Дописници МКДРепортажа

МИА на Февруарски поход во срцето на Кожуф

Седумдесет и пет години по славниот Февруарски поход на Македонската народноослободителна војска, што во февруари 1944 година извршила оперативни дејства на територијата на источна, централна и западна Македонија, за време на Втората светска војна, седумдесет и пет планинари од повеќе планинарски друштва беа дел од Планинарскиот февруарски поход на падините на Кожуф. МИА беше дел од ова прекрасно дружење.

Кавадарци,  26 февруари 2019 (МИА) – Седумдесет и пет години по славниот Февруарски поход на Македонската народноослободителна војска, што во февруари 1944 година извршила оперативни дејства на територијата на источна, централна и западна Македонија, за време на Втората светска војна, седумдесет и пет планинари од повеќе планинарски друштва беа дел од планинарскиот поход на падините на Кожуф. МИА беше дел од ова прекрасно дружење.

Колкумина од нас би издржале борбен поход

 

Снегот што го газевме и напорот додека ја искачувавме големата угорница на која не ѝ се гледаше крајот беа единствените нешта за кои можеби можеме да кажеме дека беа најблиску до реалните услови во кои чекореле храбрите борци од минатото. Тие мрзнеле во сурови услови поради недостиг од соодветна облека и обувки, а поединци од нас само поради лоша лична организираност или сопствена невнимателност. Сите други беа топло, па и модерно облечени. Ним торбите им биле речиси празни, а на повеќето од нас ранците ни беа претешки од разновидна храна. Но гладот, лошите временски услови и долгото пешачење по беспаќа не биле единствените проблеми со кои тие се соочувале. Најголемиот товар врз нивните плеќи било ропството, но тежело и оружјето што го носеле за да ја извојуваат слободата, што биле подготвени да ја платат и со сопствената крв. Чекоревме свесни за таа нивна голема жртва, на моменти прашувајќи се кој од нас би издржал една таква животна судбина.

Планинарската акција беше организирана од Планинарското спортско друштво „Орле од Кавадарци, а учествуваа планинари, ентузијасти и љубители на природата од повеќе различни места од државата. Стартувавме од крстосницата на која се делат патиштата кон познатите  села Конопиште, од една страна, и кон Мрежичко и светски познатиот рудник Алшар, од друга страна. Почнавме од 950 метри надморска височина. Козјата патека нè водеше кон Криви Рид на 1.202 метри надморска височинa. Тој дел од маршутата беше најтежок. Следуваше израмнување на патеката и минување низ една многу убава природа, низ разновидна шума. Највисоката точка што ја искачивме беше 1.384 метри надморска височина. Месноста се вика Смрдла, искусните кавадаречки планинари раскажуваа за повеќе причини поради кои го добила тоа име. Според едни, постоела билка со карактеристичен мирис, која била отровна и смрдлива, но таа исто така се користела и за лекови во фармацевтската индустрија. Преку мала удолница се спуштивме до караулата Михајлово на 1.250 метри надморска височина, па преку шумскиот пат до одморалиштето Михајлово на 1.140 метри. Таму беше крајот на акцијата. Пешачевме околу пет часа, затоа што од Михајлово надолу до главниот пат кон селото Конопиште, исто така, се спуштивме пеш. Поминавме вкупно околу 13 километри.

Чудак со ранец на грбот

-Како што гледате, во акцијата учествуваа и млади и повозрасни. Имаше и такви што оваа патека ја минуваат којзнае по кој пат, но и почетници. Целта беше да се одбележи јубилејот од нашата историја, да им се оддаде почит на борците од Народноослободителната борба, но и да се промовира планинарењето како здрав начин на живот. Радува фактот што од ден на ден расте интересот за планинарството. Некогаш нас неколкумина од градот што со ранци излегувавме од дома и одевме на планинарење нè гледаа како чудаци. Сега веќе луѓето навикнаа да гледаат љубители на природата што со ранци на грбот заминуваат на уште една авантура во природа, за МИА рече Никола Минчоров, претседател на „Орле“, планинарско друштво со шестдецениска традиција.

Весело беше да се биде дел од таа извонредна планинарска група. На шарен снег, како што заеднички ја крстивме снежната покривка, бидејќи некаде ја немаше, а некаде целосно ја облекла околината во бело. Уживавме во крцкањето на снегот со секој нареден чекор, фотографиравме од убавите зимски пејзажи што ни го земаа здивот, се шегувавме на туѓа, но и на своја сметка. На секоја забелешка дека е па многу нагорнина воа, следуваше приказната за Итар Пејо и советот да се радува човек на нагорнина, оти по неа доаѓа удолнина, и обратно. Времето беше сончево и пријатно за пешачење. Топлите сончеви зраци нè галеа по лицата додека итавме во колона како вистински борци. Коментиравме дека сите ние имаме сопствена борба во животот, но и лично учество во заедничката борба, секој од нас во рамките на своите можности и капацитети, да придонесе за подобро утре, за себе и за другите. Тоа е она што можеме да го направиме за идните генерации, тоа им го должиме како аманет на нашите предци, кои гинеа за денешната слобода. Згрчени од секојдневните обврски и проблеми, многумина од нас во планинарењето препознаа своевиден издувен вентил, кој придонесува за намалување на стресот во животот. Затоа што, кога се оди на планинарење, проблемите се оставаат дома и се ужива во мирот и спокојството што ги дава мајката природа. Таму горе просто му доаѓа на човек да викне силно колку што го држи гласот, за да излезе сиот немир што се насобрал од последната планинарска авантура. Таму горе човек се ослободува од негативната енергија што се насобрала од различни причини. Ете токму затоа по патот сретнавме неколку срциња и смајли исцртани во снегот, а ниту една намуртена фаца.

Светлана Дарудова

Back to top button
Close