0_Web_АктуелноДописници МКДСторија

Кочанецот Киро Стојов најхуман во 2018 година, донираше орган и спаси млад живот

Четириесет и деветгодишниот Киро Стојов од Кочани е едноставен и добродушен човек, кого неговите сограѓани долги години го знаеја како момчето со велосипед кое разнесува весници. Тој го доби општинското признание за хуманост за 2018 година, па јавноста ја дозна и приказната за неговото широко срце, што дотогаш им беше позната на потесен круг негови познаници и пријатели. Не поради тоа што таа не заслужува пошироко внимание, туку затоа што Стојов од скрoмност не ја раскажуваше толку често.

Кочани, 10 март 2019 (МИА) – Четириесет и деветгодишниот Киро Стојов од Кочани е едноставен и добродушен човек, кого неговите сограѓани долги години го знаеја како момчето со велосипед кое разнесува весници. Тој го доби општинското признание за хуманост за 2018 година, па јавноста ја дозна и приказната за неговото широко срце, што дотогаш им беше позната на потесен круг негови познаници и пријатели. Не поради тоа што таа не заслужува пошироко внимание, туку затоа што Стојов од скрoмност не ја раскажуваше толку често.

Давањето орган за пресадување од жив донатор е редок случај, не само за македонски услови, туку и за поширокиот балкански простор. Токму Стојов е меѓу неколкуте благородни луѓе кај нас, чиј случај за доброволно донирање дел од црниот дроб за лице со кое не е во роднински врски, го сврте вниманието на кочанската јавност, која без дилеми даде поддршка на предлогот тој да ја добие наградата за најхумана личност.

– Со семејството Манови од Кочани имав деловни контакти повеќе години и знаев за сериозните здравствени проблеми на нивната ќерка Ленче, која страдаше од автоимуно заболување, поради што животот ѝ беше загрозен. Скапите медицински испитувања на кои беше подложена покажуваа дека болеста напредува и само пресадување на црниот дроб може да ја спаси од најлошото. Извесен период нејзиното семејство бараше донатор, но тоа не беше едноставно бидејќи дотогашните опции не даваа голема сигурност за совпаѓање на потребните параметри за успешност на постапката. Токму во тој период на безнадежност еден телефонски повик кај мене ја поттикна желбата да помогнам, па се согласив да направам почетни испитувања дали јас можам да бидам донаторот. Тестовите беа позитивни и решив заеднички со Ленче да ја започнеме долгата и детална процедура за пресадување. Дополнителна поддршка добив и од моето семејство, иако сите бевме свесни за опасностите и можните несакани последици. Сепак, воопшто немаше дилеми – ќе помогнам за да може друг млад живот да продолжи, раскажува Стојов за почетоците на својата хумана мисија.

Испитувањата за компатибилноста на двата организма траеле повеќе од една година, при што и Киро и Ленче биле подложени на низа детални анализи. Првиот обид за пресадување на дел од црниот дроб започнал во Хрватска, каде подготовките за операцијата се одвивале скоро еден месец.

– На наше големо разочарување, токму кога очекувавме дека постапката ќе се реализира, хрватските лекари нè информираа дека се откажуваат од процедурата. Веројатно ризикот на кој бевме изложени, за нив беше преголем и рекоа дека зафатот нема да се изведе. Неофицијално дознавме дека специјалистите во балканските држави ретко се одлучуваат да вршат пресадување од жив донор, а од околу илјада случаи во Хрватска дотогаш имало само десетина такви операции. Сепак, Манови не се откажуваа и дознаа дека оперативниот зафат може да се изведе во болница во Анталија, во Турција. Таму бевме подложени на нови испитувања од почеток, што траеја цел месец и на крај лекарите се согласија да го извршат пресадувањето. За среќа, сè одеше според очекувањата и оперативниот зафат заврши успешно, задоволно додава Стојов.

Вообичаено, донирањето органи се поврзува со финанисиски или други придобивки, но за хуманиот кочанец единствен мотив за тоа бил да спаси живот и да го врати спокојот во семејството Манови.

Признанието за хуманост од Општина Кочани му беше доделено јавно, на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, а честитки за својот хуман гест Стојов доби и од евроамбасадорот Самуел Жбогар. Слично признание му додели и здружението на бубрежно болни „Нефрон“ од Скопје.

– Сметам дека голем удел во целата ситуација имаа и граѓаните на Кочани. Тие организираа хуманитарни концерти и други активности со кои се собраа парите потребни да се плати патувањето и престојот во Турција. Трошоците за оперативниот зафат пак, беа на товар на Фондот за здравство. Единствената награда за мене е што еден млад, за мене добро познат лик, повторно го гледам насмеан и ведар. Не чувствувам никакви здравствени проблеми, ниту какви било последици од операцијата. Често пешачам во природа, не се откажувам и од мојот велосипед, а во слободното време чест придружник ми е домашниот миленик, кученцето Лара. Со семејството Манови го зајакнавме пријателството, а најголема радост ми е што сега јас и Ленче заеднички го прославуваме 1 септември како втор роденден, заклучи Стојов и замина на рекреација со велосипедот.

Тони Ајтовски

 

Back to top button
Close