0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderВидео изјаваПолитика

Заев: Успеавме од споредниот балкански колосек да се вратиме на главниот автопат кон Европа

Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении да се вратиме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, истакна премиерот Зоран Заев на свечената церемонија на која беше кренато знамето на НАТО пред зградата на Владата.

Скопје, 12 февруари 2019 (МИА) – Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении да се вратиме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, истакна премиерот Зоран Заев на свечената церемонија на која беше кренато знамето на НАТО пред зградата на Владата.

– Денеска го креваме знамето на НАТО, што заедно со европското и со нашето ја одредува иднината, не само нашата туку и на нашите поколенија. Тоа не е само симболика, туку реалност. Тоа е нова страница во нашата историја, рече Заев.

Оцени дека државата е на вистинскиот пат кон прогрес и непречен развој и додаде дека иднината веќе не ни е судбина, туку судбината ја земаме во свои раце.

Им се заблагодари на првиот претседател на државата и врховен командант на вооружените сили Киро Глигоров, на прерано загинатиот претседател Борис Трајковски, на Парламентот и пратениците, како и на сите институции на системот за остварувањето на најзначајната стратешка цел на државата, а благодарност упати и до медијаторот Метју Нимиц, до меѓународната заедница, до грчкиот министер за надворешни работи, како и до грчкиот премиер Алексис Ципрас за визионерството и храброста да се најде решение за еден, како што рече, за многумина нерешлив проблем.

– Ние со својата мирољубива политика ќе докажеме дека членството во НАТО е најдоброто решение за стабилноста на земјата и за стабилноста на регионот. Сакаме да бидеме пријатели не само со членки на НАТО и ЕУ, туку со сите соседи и сите големи сили, нагласи Заев.

Порача дека без оглед што станува збор за настан од историско значање, сепак газиме цврсто на земја и оти нема повеќе место за еуфорија.

– Да бидеме успешни и да ги забрзаме историските процеси со истата истрајност како за Договорот од Преспа. Сите да се посветиме на членството во ЕУ. Тоа значи да ги средиме односите во нашиот дом, во нашето семејство, во нашата татковина, да функционираме како систем и како општество. Правда и нула толеранција за корупцијата. Во институциите нема место за оние кои со своето работење ја изневеруваат довербата за лични интереси и привилегии, коруптираните ќе се соочат со одговорност, поткуп, личните интереси и привилегии нема да бидат начин на кој се води бизнисот во нашата земја. Секој мора да ги следи правилата, порача Заев.

На свечената церемонија присуствуваа министри во Владата, поранешни премиери, претставници на дипломатскиот кор, воени аташеа и претставници на други државни институции. Не присуствуваше актуелниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов, како и поранешниот претседател Бранко Црвенковски. бак/са/

 

Back to top button
Close