0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderОпштествоРепортажа

КПД Идризово: Од објекти по современи европски стандарди до затворски услови од 19 век

За разлика од идиличната слика и финиот впечаток што го добивме во отвореното и полуотвореното одделение, сликата во затвореното, во најмала рака, предизвикува шок, неверување – живот зад решетки што во некои делови личи на затвори од 19 век.

Скопје, 10 февруари 2019 (МИА) – Соби за четири лица, нови кревети, ПВЦ-прозорци, бојадисани ѕидови, чист под, нови уреди за парно греење, тоалети со ВЦ-школки и нови мијалници, средства за хигиена, чисти ходници, трпезариска просторија, пералница со нови машини за перење, сушилница… Ова се условите во новиот објект на отвореното одделение во најголемиот затвор во земјава – Идризово.

Нормални, хумани услови, во согласност со европските стандарди, какви што би требало да има секој затвор во земјава. Во него казните ги отслужуваат лица кои ја преминале другата страна на законот, а кои поради тоа не станале помалку човечки суштества и ги имаат сите права на хуман третман, како и останатите граѓани на државата.

Новиот објект на отвореното одделение, заедно со тој на полуотвореното, свечено беа пуштени во употреба лани летото и беа дел од првата фаза на реконструкцијата на Идризово, што беше најавувана уште во 2013 г.

Во моментов во Идризово, заедно со отвореното одделение Велес, има 1 140 затвореници. Отвореното одделение во Скопје има капацитет да прими 200 затвореници, а тука казната во моментот ја отслужуваат 95 осуденици. Повеќето бројат ситно до одењето дома. Сами се грижат за хигиената во затворот, за ќелиите, што повеќе наликуваат на соба во некој хостел или одморалиште, но и за заедничките простории. Не се заклучени, клучот е кај нив, а веќе со своето поведение ја стекнале довербата кај затворските полицајци, така што тие навечер самите се заклучуваат.

Екипата на МИА разговараше со еден од затворениците кои се сместени таму, кој не сакаше да говори пред камера, но ни кажа дека моментално е ангажиран како редар. Отслужил девет години затвор за разбојништво и за тешки кражби. Кога бевме во посета на затворот ни кажа дека му остануваат уште ден – два до одењето дома.

-Во отвореното одделение е поубаво. Во зградата бев осум години, а тука во отвореното сум околу 15 дена.

Додава дека ќе размисли што ќе работи кога ќе се врати дома.

-Дома ќе видиме што ќе ни дадат да работиме, Зоран Заев треба да ни даде. Имам средно школо електромеханичар, завршив во „Михајло Пупин“ во Автокоманда. Тука овие девет години не работев ништо. Сега тука во отвореното сум редар и чистам по ходниците, изјави тој за МИА.

Полуотвореното одделение не функционира. Има капацитет да смести околу 250 затвореници. Новата зграда е празна, бидејќи затворот кубури со персонал – нема доволно затворски полицајци.

– Во моментов имаме околу 140 припадници на затворската полиција, но тие се во четири смени, користат годишни одмори, имаат слободни денови, во женскиот дел имаме боледувања. Имаме недостиг од затворска полиција и бевме спречени да го отвориме полуотвореното, изјави Боби Мојсовски, директорот на Идризово, во разговор со новинарите на МИА.

Според стандардите би требало да има еден полицаец на осум затвореници, а Мојсовски појаснува дека состојбата во затворот во моментот не е на тоа ниво поради недостиг од затворска полиција.

-Во моментов добивме одобрување за 44 нови вработувања за 2018 година. Во 2019 година побаравме уште согласности, затоа што во моментов во КПД Идризово има 163 слободни места според систематизација, вели Мојсовски.

За втората фаза од реконструкцијата се предвидени нови објекти за затворениот дел, шест на број и ново женско одделение.

