МИА ФлешПакети

МИА Флеш

10:00/28 февруари 2019

10:00/28 февруари 2019

Куманово – Општина Куманово апелира до граѓаните да ги отстранат своите возила паркирани на тротарите на булеварот „Октомвриска револуција“, бидејќи наскоро ќе почне со поставување метални столбчиња на велосипедската и пешачката патека.

Струмица – Годинешново осмо издание на Струмица опен фестивал ќе трае од 9 јуни до 18 август, соопшти организаторот Културен-забавен живот. Оттаму додаваат дека од неколкудневни музички концерти во првите години од неговото одржување, денес Фестивалот прераснува во Струмичко културно лето со десетнеделна програма.

Атина – Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ќе биде еден од учесниците на „Делфи економскиот форум“ во Грција, што започнува денеска, а ќе трае до 3 март, јави дописничката на МИА од Атина.

Скопје – Дел од корисниците од патот за Радишани, Бутел, Љуботенски Пат, Смиљковци, Страчинци, Виниче, Булачани, Раштак и Црешево во општина Бутел, како и корисниците од делови од улиците „Саса“ и „Јабланица“ и објектите на влезот од населба Пинтија во општина Кисела Вода и од улиците „Ваташа“ и „Румена Хаџипанзова“ во населба Драчево утре ќе останат без електрична енергија, информираат од РЦУК.

Скопје – Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи ново рочиште за Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиство на дваесетгодишниот Никола Саздовски.

Скопје – Во Кривичниот суд денеска ќе се одржи рочиште за предметот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година. Во „Тортура“ заедно со Сашо Мијалков се обвинети и поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Антевски-Пуки, и уште петмина припадници на единицата.

Приштина – Претседателот на Косово, Хашим Тачи доцна синоќа го посети лидерот на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа со цел, како што беше објавено, да го информира за средбата што тој и премиерот Рамуш Харадинај ја имаа со претставниците на американскиот Национален совет за безбедност.

Лондон – Британската премиерка Тереза Меј доби уште две недели за преговори со ЕУ за Брегзит и шанса да се одложи напуштањето на Европската унија, откако пратениците во Вестминстер ја поддржа нејзината нова стратегија со која се предвидува Парламентот да може да решава за одлагање на истапувањето на Велика Британија од Унијата.

Ханој – Американскиот претседател Доналд Трамп коментирајќи го непотпишувањето на најавениот договор за денуклеаризација со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на средбата во Ханој, денеска изјави дека некогаш едноставно треба да се повлечеш од преговори.

Музафарабад – Тензиите меѓу Индија и Пакистан продолжуваат да растат, откако двете земји во текот на ноќта разменија оган на границата во регионот на Кашмир.

 

Back to top button
Close