0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталРепортажа

Во родната куќа на „Старецот и морето“

„Човекот не е создаден за порази. Човекот може да биде уништен, но не и победен“. „Знае како да опстане и тоа го одржа во живот. Духовно е богат, во соновите доживува лавови како симбол на сила и храброст. Ги сака и почитува другите луѓе. Посебно му е мило момчето Манолин. Силно е врзан за него. Сака да го подучува како да лови риба, сака секогаш да му биде пријател“. „Беше тенок и сув, со длабоки бразди на тилот. Флеките му покриваа добар дел од лицето, а на рацете имаше длабоко врежани лузни од постојаното влечење јажиња со тешки риби. Но, ниту една од лузните не беше свежа. Беа исто толку стари како и ерозиите во некаква пустина без риба“.

Хавана, 12 февруари 2019 (МИА) – „Човекот не е создаден за порази. Човекот може да биде уништен, но не и победен“. „Знае како да опстане и тоа го одржа во живот. Духовно е богат, во соновите доживува лавови како симбол на сила и храброст. Ги сака и почитува другите луѓе. Посебно му е мило момчето Манолин. Силно е врзан за него. Сака да го подучува како да лови риба, сака секогаш да му биде пријател“. „Беше тенок и сув, со длабоки бразди на тилот. Флеките му покриваа добар дел од лицето, а на рацете имаше длабоко врежани лузни од постојаното влечење јажиња со тешки риби. Но, ниту една од лузните не беше свежа. Беа исто толку стари како и ерозиите во некаква пустина без риба“.

Ова се извадоци од „Старецот и морето“ – книгата што на маестралниот Хемингвеј му донесе и Пулицерова и Нобелова награда. Веројатно сите сме ја читале, но, колку од нас слушнале за „родната куќа“ на ова ремек дело или можеби ја посетиле?

Куќата е дел од имотот „Финка Вигија“ и денес е Музеј. Во Хавана, Куба. За посетители е отворена од 2007 година.

Хемингвеј во неа живеел од 1939 до 1960 година.

До „Финка Вигија“ се стигнува за неполни 40 минути со градскиот автобус П7 или за 25 минути со такси.

Доколку не сте сигурни каде да се симнете, без проблем ќе ви покажат локалните жители кои се возат со вас. И ќе ве упатат. Сепак, најдобро е кога сте придружувани од „поткован“ водич.

Автобусот (или таксито) ве остава близу белите порти на кои скромно „стои“ таблата и речиси не се забележува.

Продолжувате по преубавата патека опкружена со огромни палми и друга типично кубанска флора.

Патеката води до сувенирницата каде се купуваат и влезници за Музејот. Пет CUC-а (што е речиси пет евра) треба да одвоите за ова незаборавно искуство.

Веднаш забележувате турканица. Редици. Сите стрпливо чекаат.

Тука некаде почнува и приказната.

Во куќата на Хемингвеј не можете да влезете. Единствено може да ја заобиколите од сите страни и да ѕирнете внатре.

Во дневната соба, трпезаријата, двете спални соби, купатилото.

На дофат ви се неговото одело, чевлите, креветите, личната библиотека, купот книги, огромната збирка плочи, машините за пишување, работните маси,…

Посебно впечатливи се трофеите од патувањата на Хемингвеј низ Африка. Од неговите сафари доживувања. Глави од антилопи, бафала, висат по ѕидовите.

Сепак, ништо не можете да допрете.

Непосредно до куќата, се наоѓа кулата.

По тесни, спирални скалички можете да се качите до врвот каде има уште една работна соба.

Од кулата всушност се гледаат цела Хавана и морето. Панорамата е импресивна.

Се смета дека токму тоа бил тригерот Хемингвеј да седне и во еден здив да ја напише „Старецот и морето“.

Имотот „Финка Вигија“ што Ернест го купил во 1939 година, зафаќа околу 45.000 метри квадратни.

Од десната страна пред куќата во која живеел тој со семејството, се наоѓа куќата за послугата. Напуштена.

