Дописници МКДОпштински вести

Поскапува водата за пиење во Општина Пехчево

Со одлука на Регулаторната комисија за енергетика за нешто помалку од 1,5 денар се зголемува цената на водата за пиење во Пехчево. Како што велат од претпријатието, со новите цени на водата месечните сметки за потрошена количина вода за пиење ќе бидат поголеми за нешто повеќе од 10 денари по домаќинство.

Пехчево, 12 февруари 2019 (МИА) – Со одлука на Регулаторната комисија за енергетика за нешто помалку од 1,5 денар се зголемува цената на водата за пиење во Пехчево. Како што велат од претпријатието, со новите цени на водата месечните сметки за потрошена количина вода за пиење ќе бидат поголеми за нешто повеќе од 10 денари по домаќинство.
-Покачувањето на водата во Пехчево е многу минимално. Поскапувањето на водата е резултат на тоа што имаме поголеми расходи во однос на доходите во претпријатието. Сметаме дека населението лесно ќе се приспособи на новата цена, бидејки нема да влијае во голема мера на месечните сметки во домаќинствата, истакна Горан Ајтарски, директор на Јавното претпријатие за комунална дејност „Комуналец“ од Пехчево.
Старата цена на водата во Пехчево изнесуваше 26,4 денари, додека со покачувањето, како што додава Ајтарски, таа ќе изнесува 27,69 денари. За правните лица старата цена изнесуваше 52,8 денари, додека со новата цена корисниците ќе плаќаат 54 денари за кубен метар вода.
Поради минималното покачување на водата за пиење, од овој месец граѓаните на Пехчево ќе плаќаат и задолжителен фиксен додаток кој е одреден за физички и за правни лица од страна на Регулаторната комисија за енергетика за регулиран период од 2019 до 2021.
Овој фиксен додаток ќе ги чини граѓаните дополнителни 50 денари на месечната сметка, додека за фирмите новите месечни сметки се очекува да бидат повисоки за 70 денари. Со новите цени се очекува околу 800 корисници на водоводната мрежа на претпријатието да ѝ донесат добивка од околу 25.000 евра годишно кои, како што додаваат од „Комуналец“, ќе бидат инвестирани во подобрување на услугите за своите корисници. вс/сст/

Back to top button
Close