0_Web_АктуелноBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталДописници МКДРепортажа

Домашните производи од Малешевијата најбарани од туристите околу Беровско Езеро

Еколошки здравата храна од Малешевијата веќе долги години наназад е присутна како една од најпримамливите понуди за туристите кои најчесто за викенди го посетуваат Берово. На крајот од патеката што води околу Беровско Езерo редовно ќе ги сретнете производителите кои готовиот производ од недопрената природа на Малешевијата го нудат како храна, но и како лек за подобрување на имунитетот. Меѓу луѓето кои повеќе од 15 години произведуваат чисти еколошки производи е и семејството Билјарски, кое, соочено со безработицата, се решило за оваа дејност, од која засега егзистираат.

Берово,  16 март 2019 (МИА) – Еколошки здравата храна од Малешевијата веќе долги години наназад е присутна како една од најпримамливите понуди за туристите кои најчесто за викенди го посетуваат Берово. На крајот од патеката што води околу Беровско Езерo редовно ќе ги сретнете производителите кои готовиот производ од недопрената природа на Малешевијата го нудат како храна, но и како лек за подобрување на имунитетот. Меѓу луѓето кои повеќе од 15 години произведуваат чисти еколошки производи е и семејството Билјарски, кое, соочено со безработицата, се решило за оваа дејност, од која засега егзистираат.

-Кога ќе се соочиш со немање работа, мора да најдеш начин да заработуваш од нешто. Добра страна на Малешевијата е што секогаш можеш да се потпреш на она што природата ни го дала. Па така, некаде пред 15 години почнавме со нешто што подоцна се претвори во работа од која може да се егзистира. Сето ова што го гледате е домашно, природно, на домашен начин ги правиме сите производи. Имаме производи, од сокови и слатко до боров сируп и мед, кој е многу добар за подобрување на имунитетот, како и за прочистување на дишните патишта. Коктелите и соковите што ги правиме се најдобри за имунитет, а од нив имаме речиси од сите видови овошје. Од соковите и коктелите најзастапени ни се оние од аронија, боровинка, рибизла, капина, малина, трнка, дренка, глог, вишна. Произведуваме и јаболков оцет, кој е многу здрав за чистење на токсините во организмот, како додаток во супи и салати. Кога сме кај здравјето, овде е и семето од коприва, кое содржи многу железо и е добро за слабокрвност. Слатко имаме од сите видови, од јаболко, малина, боровинка и капина до брусница, аронија, цреша, рибизла, слива и тиква со ореви. Што би се рекло, овде е целата природа на дланка, вели производителката Жаклина Билјарска.
Покрај овошните задоволства, ова семејство произведува и сирупи, кои се најбарани во зима.
-Имаме сируп од јаглика, од глуварче, кремови од полен и прополиси, миксови од мед и семиња, производи што се мошне полезни за добро здравје, додава Билјарска.
Вели дека производството е долготраен процес што почнува прво со берба и купување на плодовите.
-Додека се складира, односно додека производите дојдат до продажба потребно е време. Првиот и последен услов за еден производ да биде баран од купувачите е тој да биде квалитетен и добар. Производите најчесто овде ги пласираме, но ги праќаме и по карго, автобуси и слично, додава Жаклина.
Семејството Самарџиски, исто така, е едно од оние што се редовно присутни во околината на Беровско Езеро, каде што може да се забележи широката палета на чисти еколошки производи што ги произведуваат повеќе од 10 години. Имавме можност да вкусиме од домашната ракија што е дел од нивната понуда и мора да признаеме вкусот беше посебен.
-Повеќе од 10 години се занимаваме со производство на домашни производи. Најчесто произведуваме домашни сокови од рибизла, трнинка, капина, аронија и сите останати шумски плодови. За еден готов производ да стигне пред клиентите, мора да помине и одреден процес. Нашето производство се состои на тој начин што најпрвин одбираме квалитетно овошје, кое го купуваме, а потоа почнуваме со подготовката на соковите. Нашите сокови ги правиме со и без шеќер. Цените на производите најчесто зависат од цената на овошјето. Ако овошјето што го купуваме е поскапо, нормално и цената е повисока и, обратно, ако го купиме овошјето поевтино, и цената на домашниот сок е поевтина. За квалитетот на ракијата имавте можност сами да се уверите, така што повеќе од 10 години со ова се занимаваме и е наш основен извор на егзистенција, вели десната рaка на сопругот Венчо, беровката Бранка Самарџиска.
И ова семејство производите најчесто ги пласира на домашниот пазар, праќајки ги производите по редовните автобуски линии најчесто во Скопје, но и во Западна Македонија. За нив најголемо признание е наградата за квалитет што ја имаат освоено на саем во Виена, Австрија.
Производството за Самарџиски е семеен бизнис, па така на тетка Бранка во продажбата друштво со својата тезга ѝ прави и нејзината јатрва Драгица Самарџиска, која ни раскажа за тоа кој шумски плод во кој дел од годината се собира.
-Сезоната почнува од мај до јуни, кога е време на јаготката, рибизлата, малината, капината и боровинката. Тоа трае до септември, а потоа во октомври почнува сезона на шипката, по што се фокусираме на подготовка на производите што сами ги правиме. Интерес за купување, фала му на бога, има. Како што не сме вработени, ова е начин да преживееме, вели Драгица Самарџиска.
Во приказната за оваа група луѓе ќе го вброиме и беровецот Славчо Миовски. Нему силна страна му е изработката на сувенири.
-Изработуваме секакви видови сувенири, од секири, бунари и икони до разни други украси. При изработката најчесто користиме јасика или бука. Тоа се видови дрва што се најпогодни за изработка на сувенири. Денес сме тука заради убавото сончево време, инаку овде доаѓаме откако ќе настапи пролет, при крајот на март и почетокот на април, па сè до септември, вели Миовски.
Изработката е рачна, а трае во зависност од производот. Како што вели чичко Славчо, малите секири ги произведува за еден час, додека иконите и другите производи ги изработува за подолг период.
Ова се само мал дел од приказните на производителите од Берово, кои, иако останале без работа, не оставиле ништо на случајноста, па ја побарале својата заработка во она што природата во изобилство го подарила во малешевскиот крај. За беровските чисти еколошки производи има уште многу што да се зборува, но секој најдобро ќе се увери доколку барем еден викенд во годината го посети малото гратче Берово и одбере дел од производите на овие семејства.
Валери Спасевски

Back to top button
Close