Лево, преку градината, посебна патека води до базенот.

Базенот е празен, без вода, а околу има две мали своевидни баракички во кои е дозволен влез. Таму се закачени слики од Ернест.

Тука е и „Пилар“, јахтата на големиот писател за која се вели дека, и покрај многуте жени што ги имал, му била најголема љубов. „Пилар“ е донесена од селото Кохимар за да не пропаѓа во водата. Меѓу базенот и јахтата се гробниците на неговите четири кучиња.

Порано на имотот имало и тениски терен, како и терен за безбол.

„Старецот и морето“

Хемингвеј се родил во близина на Чикаго, 21 јули 1899 година. Бил боем и хедонист. Го сакал животот. Патувал, создавал. Уживал. Знаел впечатоците да ги пренесе на хартија, во форма достапна и интересна за секого.

На љубителите на пишаниот збор им ги остави „Снеговите на Килиманџаро“, „За кого бијат камбаните“, „Да се има и да се нема“, „Сонцето повторно изгрева“, „Преку реката во шумата“,…

Хемингвеј боледувал од депресија. Првите знаци на болеста му се појавиле кон крајот на 50-тите години.

Во текот на животот, секогаш нагласувал дека многу ги сака Париз и Венеција. Но, така било додека не ја открил Куба. Во Хавана првпат дошол со својата втора сопруга, новинарката Паулина Фајфер. Се воодушевил од Кубанците и од стариот дел на градот.

Од 1932 до 1939 година во неколку наврати доаѓал и си одел од Хавана, а престојувал во хотелот „Амбос мундос“, во собата 501. Во оваа соба што ја имал закупено, ја пишувал „За кого бијат камбаните“.

Всушност, со хонорарот заработен од оваа книга, вреден 40.000 долари, го купил имотот „Финка Вигија“ близу Хавана што чинел околу 18.500 долари.

Тогаш ја купил и јахтата „Пилар“ на која поминал 27 години, повеќе отколку што бил во Хавана. Многу сакал да лови риба. На Пилар“ имал и машина за пишување за да го забележи евентуално секој момент кога за тоа ќе добие инспирација.

Јахтата се наоѓала во рибарското село Кохимар. За тоа денес сведочат оригиналните фотографии во ресторанчето „Ла тераца де Којимар“ каде може да се испие и еден од омилените коктели на Ернест, легендарниот син „Дон Грегорио“.

Се смета дека ликот на Сантјаго (од „Старецот и морето“) е креиран по Григорие кој учествувал во фаќањето на големата бела ајкула кај Кохимар. И фотографиите од него „висат“ во  „Ла тераца де Којимар“.

Други, сепак, велат дека „старецот“ е всушност капетанот на „Пилар“, а трети дека можеби ги отсликува ликовите и на едниот и на другиот.

Во Куба, додека траеле револуционерните превирања, Хемингвеј бил во добри односи со Фидел Кастро и ја поддржувал неговата опција, како што за време на шпанската граѓанска војна бил противник на Франко и фашистите.

По инвазијата на Заливот на свињите во 1961 година немало шанси да остане во Куба, не зашто некому сметал, туку зашто системот едноставно бил неодржлив – еден писател да живее со толку многу пари, додека се друго низ државата се национализира.

Хемингвеј се иселил на својот ранч во Ајдахо, но ситуацијата со депресијата драстично се влошила поради што бил испратен на клиниката „Мајо“ каде се лечел и од алкохолизам. По излегувањето од болница се обидел да се самоубие, по што бил вратен назад. Но, кога втор пат излегол, на втори јули  1961, неговата сопруга Мери не стигнала да го спаси. Се убил со пушка неколку месеци откако ја напуштил Куба.

Ни половина година по смртта на Хемингвеј, Фидел Кастро кој веќе бил на власт во Куба ја национализирал „Финка Вигија“, ја ставил во заштита на државата и од неа направил музеј.

Мирјана Чакарова

 

 

 

Back to top button
Close