АнализаБизнисБизнис.ПорталДописници МКД

Проектот „Чебрен“ – вечно истражување или реалност?

За проектот „Чебрен“ - хидроцентрала (или хидроцентрали) на Црна Река се говори безмалку 50 години. Темата е децениска, но сѐ уште не видела „епилог“.

Прилеп, 28 февруари 2019 (МИА) – За проектот „Чебрен“ – хидроцентрала (или хидроцентрали) на Црна Река се говори безмалку 50 години. Темата е децениска, но сѐ уште не видела „епилог“. Последните информации од Владата или поточно од вицепремиерот Кочо Анѓушев ги придвижуваат работите. Дали конечно ќе заживее големиот проект „Чебрен“ или поконкретно ќе никне ли хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река?

По неодамнешната средба во Белград со директорот на регионалната канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација за Централна и Југоисточна Европа (IFC-International Finance Corporation), Томас Лубек, дел од групацијата на Светска банка, вицепремиерот Анѓушев децидно рече дека е договорено за неколку недели да заживее проектот „Чебрен“.

-Мислам дека овој проект ќе го адаптираме на соодветните пазарни услови што владеат во моментот и ќе го пуштиме во реализација. Очекувам проектот да заживее во втората половина на оваа година и ќе стане реалност во енергетскиот и водостопанскиот живот на Македонија, изјави Анѓушев.

Според Анѓушев, хидроелектричната централа „Чебрен“ ќе се гради со помош на јавно-приватно партнерство, во кое ЕЛЕМ ќе биде јавниот партнер, а приватниот партнер ќе се бара во транспарентна тендерска постапка.

–Очекуваме во рок од 2 – 3 недели да пристапиме кон активности со кои ќе го откочиме проектот за изградба на ХЕ „Чебрен“, значаен проект во поглед на производството на електрична енергија, но и за наводнување и водоснабдување. До крајот на годинава се надеваме да пристапиме кон реализација на проектот за изгрaдба на хидроцентралата и наскоро „Чебрен“ да биде ставен во функција на енергетскиот систем и водостопанството, објасни Анѓушев.

Одговорот на Лебрук навестува придвижување на работите.

-Се радуваме што набрзо ќе може да започнеме со сериозна работа, рече Лубек.

Проектот „Чебрен“ е децениска, според искуството досега, неостварена желба. Бележи долг пат на истражување, проектирање, пресметки, тендерски документации.

Инаку, преградното место „Чебрен“ е во клисурниот дел на Црна Река, 81 километар спротиводно од устието во Вардар, во близина на селото Манастир во прилепско Мариово, а седум километри спротиводно од Расимбегов мост на Црна Река. Според анализите на ЕЛЕМ, преградното место на ХЕ „Чебрен“ е најтесниот дел на Црна Река. Овозможува изградба на брана од 192,5 метри и формирање акумулација со волумен од 915 милиони кубни метри. Хидроцентралата би била блиску до браната. Ќе има далновод и трафостаница во Мариово.

Проектот „Чебрен“ е тема уште од 1963 година, вели Кирил Настески, архитект, поранешен заменик-министер за урбанизам, долгогодишен раководител на овој сектор во Општина Прилеп и кој речиси од почеток ги следи развојот и стагнацијата на проектот „Чебрен“ (веќе пет децении).

– Во 1978 година со студијата „Интегрален развој на Црна – Вардар“ е даден сериозен третман на „Чебрен“. Но имаше застој од дваесетина години. Првата студија за оправданост во 1996 година ја изработи австриската компанија „Вербунплан“, која ја ревидираше во 2000 година. Во овој период имаше интерес за изградба на ХЕ „Чебрен“ од фирми од Франција, Италија, Грција, Иран, Австрија, Израел, Канада. По владината покана во 1997 година, дури 28 светски компании беа заинтересирани за „Чебрен“. Потоа, потребно беше да се подготви тендерска документација, за што Македонија немаше доволно стручни ресурси, па се заинтересира Светска банка со вклучување меѓународни консултатнти, за што се потпиша и договор во Вашингтон. Имаше заинтересирани консултанти (од 35 беа избрани шест), но активностите спласнаа поради политичките ситуации. Крајно, во 2001 година, со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на пакет-проектите за енергетика, почна подготовката на тендерската документација за хидропотенцијалот на Црна Река, при што се финансираше документацијата за ХЕ „Чебрен“ со технички, енергетски и други параметри, објаснува Настески.

