Интервју

Костадинов за МИА: Најсилна алатка против лажните вести е вистината и како таа најбрзо да стигне до граѓаните

Најсилна алатка против лажните вести е вистината и начинот како таа вистинска информација што побрзо да стигне до граѓаните. Граѓаните заслужуваат вистинити, релевантни и навремени информации, вели во интервју за МИА портпаролот на СДСМ Коста Костадинов.

Скопје, 13 март 2019 (МИА) – Најсилна алатка против лажните вести е вистината и начинот како таа вистинска информација што побрзо да стигне до граѓаните. Граѓаните заслужуваат вистинити, релевантни и навремени информации, вели во интервју за МИА портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

Тој во лажните вести присутни во медиумскиот етер кај нас лоцира политичка заднина и при тоа директно ја посочува опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ, вели, во ниту еден момент не може да се поврзе со пласирањето на лажни вести.

– Во отсуство на идеи и предлози во интерес на граѓаните и државата, во отсуство на политичка агенда, ВМРО-ДПМНЕ своето делување во јавноста го темели на невистини, лаги и лажни вести во спрега со одредени интернет портали блиски до опозицијата. Најсилна алатка против лажните вести е вистината и начинот како таа вистинска информација што побрзо да стигне до граѓаните. Граѓаните заслужуваат вистинити, релевантни и навремени информации, вели Костадинов.

Следи целосното интервју со портпаролот на СДСМ Костадинов.

Во пресрет на одржувањето на претседателските избори и се позачестената појава на лажни вести во медиумскиот простор каков е ставот на партијата во однос на овој феномен и колку политиката има влијание врз креирањето лажни вести?

– Лажните вести и борбата против лажните вести се предизвик за демократските општества, а нашата земја е меѓу оние кои секојдневно се борат со штетите што нивното ширење ги предизвикуваат. Лажните вести кај нас имаат и политичка заднина. Во отсуство на идеи и предлози во интерес на граѓаните и државата, во отсуство на политичка агенда, ВМРО-ДПМНЕ своето делување во јавноста го темели на невистини, лаги и лажни вести, во спрега со одредени интернет портали блиски до опозицијата. Најсилна алатка против лажните вести е вистината и начинот како таа вистинска информација што побрзо да стигне до граѓаните. Граѓаните заслужуваат вистинити, релевантни и навремени информации.

Политичките ривали преку соопштенија Ве обвинуваат дека продуцирате лажни вести. На социјалните мрежи, исто така Ве обвинуваат дека портали блиски до вас и партиски ботови продуцираат лажни вести за дефокусирање на јавноста, создавање паника, хаос. Како се носите со овие обвинувања?

-Ова прашање Ви е поставено на целосно погрешна адреса. СДСМ во ниту еден момент не може да се поврзе со пласирањето на лажни вести, напротив. СДСМ секогаш е фокусирана на вистината и точно информирање на граѓаните, а својата политичка активност и агенда ја насочува кон резултати, транспарентност и отченост, кои се лесно мерливи и достапни до граѓаните. Единствената адреса за овие прашања е ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ве потсетам со еден пример: ВМРО-ДПМНЕ лажно обвинуваше дека се подготвуваат кампови што треба да примат огромен број бегалци ширум земјава, а тоа никогаш не се случи. Наназад ако се навратиме ќе дојдеме до неверојатна бројка на лажни вести пласирани од оваа партија, можете да го истражите тоа. Речиси секоја втора прес конференција од оваа партија е пласирана лажна вест. Во периодот пред референдумот, СДСМ упати неколку соопштенија со предупредување до граѓаните дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести. Се тоа се потврди дека е погрешно односно невистинито. Дополнително, СДСМ нема „ботови“ на социјалните мрежи, тоа е исто така „заштитен знак“ на ВМРО-ДПМНЕ и поддржувачите на одредени структури блиски до опозицијата кои се против НАТО, против ЕУ и на коишто им смета напредокот на земјава.

Како може да се превенираат лажните вести, како најлесно да им се застане на патот?

– Како што споменав, вистината е најсилното оружје против лажните вести. Со брза проверка на фактите пред некоја информација да биде објавена, преку споделување на вистинити и релевантни информации со граѓаните, лажните вести може лесно да бидат препознаени и отфлени од граѓаните. Иако станува збор за релативна новина кај нас, сепак е воочливо дека граѓаните сепак се повеќе се едуцираат, се повеќе ги препознаваат и се повеќе ги отфрлаат лажните вести односно се трудат да добијат верификација од кредибилни извори.

Виолета Геров

 

 

 

Back to top button
Close