Дописници МКД

Завршени се адаптацијата и опремувањето на Центарот за ран детски развој во кочанско Тркање

Завршени се адаптацијата и опремувањето на Центарот за ран детски развој, сместен во училишната зграда во кочанското село Тркање, а во кој ќе бидат згрижени триесетина деца на претшколска возраст.

Кочани, 26. февруари 2019 (МИА) – Завршени се адаптацијата и опремувањето на Центарот за ран детски развој, сместен во училишната зграда во кочанското село Тркање, а во кој ќе бидат згрижени триесетина деца на претшколска возраст.

Се работи за проект во вредност од еден милион денари, што локалната самоуправа на Кочани го реализира со поддршка од УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика.

Според планот, Центарот требаше да започне со работа до крајот на месецов, но од Општината информираа дека ќе се почека да завршат претстојните претседателски избори.

-Иако Центарот за ран детски развој во Тркање е комплетно подготвен да започне со работа, поради законските одредби околу изборниот процес, не можеме да вработиме соодветен воспитен и друг персонал. Институцијата ќе биде под надлежност на детската градинка од Кочани, што значи дека за децата кои ќе престојуваат таму, освен воспитно-едукативната грижа ќе биде обезбеден и оброк, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Со проектот за центри за ран детски развој беше планирано слична паралелка да биде отворена и во градот, но поради одредени технички прашања со просторијата што беше определена сега се бара друга локација.та/скс/

Back to top button
Close