-Втората фаза подразбира и нов објект за најголемиот истражен затвор, што ќе биде во рамките на КПД Идризово и шест нови згради за затвореното одделение. Новиот истражен затвор ќе има судница, за да се намалат нашите трошоци и да бидат достапни притворениците за судовите, вели Мојсовски во интервју за МИА.

Сантитетско одделение – хорор во 21. век

Секој човек е создаден да биде и добар и лош. Од него зависи на кое сопствено чувство ќе му дозволи да владее. Ќе биде добар онолку колку што ќе успее да им се спротивстави и да не ги прифати лошите влијанија во околината, а ќе биде онолку лош колку што ќе им дозволи на надворешните лоши влијанија да го победат и да му ги контролираат размислувањето и дејствувањето, е мислата што беше напишана од некој затвореник и закачена на ѕидовите на Идризово. Токму таа мисла нè замисли колкави треба да бидат издржливоста и силата на еден човек за да не им дозволи на околностите во кои се наоѓа негативно да влијаат врз него.

Затворот е установа за отслужување на казната и за ресоцијализација на сторителите на кривични дела, а условите на кои наидовме во затворениот дел на одделението, каде што во моментов се сместени 900 затвореници, на моменти ни предизикаа превртување во стомакот, зачуденост како некој во вакви услови може да се ресоцијализира, како може воопшто да издржи.

МИА имаше можност да ги посети сите објекти во затвореното одделение и на самото место да се увери како живеат затворениците во најголемиот затвор, каде што отслужуваат лицата кои извршиле најтешки кривични дела, каде што единствено во Македонија има доживотен затвор и затвор за странци, но и затвор за осуденички. За разлика од идиличната слика и финиот впечаток што го добивме во отвореното и полуотвореното одделение, сликата во затвореното, во најмала рака, предизвикува шок, неверување – живот зад решетки што во некои делови личи на затвори од 19 век.

Проблеми со храната, проблеми со лекарствата, немање нормални услови за живеење, услови за хигиена и дневни активности, се само дел од недостатоците за кои ни се пожалија затворениците сместени во тој дел од затворот, но и во женското одделение.

Од сите одделенија, меѓу кои старечко, санитетско, приемно, главната зграда, во сеќавање останува „познатото санитетско“ во кое казната ја издржуваат болни и зависници од дрога, каде што замената ја примаат со метадонска терапија и потребни медикаменти.

Стара зграда, што потсетува на „санаториум“ од минатиот век, и непријатна миризба во неа беа првиот впечаток. Лица кои со резерва гледаа во нас, но имаше и такви кои како да чекаат да се пожалат од условите во тоа одделение.

Еден затворски полицаец  имаше „привилегија“ да ги контролира сите осуденици, а таа состојба, според  кажувањата, била речиси секојдневна појава, поради недостиг од кадар. Во левото крило на првиот кат од оваа зграда, позната како санитетско, затекнавме руинирани ќелии со паднат малтер од ѕидовите, отворени штекери и утичници, каде што се гледаат оголени жици, што најверојатно се под напон, бидејќи имаше импровизирани греалки уштекани на голите жици.

На излез од левото крило на приземниот дел од зградата, во кое со врата од решетки беше поделено десното крило од затемнетиот ходник се појавија раце, а потоа лица на повеќе зависници и затвореници со ментални нарушувања, кои тука ја издржуваат казната.

Рекоа дека се гневни на условите и на, според  нив, неразумното однесување на управата, но имаше и такви кои ни раскажаа дека нивните мозоци биле контролирани преку чипови.  Желбата за разговор од нивна страна беше голема, но и напнатоста, па затоа полицајците нè замолија што побрзо да ја напуштиме зградата.

Веќе следната слика беше драстично поразлична. Во близина на „санитетското“ се наоѓаат бараки, а во една од нив сместени две лица. Едниот затвореник лежеше во постела, дремеше, боледувал од некоја болест, другиот беше располжен за разговор. Осуден е за убиство на неговиот брат, но се помирил дека е тука и вели дека соработува со надлежните со цел да си го одлежи заслуженото. Тој ни кажа дека вакви услови нема никаде – да јадеш, да спиеш и ништо да не работиш. Живеел и работел во САД, а таму затвореници мора да си го заработат престојот во затворот.

