0_Македонија.ПорталПолитика

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија на студиска посета во Република Србија и Кралството Шкотска

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија е на студиска посета во Белград, Република Србија и Единбург, Кралството Шкотска.

Скопје, 21 март 2019 (МИА) – Делегација на Собранието на Република Северна Македонија е на студиска посета во Белград, Република Србија и Единбург, Кралството Шкотска.

Собраниската делегација ја соочинуваат претседателот Талат Џафери, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска и генералнaта секретарка Цветанка Иванова.

Како што соопштува собраниската прес-служба, посетата е организирана од Вестминстер фондацијата за демократија во рамки на потпишаниот Меморандум за соработка за воспоставување на парламентарна буџетска канцеларија во Собранието на Република Северна Македонија, чија цел е запознавање со начинот на функционирање на буџетските канцеларии и нивната улога во зајакнувањето на надзорната функција на Собранието.

За време на посетата на Парламентот на Република Србија, наведуваат од собраниската прес-служба, делегацијата се запозна со начинот на функционирање на буџетската канцеларија, нејзината улога и надлежности, начинот на кој се подготвуваат анализите на буџетот и другите финансиски документи и нивното значење за пратениците. Беа остварени средби со претседателот и членовите на Комисијата за финансии, државен буџет и контрола на јавното трошење и со пратеници кои почесто ги користат анализите на буџетската канцеларија.

Додека во текот на посетата на Парламентот на Кралството Шкотска во Единбург, делегацијата се запозна со начинот на функционирање на буџетската канцеларија, процесот на изработка на буџетот на Парламентот, улогата на внатрешната ревизија, улогата и надлежностите на Комисијата за финансирање и буџет, улогата и надлежностите на Комисијата за јавни сметки и улогата на Заводот за ревизија на Кралството Шкотска.

Се дискутираше за придобивките од функционирањето на буџетската канцеларија, поддршката што таа им ја дава на комисиите во Парламентот, начинот на разгледување на конечните ревизорски извештаи и нивното значење во контролата и надзорот на трошењето на јавните средства. Остварени беа работни средби со членовите на Комисијата за јавни сметки, членовите на Комисијата за буџет, претставници на Владата на Кралството Шкотска, пратеници кои ги користат услугите на буџетската канцеларија. Делегацијата присуствуваше на седница на Парламентот на која беа поставувани пратенички прашања.

Со Стратешкиот план на Собранието за периодот 2019 – 2021 година е планирано покрај законодавната, да се зајакне и надзорната функција на Собранието, во насока на поголема контрола на трошењето на јавните средства и зајакнување на надзорот над работата на извршната власт. фф/скс/

Back to top button
Close