0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderИнтервјуОпштество

Владимир Симоновски, нов командант на Противпожарната бригада на Град Скопје

Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје годинава кадровски се доекипираше со нов млад кадар. Најавено е и обвновување на возниот парк со нови возила. Новиот командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, кој на фукцијата стапи од почетокот на годинава, во интервју за МИА говори за проблемите со кои се соочува пожарникарската служба, како и за неговите планови во иднина и формирањето на парамедикал служба во рамки на пожарната. Меѓу другото Симоновски открива и новини во однос на соработката со противпожарните служби од регионот.

Скопје,  15 февруари 2019 (МИА) – Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје годинава кадровски се доекипираше со нов млад кадар. Најавено е и обвновување на возниот парк со нови возила. Новиот командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, кој на фукцијата стапи од почетокот на годинава, во интервју за МИА говори за проблемите со кои се соочува пожарникарската служба, како и за неговите планови во иднина и формирањето на парамедикал служба во рамки на пожарната. Меѓу другото Симоновски открива и новини во однос на соработката со противпожарните служби од регионот.

Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје се доекипираше кадровски со нови пожарникари. Колку со овие нововработени сме блиску до европските стандарди имајќи предвид дека треба да има еден пожарникар на 1.500 жители, а во Скопје соодносот е скоро 1:4?

– По проекција треба да бидеме 385 пожарникари. Сега сме 190 оперативци во сменско работење. Со новите 18 што ги примивме, дојдовме до бројка од 208-209 пожарникари. Имаме многу голем застој во минатите години – многу заминувале во пензија, а местата не се пополнувале. Затоа се создаде тој јаз. Тоа го предочив уште минатата година кај градоначалникот. Мораме да го следиме процесот – ако има заминување во пензија на одредени луѓе, мораме на нивно место да примаме нови. За да функционираме нормално потребни ни се 260 до 270 способни пожарникари. Голем проблем ни претставуваат и бирократските процедури. Треба да отвориме оглас и тоа е процес кој трае 30-40 дена физичка обука, интервјуа и сите потребни работи за да направиме квалификуваниот кадар. Вакви служби не можат да трпат бирократски работи.

Ние имаме реален проблем и ќе го предочам на наредна седница на ЗЕЛС, а тоа е дека не можеме да ставиме години во огласот. Законот за дискиминација не ни го дозволува тоа и може како минатиот оглас да се соочиме со ситуација да се пријави 48-годишен човек.

Не знаеме каде сме. Припаѓаме под локалната самоуправа на Град Скопје, ама надлежности има и Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Не сме дефинирани како служба со јасен став. На пример, Дирекцијата за заштита и спасување изработува правилник за униформи. Дадов предлог дека Правилникот за сите 14 ТППЕ треба градовите самостојно да ги прават.

Дали со постоечкиот број пожарникари, Бригадата за противпожарна заштита може соодветно да одговори доколку се случат пожари од поголеми размери?

– За жал, не. Ние можеме професионално да одговориме со сите расположливи капацитети што ги имаме. Се зависи од тоа колкав е обемот на пожарот. Можеме да се соочиме и со проблем при помали пожари, доколку имаме на повеќе места истовремено. Така, имавме ситуација кога во рок од половина час имавме шест пожари. Буквално сите центри беа активирани и останавме да чекаме да не се случи некој друг пожар. Сите вработени пожарникари треба да добијат орден бидејќи успеваат со овој капацитет да го покријат цело Скопје без никаков проблем дури и при поголеми пожари. Сите пожари се завршени без поголеми последици и тоа се луѓе професионалци кои ја завршуваат работата дури и со оваа опрема која ја имаат. Униформи немаат добиено четири години. Овде некој ги заборавил работите.

Дали со тоа се доведува во опасност не само животот на пожарникарите, туку и на населението?

– Се се доведува во прашање. Ако ме прашате мене – ние сме скапа играчка за сите. Јас тоа така го дефинирам.

Еден од проблемите со кои со години се соочува противпожарната бригада е старата опрема која не е обновена за разлика од соседните држави кои во целост го променија возниот парк на противпожарните служби. Кога може да очекуваме нови противпожарни возила?

– Во просек возилата се стари околу 29 години. Последното возило купено од страна на Град Скопје е од 2005 година. Ние не можеме да живееме само од донации. Сегашниот градоначалник има голема желба и е расположен да се стори се што треба за противпожарната служба од подобрување на условите за работа, возниот парк…..Годинава планирано е да се купат четири возила, а ќе ја почнеме и постапката за изградба на потстаница во Скопје Север. Втората потстаница што сакаме да ја отвориме ќе биде во Кисела Вода, но таа ја оставаме за следната година. Од соседите на пример во Хрватска по пожарите на Корнати кога имаше 14 мртви пожарникари целосно се реформираше пожарната. Тие немаат возило постаро од 12-13 години, а ние имаме возило од 1973 година.

Во последно време многу често се случува да интервенирате во затворен, отколку на отворен простор. На што се должи тоа, на несовесноста на граѓаните или…..?

– Имаме повеќе пожари на затворен простор. Oд 1 до 31 јануари имаме вкупно 122 интервенции од кои седум се технички и три обезбедување, а останатите се пожари. Значи имаме 112 пожари од кои повеќето се пожари предизвикани од оџак, грејни тела, електрика… Тоа секако е несовесност на граѓаните. На отворен простор секојдневно имаме пожари на контејнери и тоа е голем проблем во Скопје.

Од скоро сте поставени на чело на Противпожарната бригада на Град Скопје. Како прв човек на Бригадата кои се вашите планови за Противпожарната бригада?

– Плановите се амбициозни, но мора да дојдеме до некое ниво. Ако донесеме четири возила и ако ја направиме парамедикал службата, за една година сме направиле многу. Мојата идеја е парамедикал службата да биде воспоставена до 20 мај – Денот на пожарникарите. Тоа е амбициозен план, но ќе се обидеме да добиеме донација во возило за брза помош и волонтери од Црвениот крст кои ги имаат поминато обуките за парамедикал. Тие би оделе на терен со пожарникарите.

Сакаме и Скопје да го направиме регионален центар за противпожарна обука затоа што имаме капацитет, амфитеатар по сите стандарди за околу 200 луѓе, спортска сала, простор за обучен центар да се направи…. Но мораме да се бориме и мислам дека сме да добар пат, тоа да го направиме.

Кога може да очекуваме Противпожарната бригада да ги достигне европските стандарди?

– Не ни треба многу да дојдеме до Европа. Европа треба да влезе кај нас. Професионално ние сме подготвени, но разликата на пример меѓу македонскиот и германскиот противпожарникар е тоа што германскиот има опрема, а македонскиот нема и импровизира. Пожарникарот во Германија не се грижи дали возилото ќе му запали или не, а кај нас иако возилата се исправни, пожарникарот оди со страв затоа што возилото е од 1981 година. Затоа велам, треба Европа да влезе кај нас.

Каква е соработката со соседните противпожарни служби?

–  Во моментот работиме на еден нов проект преку Центарот за управување со кризи. Тоа е НИКС програмата која е за следење на регионални кол центри. Во октомври ќе имаме голема вежба во Црна Гора за тоа. Во оваа програма се вклучени сите земји од регионот, освен Србија. Се логираш на Никс системот и се пратат возилата каде се, се гледа кој каков проблем има. Сакаме да ја зголемиме меѓусебната соработка.

Билјана Анастасова – Костиќ

фото: Ивана Батев

 

Back to top button
Close