0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderДописници СветРепортажа

Грашевина и Кутјево – симбол на хрватската винска култура

Во Хрватска постои тенденција да се афирмира континенталниот дел на оваа некогаш наша заедничка република, што не е толку комерцијално туристички искористен како јадранското крајбрежје.

Кутјево, 17 март 2019 (МИА) – Во Хрватска постои тенденција да се афирмира континенталниот дел на оваа некогаш наша заедничка република, што не е толку комерцијално туристички искористен како јадранското крајбрежје. Еден од тие предели е Пожешко-славонската Жупанија, која има 800-годишна традиција во лозарството и каде што се одгледува едно од најдобрите хрватски вина – грашевината.

-Поводот зошто ги поканивме новинарите од Северна Македонија, Србија, Словачка, Хрватска… е посета на оваа жупанија, која има богатство во лозарството, во квалитетните вина и грашевината, како и туристички потенцијали, подрачје што, за жал, не е доволно посетено. Доколку ја сакате својата земја, мора прво да ја запознаете, а ние, Хрватите, малку ја познаваме својата татковина, ни изјави Тина Чубрило, претседателка на Светското здружение на туристички новинари за Хрватска и потпретседателка на ФИЏЕТ – Светска асоцијација на туристички новинари.

Заедно со останатите новинари од ФИЏЕТ, МИА се упати во „откривањето“ на туристичката понуда на континентална Хрватска, на Славонија и Кутјево, кое е симбол на хрватската винска култура, меѓу кои е белото вино – грашевина.

Кутјево е мал град во Пожешко-славонската Жупанија со околу 4 000 жители, познато по виното уште од 1232 година. Развојот на лозарството преку феудалната црква и племството има 800-годишна традиција. Денес околу 30 винарници организирани во здружението „Грашевина Хрватика“, што произведуваат 100 000 литри вино годишно, се натпреваруваат кој ќе произведе подобро вино и сложни се кога треба да ги бранат боите на сортата грашевина.

Во Кутјево, престолнината на грашевина, главниот плоштад е наречен Трг на грашевината – ни изјави градоначалникот Јосип Будимир.

-Лозарството бележи подем во поранешна Југославија со создавање на Земјоделскиот комбинат Кутјево, кој станува носител на развојот на овој крај. Оваа фирма, во која некогаш работеа 2 000 лица, денес е приватизирана со 600 вработени и во моментов има над седум милиони литри резерви. Втор по големина по производство на вино е Владо Краутхакер, кој има 1 650 хектари виногради или вкупно имаме над 30 винарници во овој крај и можеме да бидеме предводници на туризмот во континенталниот дел на Хрватска и на тоа работиме – порача Будимир.

Од 30-те винарници, ние се упативме во обиколка и дегустација на 5 винарски подруми, некои стари со векови, а други со најсовремен изглед на 21 век.

Најголем е подрумот Кутјево, кој се наоѓа во центарот на градот и каде што е второто по големина винско дабово буре во Хрватска. Таму е и најстариот вински подрум во Европа во кој од 1232 година се чува и се пие вино. Приказната за винарската визба наративно ни ја раскажа енологот Драго Хумски, а омилен дел е оној за посетата на царицата Марија Тереза и нејзиното страсно дружење со баронот Тренк, за што, според легендата, се останати траги на една од камените маси.

Како противтежа на историјата на винарството сочувана во подрумот Кутјево се наоѓа блиската винарница Галиќ – најново чудо на винската технологија и дизајн во кој неодамна се инвестирани над 8 милиони евра. Во надреално ентериерно уредениот простор за дегустација и подрум нè придружуваат звуци на класичната музика. Се гордеат со своето розе, а покрај грашевината го истакнуваат совињонот со изразено буке и купажата Г-точка црно.

Втора по големина е винарницата Краутхакер, која има придонесено за репутација на Хрватска како земја на виното на меѓународната сцена, освојувајќи бројни награди за своите вина, меѓу кои и Декантер, Мундус вини, Шардоне ду монде. Тие се најголем извозник на вино во Хрватска и имаат пласман во 16 држави. Од вината што се извезуваат, околу 62 отсто отпаѓа на извозот на грашевина. Одгледуваат 80 отсто бели сорти, а останатите 20 отсто се црни. Грашевината се одгледува на шест позиции и виното на секоја од овие позиции има сопствено шише, име и приказна, ни раскажува сопственикот Владо Краутхакер.

