0_Web_АктуелноMakedonija.SlajderДописници МКДСторија

Филигранството, уметност преку која се изразува кумановката Јелена Спасовски

Нежните пеперутки се најчесто бараните филиграни што последниве три години ги изработува кумановката Јелена Спасовски. Во своето катче во домот таа трпеливо го витка срмениот конец на претходно изработениот цртеж. Не може, а да не се забележи нејзината смиреност додека со љубов го работи овој вековен занает. На ѕидовите се закачени рамки со филигран на кадифена подлога, пеперутки, икони, пауни.

Куманово, 17 март 2019 (МИА) – Нежните пеперутки се најчесто бараните филиграни што последниве три години ги изработува кумановката Јелена Спасовски. Во своето катче во домот таа трпеливо го витка срмениот конец на претходно изработениот цртеж. Не може, а да не се забележи нејзината смиреност додека со љубов го работи овој вековен занает. На ѕидовите се закачени рамки со филигран на кадифена подлога, пеперутки, икони, пауни.

Модерниот индустриски дизајн со кој претходно се занимавала и изработка на лампи го заменила со оваа дејност, за која оваа креаторка вели дека е поженствена и во која таа се пронаоѓа. Дипломираната модна дизајнерка работела повеќе дејности во оваа област, од моделар на чевли до изработувач на индустриски дизајн, но сепак се одлучила за изработка на филиграни.

Нејзините креации двапати беа избрани за сувенир на Општина Куманово.

Минатата година таа изработи „пиле копче“, женски накит, од традиционална женска народна носија од 20 век, карактеристична за Кумановскиот Регион, што беше прогласено за сувенир на Општина Куманово и беше избрано на минатогодишниот конкурс за избор на сувенир на градот. Украсот беше изработен од срма, проткаен со кристалчиња, а дизајнерката се инспирирала од посетата на кумановскиот музеј.

-Истражував за овој сегмент. Се инспирирав од посетата на музејот, ги разгледував носиите, накитот што го носеле жените и мислам дека успеав да го доловам автентично, за да може Општината достојно да се презентира пред гостите од странство. Украсот го носеле исклучиво невестите, рече дизајнерката Спасовски.

Триесет и петгодишната кумановка учествуваше и на годинашниот конкурс за избор за сувенир на градот, овој пат со реплика изработена од срмен конец на препознатливите Спомен-костурница и Занаетчиски дом Куманово, поставена на подлога од кадифе во стаклена рамка.

-Се трудев да изгледа колку што е можно попрофесионално, како и за сите мои креации. Овој пат се инспирирав од знамето на Општината и најубавиот архитектонски објект, Занаетчискиот дом, појаснува Спасовски.

Сувенирот ги содржи елементите на препознатливност на Куманово и ги отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово, но е и приспособен за производство и туристичка промоција на градот.

-За да изработам еден сувенир потребни ми се три – четири часа. Користам срмен конец, најчесто во златна и сребрена боја, вели Спасовски.

Таа доста инвестирала во себе за да се усоврши посетувајќи курсеви и обуки организирани од нејзините постари колеги од државата за овој занает.

Во последно време често се бараат пеперутките, бидејќи тие се карактеристични за Македонија. Тие се симбол на разиграност, симболично го претставуваат животот, неговата разиграност, радоста што ја нуди, исто како и нивниот грациозен и лесен лет.

-Пеперутките се најбарани. Нашинците кои живеат во странство често ги бараат за подарок на пријателите. Речиси нема земја од Европа во која немаат однесено филигран, пред сè пеперутки. Секако, и во Австралија, САД, дури и Непал, додава Спасовски.

Во последно време се бараат и имиња изработени на кадифе. Јелена користи срмен конец, но и кристалчиња.

Нишките се виткаат и преплетуваат, меѓусебно се врзуваат и така се обликува мотив што може да биде положен на подлога. Оваа техника, која Спасовски почнала да ја работи како хоби, младата кумановка ја усовршила до степен на професија.

-Убаво е да се работи во оваа техника, позната низ вековите. Како еден стар занает во кој се применуваат стари техники, но со современ дизајн, заклучува младата кумановка.

Инспирацијата ја пронаоѓа во секојдневието, во старините, во убавината на животот.

Александра Максимовска

Back to top button
Close