0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталГраѓански сектор

Четврток и петок денови на жалост, во несреќата на патот Скопје – Тетово 14 загинати

Четврток и петок, 14 и 15 февруари, ќе бидат прогласени за денови на жалост поради тешката сообраќајка што се случи попладнево на патот Скопје – Тетово кај Карпалак.

Скопје, 13 февруари 2019 (МИА) – Четврток и петок, 14 и 15 февруари, ќе бидат прогласени за денови на жалост поради тешката сообраќајка што се случи попладнево на патот Скопје – Тетово кај Карпалак.

Како што соопшти вечерва премиерот Зоран Заев, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите, бројката се искачи на 14, а шестмина се борат за живот.

Во најбрз можен рок, дополни, ќе бидат познати причините за несреќата, а според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, увидот на местото на несреќата ќе продолжи утре во осум часот.

-Тешка ноќ, полна со неизмерна болка и тага. Вечерва нашата држава тагува. Немам зборови кои можат да бидат доволна утеха за семејствата на нашите сограѓани кои вечерва трагично ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа, изјави Заев вечерва во Владата.

Тој најави дека утре ќе ги посети повредените во болниците, а во наредните денови ќе се донесат и одлуки за поддршка на семејствата на загинатите.

-Ги мобилизиравме сите сили и капацитети да им помогнеме на повредените кои се во опасност, колку што може побрзо да ја добијат неопходната помош и да им се вратат на своите најблиски. Да ги соопштиме фактите. Автобусот се движел на релацијата Скопје – Тетово, несреќата била кај село Ласкарци. Неутврдени се причините, истрагата е под раководство на надлежниот обвинител. Веднаш штом ќе заврши, ќе бидат соопштени сите детали. Автобусот поминал директно на спротивната страна, влегол дури на регионалниот пат, паднал на регионалниот и понатаму, по регионалниот пат, во делот на удолнината. Интервенциите беа брзи на сите институции, вклучително и на МВР, државните болници, но и сите приватни болници кои без поговорно веднаш ги испратија сите свои ресурси. Вечерва, за жал, животите ги загубија 14 наши сограѓани. Седум починале на самото место, 37 биле хоспитализирани во „8 Септември“, шест од нив се починати во „8 Септември“. Во „Свети Наум Охридски“ имаме починато едно лице, две лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба. Едно лице е на домашно лекување во Гостивар и во „Мајка Тереза“ се осум лица, од кои три се со сериозни повреди, изјави Заев.

Истакна и дека во моментов не се идетификувани сите жртви, дека процесот сè уште трае.

-Да заврши увидот, а потоа ќе продолжи вештачењето од обвинител и очекувам мошне скоро да излеземе со информации за тоа што придонело да се случи оваа сообраќајна незгода, рече Спасовски.

Според министерот за здравство Венко Филипче, четири пациенти се на интензивно лекување во ГОБ „8 Септември“. Тие се во критична, но не и во животозагрозувачка состојба. Три пациенти се на Клиничкиот центар, врз нив моментно се врши хируршка интервенција и тие се со повреди кои не се животозагозувачки, иако критични.

-Продолжува интензивното лекување и следните денови, како кај нив така и кај сите останати хоспитализирани пациенти, изјави Филипче.

За возачот на автобусот информира дека се наоѓа во „8 Септември“ и дека разговарал со претставниците на институциите.

-Тоа е она што сега би можел да го кажам. Неговата здравствена состојба е стабилна, истакна министерот.

Сообраќајната несреќа се случи попладнево околу 17 часот на патот Скопје – Тетово меѓу Карпалак и Лаксарци. Автобусот што се движел на релацијата Скопје – Гостивар е сопственост на „Дурмо турс“. мч/ац/

 

 

 

Back to top button
Close