-Немаме проблем од командир од заповедник, ни даваат апчиња, редовно ни даваат терапија, вели тој.

Во врска со тоа дека некои затвореници се жалат дека не ги добиват потребните лекови, ни одговори: „Види, тука има различни луѓе, на некои да им даваш со кила апови не им се доста. И според мене, на такви луѓе не треба да им се даваат апови. Поубаво да им се даде некоја работа, да чистат, да сечат трева“, изјави тој и кажа дека кога имал проблем со забите веднаш го однеле да му ги поправат.

Како што велат по лошото – добро, но, сепак, е круг. На вториот кат од главната зграда во затвореното одделение го посетивме второто крило. Зад решетките во ходникот нè пречекаа лица осудени за различни криминали. Уште невлезени ни понудија да видиме во какви услови ја издржуваат казната. Ја прифативме понудата и го забележавме хаосот во тоа крило.

Соби со по 10 – 15 кревети преградени со ќебиња, задимени, но и со непријатна миризба. На речиси секои три – четири кревети имаше по еден фрижидер и телевизор, но задолжително и рингла или плинско решо за кафе и пригревање донесена храна. Во разговор ни се пожалија на нивните права, кои, според нив, не биле европски.

– Кажи им ако сакаат во Европа, не се влегува вака, сите ние имаме некои права, сме згрешиле, знаат да нè казнат, отслужуваме казна, само условите во кои нè ставаат не се човечки, вели еден од затворениците.

Затворениците ни се пожалија на тоалетите кои во тој момент беа расипани и имаше фекалии на сите страни, веднаш беше повикан мајстор, кој требаше да го санира проблемот за да не се рашират зарази.

Работата во Идризово предизвик за затворската полиција

Пред амнестијата биле околу 170 полицајци, а бројот на затворениците беше околу две илјади, сега бројот на затворениците е помал, но тој на затворската полиција недоволен.

Велат им треба повеќе затворска полиција и нова структура на затвор, оваа е правено некогаш кога еден полицаец надвор во маало претставувал ред и мир и сите го почитувале. Сега таква почит нема.

Додека бевме во посета на Идризово, во затворениот дел на затворот, каде што има околу 900 затвореници, на смена беа петмина затворски полицајци. Едниот од нив, кој нè спроведуваше низ трикатната главна зграда во тој дел и кој не сакаше да говори пред камера, ни кажа дека во моментов тој таму, во таа зграда, во која има околу 600 затвореници, е сам на должност.

Еден полицаец на шестотини лица, некои од нив осудени за најтешки криминални дела. Оружје со себе не носи, секако поради тоа што постои можност некои од тие шестотина да му го земе и да направи „беља“ во затворот. Често се случувало да биде сам затоа што неговите колеги биле распоредувани по други обврски, како што се прием на храна и посетите на роднините на затворениците оти таму биле потребни поради строгите контроли.

Екипата на МИА имаше можност да се запознае и со тешките услови во кои работат, за плата, чија основица не надминува 15 илјади денари, што е многу пониско од платите на другите полициски службеници.

Во разговор со еден од затворските полицајци на прашањето како успеваат да останат присебни, тој ни рече дека веднаш откако ќе ја поминеш портата на затворот се чувствува притисокот, поинаква атмосфера, тензија.

– Дури и во оние денови кога нема многу работа, кога ќе си заминеш дома се чувствуваш изморено, додава тој.

Продолжува… Затворениците се жалат на лоша здравствена заштита, на лоша храна, додека, пак, управата се фали со добро мени, мобилните телефони се забранети -камерата на МИА забележа интересен момент, привилегирани ќелии за оние што можат да си го дозволат тоа…

Ана Цветковска

Борис Куноски

фото: Ивана Батев

Таг
Back to top button
Close