0_Македонија.ПорталДописници МКДТема

Можност за модернизација на браната на истекот на Црн Дрим

Модернизација на истекот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро, односно замена на талпите со кои се регулира нивото на водата во езерото со софистицирано електронско поместување на препреките, без негативно влијание врз животната средина и нарушување на автентичноста на дрвениот мост, се дел од предлозите што треба да бидат опфатени во физибилити студијата што ќе ја изработува конзорциум од холандски компании.

Струга, 19 февруари 2019 (МИА) – Модернизација на истекот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро, односно замена на талпите со кои се регулира нивото на водата во езерото со софистицирано електронско поместување на препреките, без негативно влијание врз животната средина и нарушување на автентичноста на дрвениот мост, се дел од предлозите што треба да бидат опфатени во физибилити студијата што ќе ја изработува конзорциум од холандски компании.

Претставници на компаниите неодамна беа во Струга каде, заедно со експерти од  Општината,  ЕЛЕМ, Хидробиолошкиот завод од Охрид, невладиниот сектор и останати засегнати чинители,  ја разгледуваа можноста за рехабилитација и надградба на браната со автоматска регулација, со што ќе се зголеми безбедноста на минувачите и капачите, а ќе се овозможи и поефикасен менаџмент со протокот на вода за производство на електрична енергија.

Студијата ќе биде финансирана од холандската Влада. Иницијативата произлегла од холандскиот конзорциум, што дошол во Општина Струга и пројавил интерес за модернизирање технички објекти за управување со водите.

Физибилити студија за одржливост на проектот

Врз основа на дискусиите од сите засегнати страни ќе се изработи физибилити студија, која треба да покаже дали реализацијата на таков проект е одржлив од аспект на животната средина.

-Проектот опфаќа модернизација на истекот на реката Црн Дрим, со цел да се зголеми безбедноста на минувачите и капачите, да има поефикасна регулација и менаџмент со водните ресурси, да се работи околу ерозијата, односно истекувањето на талогот и нилта и да се направат соодветни елементи за искористување на потенцијалот на реката во градот, истакна претставникот на Општина Струга.

Тоа, според него, би било дискретно, без нарушување на туристичкиот имиџ, препознатлив за браната.

– Браната треба да ја задржи автентичноста, сепак таа е заштитен знак на Струга, ја има во сите каталози и флаери за промоција на градот, вели одговорниот за проектот во Општина Струга.

Според презентацијата, модернизираната брана би требало да е направена со автоматски нож, што ќе ги замени сегашните талпи за регулација на нивото на водата во Охридското Езеро и нејзино испуштање во Црн Дрим од каде оди во вештачката акомулација Глобочица и се користи за производство на електрична енергија. Ваквиот начин на регулирање не треба да влијае на животната средина, односно богатата флора и фауна со која изобилуваат Охридското Езеро и реката Црн Дрим.

Како идеја беше посочено новиот начин на регулација на протокот на вода да овозможи непречен премин на пловни објекти, но и даљанот да остане како традиционален начин за лов на риба.

Мини турбини на Црн Дрим на излезот од Струга

На излезот од градот на реката Црн Дрим, кај црквата Света Петка се предлага изградба на мини, односно микро турбини, што ќе произведуваат мало количество електрична енергија за потребите на објектите и нивна самоодржливост.

Покрај автоматската регулација на нивото на водата, претставниците на ЕЛЕМ побараа и чистење на наносот од песок и разгледување на можноста за негово искористување за профитабилни потреби. Од интерес на компанијата е и чистењето на комуналниот и природниот отпад.

За заштита на богатата флора и фауна со која изобилува Црн Дрим со свои предлози и забелешки учествуваше и Хидробиолошкиот завод од Охрид. Директорката Елизабета Велјаноска Сарафилоска посочи дека само преку лоцирање на проблемите може да се дојде до соодветни решенија

-Потребно е да се обезбеди непречено движење на ихтофауната, односно да се обезбедат рибни патеки по течението на реката Црн Дрим, да се сочува природната рамнотежа во речниот и езерскиот еко систем, но и да се сочуваат природните и естетски вредности на Црн Дрим, подвлече Велјаноска Сарафилоска.

Домашни експерти ќе се вклучат во доработка на физибилити студијата

Стручни лица од сите релевантни институции ќе ја разгледуваат физибилити студијата и со свои предлози и забелешки ќе интервенираат на нејзина доработка. Откако ќе заврши изработката на физибилити студијата, ќе следува усвојување во советите на општините Охрид, Струга и Дебарца и врз основа на тоа ќе се бараат соодветни извори за финансирање. Постојат можности проектот да се релаизира со државни средства, европски фондови или јавно-приватни партнерства.

Холандија е земја со најголема експертиза за управување со реки. Тие имаат голем проблем со ерозија, талог, нил имаат големи поплави и искористуваат дури и енергија од водата што се враќа од плима.

Соработката со холандските компании, според претставниците на Општина Струга, нема да застане со физибилити студијата за модернизација на браната на истекот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро, туку се надеваат на целосна реализација на проектот, како и размена на искуства со цел Македонија да добие експерти за управување со реки.

Слаѓана Стојкова Костоски

Back to top button
Close