0_Македонија.ПорталОпштество

Дебата: Како да се дојде до соработка, до партнерски однос меѓу партиите и граѓанскиот сектор

Законското дефинирање на непартиското делување на граѓанските организации во земјава, нивната политичка активност во пракса како и ставовите на јавноста по овие прашања беа тема на денешната дебата насловена „Политички активни, партиски независни – граѓанските организации во интерес на јавноста“ организирана од Граѓанскиот ресурсен центар.

Скопје, 21 февруари 2019 (МИА) –  Законското дефинирање на непартиското делување на граѓанските организации во земјава, нивната политичка активност во пракса како и ставовите на јавноста по овие прашања беа тема на денешната дебата насловена „Политички активни, партиски независни – граѓанските организации во интерес на јавноста“ организирана од Граѓанскиот ресурсен центар.

Универзитетскиот професор Гордан Георгиев вели дека партијата е едно множество, а граѓанскиот сектор е друго множество. Во Македонскиот случај, но и во многу други случаи дури и во развиените европски земји има преплетување меѓу улогата на партиите и граѓанските организации. Некогаш тоа како во случајот со Македонија, многу често во минатото доаѓа до ниво кое тој го карактеризира како „инцест“ помеѓу политичките партии и граѓанските организации.

-Политичките партии не ги сакаат граѓанските организации. Тие би сакале кога би можело да не постојат.  Но, како општество одиме кон некаква демократизација и нормализација и партиите ги перцепираат граѓанските организации како нужно зло. Идејата е како да се дојде до соработка, до партнерски однос, како партијата да го препознае инпутот што може да го дадат граѓанските организации, не во партиско делување туку во креирање политики, а партијата да не ги смета нив за непријатели кога ќе ги критикуваат принципиелно, вели Георгиев.

Според него, потребно е и двете страни малку да ги спуштат „тензиите“, бидејќи ако граѓанското општетство и тоа одредени граѓански организации критикуваат се и сешто стануваат нерелевантни, а ако партиите секогаш имаат проблем со граѓанското општество и тие си имаат проблем и си создаваат свој непријател.

-Така што тенка е линијата и мислам дека можеби одиме кон тоа.  Проблемот е што се чини дека СДСМ подобро ја научи таа лекција, подобро комуницира со граѓанските организации, а ВМРО-ДПМНЕ се уште има некој вид на отпор во комуникацијата. И мислам дека и таа линија треба да се продлабочи, бидејќи добро е да имаме комуникација на двете најголеми партии со граѓанските организации. Албанските партии, за жал, се уште имаат многу слаба суштинска комуникација, вели Ѓоргиев.

Тој ја оценува како добра идејата на Владата за создавање Совет за соработка со граѓанскиот сектор, но наведува дека повторно тука секогаш има некоја нелагодност колку блиски до партијата треба да бидат како граѓански организации, а од друга страна граѓанските организации нужно се фокусирани на Парламентот, каде ги протнуваат своите идеи, лобираат за одредени законски решенија, каде се среќаат со политички партии кои го сочинуваат парламентот. Тој смета дека тука не би требало да има некаков спор или отпор во таа комуникација.

-Но, нашето општество е затворено во тој поглед и многу брзо се идентификуваат разни спреги помеѓу партиите и граѓанските организации кои постојат, постоеле и ќе постојат и понатаму. Идејата е да ги препознаеме, да знаеме кои се тие организации кои се условно кажано „продолжена рака на партијата“, а кои се оние што во секое време знаат да имаат критичен, релевантен став во однос на процесите, вели Ѓеоргиев.

Во однос на довербата во граѓанскиот сектор, Емина Нуредини од МЦМС вели дека од 2013 година трендот е во нејзино опаѓање, но тој тренд се однесува генерално и за сите чинители во општеството. Така ако во 2013 година довербата изнесувала 59 проценти, во 2018 година довербата кон граѓанските организации паднала на 43 проценти, што вели, го вклучува алармот што да се направи за да се врати таа доверба.

-Ситуацијата во јавноста и како граѓаните гледаат на институциите е дека граѓанскиот сектор има пониска доверба од деловниот сектор и од државата, што е малку за изненадување иако претходно овој сооднос бил помалку или повеќе близок или во некои периоди граѓанскиот сектор бил со поголема доверба од државата и деловниот сектор. Меѓутоа од друга страна имаме повисока доверба од политичките партии. Ако кај граѓанскиот сектор е 43,3 отсто, во полиитичките партии е 22,8 проценти, вели Нуредини.вг/са/

 

Back to top button
Close