Дописници МКД

Промовиран првиот и единствен Центар за жртвите од тортура

Во Прилеп денеска беше промовиран првиот и единствен центар во Македонија за рехабилитација на жртвите од тортура. Центарот профункционира со почетокот на годинава и е заеднички проект на прилепската невладина Центар за граѓански иницијативи ЦГИ со српската организација ИАН од Белград која имам искуство со жртвите од тортура, пред се, од логорите. Проектот е поддржан од Европската унија и е насловен „Сеопфатна акција против тортура“.

Прилеп, 26 февруари 2019 (МИА) – Во Прилеп денеска беше промовиран првиот и единствен центар во Македонија за рехабилитација на жртвите од тортура. Центарот профункционира со почетокот на годинава и е заеднички проект на прилепската невладина Центар за граѓански иницијативи ЦГИ со српската организација ИАН од Белград која имам искуство со жртвите од тортура, пред се, од логорите. Проектот е поддржан од Европската унија и е насловен „Сеопфатна акција против тортура“.

Според Гоце Тодороски, извршен директор на Центарот  за граѓански иницијативи од Прилеп од почетокот на годината, кога профункционира Центарот се евидентирани три случаи на тортура, а имаат статистики и од омбудсманот.

-Центарот е во рамките на просториите на ЦГИ во Прилеп и од 1 јануари откако профункционира веќе имаме идентификувано три случаи – жртви од тортура. Имаме статистички податоци од омбудсманот во 2016 година. Идентификувани се по седум случаи во 2016 и во 2017 година, а во 2018 идентификувани се девет случаи на жртви на тортура. Тоа, всушност се жртви кои имале несоодветен третман од државата. Во рамките на проектот, во текот на 2018 година се работеше со институции, промовирање на проектот, обуки од главниот партнер од Србија кој има искуство во оваа проблематика за полесно прифаќање на жртвите на територијата на целата земја. Ова е национален проект, и поточно, се реализира во две земји- во Македонија и во Србија и ќе трае уште две години, до крајот на 2020 година. Со жртвите ќе работат психијатри, психолози, доктори, правници, документирање на сите случаи, процесуирање на суд, нивно застапување. Имаме мобилен тим кој ќе може да реагира на целата територија на Македонија. Еднаш годишно имаме обврска да изготвиме извештај во сенка кој ќе се доставува до Обединетите нации за да имаат увид во состојбата на ова поле во Македонија, објаснува Тодороски.

Јелена Лончаревиќ, организација ИАН, Србија вели дека се е подготвено за функционирањето на првиот и единствен Центар за рехабилитација на жртвите од тортура во Македонија.

-Тортурата е едно од најстрашните кршења на човековите права. Тоа е злосторство против човештвото. Целта е да се уништи човечката личност, достоинството и секогаш има цел да се застраши заедницата. Во рамките на проектот во Македонија најмалку 200 жртви на тортура и нивните семејства ќе добијат сеопфатна помош и 300 во Србија и важно е што се третираат и членовите на нивните семејства, изјави Лончаревиќ.

За Фрик Јанмат од Канцеларијата на ЕК во земјава тортурата се случува во цел свет, но ЕУ работи посветено и приоритетно на зачувување на човековите права. Освен тоа овој проект стигнува во вистинско време, а ЕУ 20 години и помага на земјата во реформите во затворскиот систем.

 -Овој проект доаѓа во вистинско време кога Македонија се соочува со процес на евроинтеграции и кога прашањето на човековите права е горлив проблем воопшто. Токму поради тоа, сметаме дека еден ваков проект е многу битен за реализација. Според универзалната декларација на човековите права, никој не треба да биде предмет на тортура или на нехуман и на деградирачки третман или казна. Во Северна Македонија ние обезбедуваме постојана помош во оваа област повеќе од 20 години. Со Советот на Европа работевме и се уште работиме за поддршка на реформите во затворскиот систем и во подобрувањето на третманот на затворениците и на лицата кои се во затворени простории и  според интернационалните стандарди, обезбедувајќи соодвертна помош за Министерствата за правда и за внатрешни работи во надградување на правилата и практиките, поврзани со затворањето и извршувањето санкции. Ги зајакнавме капацитетите на Канцеларијата на омбутсманот, вклучувајќи го и тимот на националниот превентивен механизам за да спроведуват посети во затворените простории, вели Јанмат.

Проектот „Сеопфатна акција против тортура“ ќе трае до крајот на 2020 година, а секоја година ЦГИ ќе доставува извештаи до Обединетите нации.ем/скс/

Back to top button
Close