-Кутјево е познато по грашевината и таа е извор на една традиција во Хрватска како најзастапена сорта. Грашевината е најпродаваната сорта и најголем хрватски извозен капитал. Ние се обидуваме да ја заштитиме славонската грашевина како наш бренд и мислам дека наскоро ќе успееме да ја презентираме како сорта, како наш хрватски вински производ. Секоја држава има своја препознатливост, а ние во Хрватска имаме три сорти, тоа се грашевината, плавац мали и малвазијата, и работиме на тоа тие да бидат наш бренд, ни изјави Краутхакер.

Во Кутјево ниедна дегустација не може да почне без грашевината, па така и во винарницата на Бранко Јакобовиќ, кој нè поздрави со зборовите: „Можете да пробате што сакате, но прво треба да ја пробате мојата грашевина, бидејќи е најдобра”.

Престолнината на грашевината има и своја кралица на виното. Малата винарска визба Тандара ја водат три жени. Бевме пречекани од Николина Тандара, која беше прогласена за винска кралица во 2010 година.

По силните дегустации ја запознавме грашевина. Грашевината е синоним за бело грозје од сортата италијански ризлинг, која дава најдобри резултати во Славонија. Се произведува според процесот на ферментација и одлежување во иноксни силоси, што ја овозможува нејзината автентична сортна карактеристика. Грозјето се бере нешто подоцна од моментот на неговото зреење, што му дава на ова вино повеќе разновидност и арома. Мирисот на грашевината е многу слоевит, разновиден и комплексен, а преовладуваат цветните карактеристики. Вкусот е комплексен и долготраен на непцето.

Доколку дегустирате вино, препорачливо е паралелно да ги пробате и гастрономските специјалитети од дадениот крај. А тоа во случајот со Славонија и Кутјево е вистински предизвик. Тоа се идеално вкусниот домашен кулен, домашните колбаси, шпек-сланината, џимиринките, леб со зачинета маст…

Како понуда во Кутјево е и познатата Академија на грашевината, хотел и ресторан во кој, покрај виното, 27-годишната готвачка и менаџерка Марија Франјиќ успешно ги спојува продуктите од цела Хрватска и Славонија во вкусни и визуелно атрактивни специјалитети. Имавме задоволство да пробаме: домашна пита со ароматизирана маст, домашни тестенини со сланина и свежо сирење, свинско филе полнето со суви сливи на бели и жолти жгањци (тестенини) и креативни и вкусни десерти.

Нашата домаќинка, директорката на Туристичката организација на Пожешко-славонската Жупанија, Маја Јакобовиќ-Укушиќ, за МИА изјави дека грашевината од цела Европа дава најдобри резултати тука, според што се брендира целиот овој крај, кој е наречен Златна Долина.

-Гастрономијата се надградува на енологијата и имаме еногастротуризам, а тука е и нашето природно богатство, како геопаркот Папук, каде што има луксузни вили за одмор со сите содржини на хотел од 5-та категорија. Ја негуваме традиционалната гастрономија, на нашите баби, со рецепти од минатото, а како специјалитет би го споменала виноградарскиот ќебап со најфини парчиња на свинско и телешко месо, зеленчук, кои се обвиткуваат во марамица и се пече на ражен, како во турско време, ни посочи првиот човек на туризмот на Западна Славонија.

Златната Долина, како што го нарекуваат овој крај, има и прекрасни дворци, како што е дворецот и хотел Кутјево од 18 век, потоа хотелот Schön-blick (Убав поглед) и други туристички занимливости и, како што порача Маја Јакобовиќ-Укушиќ, покрај грашевината, постојат повеќе други причини за да се поканат туристите од Северна Македонија да дојдат и да го откријат овој преубав, а непознат предел на континентална Хрватска.

Оливер Бранковиќ

Back to top button
Close