Според ЕЛЕМ, изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ има еколошки аспект, но и производство на електрична енергија.

-Позитивните ефекти од изградбата на ХЕ „Чебрен“ се подоминантни: подобрување на животните услови, хидролошко набљудување на водостојот на Црна Река и економски резултати на макро и микрониво. Ќе се задоволува еколошкиот минимум. ХЕ „Чебрен“ е проектирана да работи со реверзибилни агрегати. Низводно од браната „Чебрен“ предвидена е мала брана „Орлов Камен“. Во согласност со анализите од студијата за оправданост, ХЕ „Чебрен“ годишно ќе произведува 840,3 GWh, a проценетите трошоци за изградбата на хидроцентралата се 338.381.000 евра, од кои најголем дел средства се за градежните работи, близу 206.000.000 евра, стои во анализите на ЕЛЕМ.

Во последните десетина години имало 13 – 14 тендери, но пропаднале, главно поради непрецизирани услови.

– Главно, проблем беше условот дека ќе се земе под концесија на 50 години. Но што потоа? Државата, просторот, населението губат. Радува фактот што државата под своја закрила ќе го земе проектот, но треба да се активираат општините, смета Настески.

Според Настески, најавата на Владата за продолжување на активностите околу изградбата на целосниот хидроенергетски комплекс (ХЕ „Чебрен“, ХЕ „Галиште“, Акумулација „Орлов Камен“), со сопствени сили и средства, преку јавно-приватно парнерство е добро зашто државата има контрола што ќе се случува. Но, од друга страна, Општина Прилеп треба интензивно да ја следи, да предлага и да учествува во сите активности на Владата. Ова е главно, зашто сите овие објекти околу проектот „Чебрен“ се на територијата на Прилеп. Настески со конкретни предлози за активно вклучување на Прилеп во проектот.

-Владата сака да го „финишира“ проектот. Во ред е. Но, неопходно е прво истражување и опсервација, главно на Општина Прилеп, но и на другите општини Битола и Кавадарци за еколошкиот аспект, за тоа дали ќе се наруши средината и кои придобивки ќе ги имаат населението и општините.

Општина Прилеп треба да формира соодтветно стручно тело од вработени во општинската администрација и други стручни лица адекватни за енертетската и просторно-планската проблематика, кое ќе ги следи сите активности на ниво на државата, ќе предлага активности за планирање и реализација на хидроенергетските и другите проекти поврзани со нив. Прилеп да иницира формирање меѓуопштинско тело (од општините Прилеп, Кавадарци и Битолско), што ќе ги следи активностите и ќе предлага мерки за планирање и реализација на хидроенергетските и другите проекти поврзани со хидроенергетскиот комплекс Црна Река. Многу е битно преку Министерството за животна средина за пред Владата да се поведе иницијатива за изработка на просторен план на регионот средна и долна Црна Река, како стратегија за уредување на просторот, паралелно со изградбата на хидроцентралата. А поради рационалност, владината дирекција за изградба на хидроенергетскиот комплекс да биде со седиште во Прилеп, објаснува Настески.

Според стручњаците, позитивниот исход за проектот „Чебрен“ е битен со вклучувањето на државата. Идејата за јавно-приватно партнество е добар исчекор, но битно е да се дефинира корисноста на протосторот во Мариово, а општините да ја контролираат иницијативноста.

Елизабета Митреска

Back to top button
Close