Дописници МКДРепортажа

Eднаш под маска – засекогаш на Струмичкиот карневал

На неколку дена пред одржувањето на годинашниов карневал Струмица почна да живее со маските. Карневалската треска се чувствува насекаде. Струмичани му остануваат верни на аманетот на претходниците подготвувајќи ги своите маски. Со месеци карневалските групи и поединците, скриени од очите на јавноста и „конкуренцијата“, ги подготвуваат карневалските креации.

Струмица, 5 март 2019 (МИА) – На неколку дена пред одржувањето на годинашниов карневал Струмица почна да живее со маските. Карневалската треска се чувствува насекаде. Струмичани му остануваат верни на аманетот на претходниците подготвувајќи ги своите маски. Со месеци карневалските групи и поединците, скриени од очите на јавноста и „конкуренцијата“, ги подготвуваат карневалските креации.

 

Карневалското здружение „Струма“ од Струмица останува доследно на своето непрекинато 26-годишно учество на карневалот, но верно е и на вековната традиција на одржувањето на Струмичкиот карневал.

 

Процесот на изработка на маските поминува низ неколку фази. Прво се одбира темата, потоа се набавуваат материјалите и потоа следува најтешката фаза – подготовката на маските. Се работи буквално и дење и ноќе. Мажите се задолжени за потешките работи, како што е подготовка на возилата, а жените ги подготвуваат маските. Шијат, кројат, додаваат, одземаат, пробуваат, за на крајот да ја создадат посакуваната маска.

 

Женскиот дел на „Струма“ во една просторија ги подготвува маските, а околу нив расфрлани купишта патики и разни материјали.

За Добрила Достинова, „шефот“ на здружението и на групата, најважно е што секоја година во изминативе 25 години сè повеќе напреднуваат во изработката на маските.

-Се надевам дека годинашнава маска ќе биде „нај, нај“. Верувам дека до 9 март, до одржувањето на Интернационалната карневалска вечер, ќе успееме да ја завршиме маската и да излеземе подготвени, вели Достинова.

И годинава нивната група ќе настапи во категоријата карневалски групи до 50 членови. Открива дека маската се изработува на повеќе места.

-Тука лепиме одредени делови од маската, а на друго место се шијат костумите. За разлика од други групи, ние имаме постојан спонзор и сме му благодарни што ја разбира нашата голема желба за изработка на маски и учество на карневалот. Годинава добивме финансиска помош и од Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал за подготовка на маската, информира Добрила Достинова.

Се надева дека годинашнава маска ќе биде најдобра досега и ќе биде вистински „бум“ на карневалот.

-За нас учеството на карневалот е болест, зависност. Ние не можеме, а да не учествуваме на карневалот. Од формирањето на здружението до денес секоја година учествуваме. Некогаш учествуваме со три групни, големи маски, а некогаш настапуваме со една маска. Нашите маски се паметат и секогаш се најдобри – „Дизниленд“, потоа „Мапет шоу“, „Клеопатра“, „Плејбој“ и други. Лани настапивме со маска за една љубовна приказна „Сончоглед“, која има многу голема поврзаност со карневалот. Раскажавме приказна за љубов меѓу две сестри и богот на сонцето. И годинашната маска ни е поврзана пак со љубовта, но за една љубов што е вечна и неуништлива. Маската ќе претставува вода и оган, што значи дека ниту водата се уништува ниту, пак, огнот, а таа љубов меѓу нив останува вечна, открива по малку дел од маската Достинова.

На крајот ни откри уште една тајна – сака да отвори школа за изработка на карневалски маски. Им фали само простор каде да ја реализираат идејата и се надева дека општината ќе им помогне. Достинова смета дека на тој начин ќе ја приближат изработката на маските до помладите и на тој начин ќе може да се продолжи вековната традиција на Струмичкиот карневал.

-Во нашата група има членови од повеќе генерации. Сите што доаѓаат ги учиме да работат и да изработуваат маски и плус тоа имаме една традиција – младите да се запознаваат и да склучуваат бракови, гордо објаснува Добрила Достинова, претседателка на Карневалското здружение „Струма“ од Струмица.

Од „лименката“, местото каде што работи дел од женската група, заминуваме кон еден голем автосервис на периферијата на Струмица. Таму нè пречека Никола Петров и веднаш нè упати кон „портпаролот“ на машкиот дел од групата, Митко Кармзов. Неколкумина членови на „Струма“ на голема камионска приколка ги поставуваа контурите на статичниот дел од големата маска. Речиси два месеца, секоја вечер, работат на маската.

-Тешкиот дел е резервиран за мажите. Ете, и самите гледате – заваруваме, поставуваме платформи, сечеме… Во текот на подготовката доаѓа и до промени на маската во однос на првично планираниот изглед. Мораме и технички да се подготвиме и потоа доаѓа најтешкиот дел – уметничкиот, кој се реализира последните денови, објаснува Митко.

На нашето прашање која маска досега му е најдрага, вели дека тоа е многу тешко прашање.

-Има повеќе што можеме да ги одделиме. Пред неколку години впечатлива ни беше маската „Главата на јарецот“. Претходно ја имавме „Визија“, но едно е заедничко за сите нас што од година во година подготвуваме сè подобри и подобри маски. Тоа се должи на зголемувањето на членството во здужението кое со себе носи идеи за маски, а пресудно за добра маска е да имате концепт, идеја и автентичност на тоа што сакате да го прикажете, вели Митко Кармзов.

Додава дека единствена награда за вложениот труд се аплаузот од публиката и наградите од стручното жири на карневалот.

-За нас за да имаме добра маска пресудна е традицијата на Струмичкиот карневал, но најважно е да им ја пренесеме на помладите генерации и тоа да го сфатат и прифатат, но пред сè и да го почувствуваат тоа. Кога ќе влезеш во карневалот, никогаш повеќе не излегуваш. Остануваш во него и си карневал сè додека можеш, рече на крајот Митко Кармзов, член на Карневалското здружение „Струма“ од Струмица.

И другите карневалски групи од Струмица на големо ги подготвуваат своите маски. Дел од нив своите карневалски креации прво ќе ги претстават на традиционалниот маскенбал, што се одржува еден ден пред „Големиот карневал“, како што велат струмичани. Тогаш веќе ќе се знае кој со каква маска ќе настапи и на какви маки ќе биде карневалското жири кое ќе треба да ги оценува.

Годинава Струмичкиот карневал се одржува од 6 до 13 март, а главниот настан – Интернационалната карневалска вечер ќе се одржи на 9 март, в сабота.

Ристо Тасев

Back to top button
Close