0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Димитров: Со Договорот од Преспа, надежта ги надвладеа другите емоции, а лидерството-дневната политика

Процесот на преговори со решението е знак на самодовербата на двете земји и двата народи, победа на надежта над другите емоции и победа на лидерството над дневната политика, рече министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров на панел дискусијата организирана од атинскиот универзитет „Пиерас“ на кој учествуваше по поканата од поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 16 март 2019 (МИА) – Процесот на преговори со решението е знак на самодовербата на двете земји и двата народи, победа на надежта над другите емоции и победа на лидерството над дневната политика, рече министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров на панел дискусијата организирана од атинскиот универзитет „Пиерас“ на кој учествуваше по поканата од поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, јави дописничката на МИА од Атина.

Димитров рече дека „ако постои лекција од процесот почнат во јуни 2017, интензивиран во декемви 2017 и јануари 2018, а финализиран меѓу двете земји во јуни минатата година, тоа е победата на самодовербата на двете земји, на двата народи”.

-Тоа исто така е победа на надежта над другите емоции, победа на долгогодишно лидерство над дневната политика. Тоа не се случува често, бидејќи најлесно е да не се доппира проблемот или да се допре на начин што ќе ти донесе дневно политички поени. Она што беше тешко беше да се најде решение, компромис, истакна Димитров во неговото обраќање на панелот посветен на Југоисточниот медитеран.

Министерот за надворешни работи се фокусираше на регионот велејќи дека „сега е време регионот да ја земе судбината во свои раце”, дека има голема историја на која што сите се горди, но потребно е да се создаде иднина.

-Горди сме на нашата историја, ќе дадам сé од себе, сé додека сум во политиката, да бидеме горди на она што ќе го постигнеме денес и утре, порача министерот за надворешни работи.

Тој рече дека сите земји од регионот треба да бидат обединети, да работат заедно, „затоа што така ќе бидеме помоќни”. Се осврна на кризите со кои што се соочи и се соочува ЕУ и истакна дека „не треба да се дозволи истото да му се случи и на Балканот”, а за тоа, потребно е да се создаваат пријателства, да се отвораат врати и да се работи на демократија во внатрешноста на земјите.

-Му кажав на претседателот на Парламентот дека сега е како меѓусебно да се откриваме, ние сме соседи и имаме бела страница што треба да почнеме да ја пишуваме, рече министерот и истакна дека тоа ќе биде позитивна страница.

Министерот Димитров изрази надеж дека решавањето на прашањето за името ќе биде инспирација и за другите земји и истакна дека за регионот нема друга алтернативна опција од европската перспектива.

Рече дека не постои доволно дискусија за актуелните работи и атуелните проблеми во регионот, како што се заминувањата на младите, невработеноста, здравственото осигурување и слично.

На панелот, заедно со Димитров учествуваа и поранешните министри за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Митов и Бушати.

На крајот од дводневната академска конференција му беше доделена награда на поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, по што тој им се обрати на присутните. ср/дма/

Back to top button
Close