбеден пристап и пешачки. Возобновувањето на мостот се изврши по долги години чекање или, подобро кажано, по целосното уништување на мостот по големата поплава во Битола, која во 1963 година ја предизвикаа надојдените води на реката Драгор.

Претпоследниот мост е „Мостот кај Кланицата“, кој името го добил од индустрискиот објект што долги години е лоциран на овој дел од градот и чија градба ја иницирале касапите и преработувачите на месо.

Последниот мост е „Железнички мост“, изграден во 1936 година, што всушност е удвоен, бидејќи со изградбата на улицата „Железничка“ до него е изграден нов мост за патен сообраќај.

Мостовите на реката Драгор во Битола се железни, бетонски и дрвени, а последниот камен мост е кај последните куќи од местото Под линија или куќите на улицата „16-та“. Во некои држави на градските мостови им се посветува посебно внимание, брзо се препознатливи, уредени, бојадисани и со инфотабли со кус историски осврт, каков што е примерот на посочената фотографија од мостовите на Миљацка и обележјето за Гаврило Принцип.

Во Битола тоа сè уште го нема, а намерниците за да дознаат единствено може да се информираат од книги и записи архивирани во библиотека. Едно е сигурно, на шега ќе речат битолчани – ако ништо друго, тогаш барем секој знае од каде течи Драгоро… одозгора!

Марјан Танушевски

Фото МИА

Back to top button
Close