0_Спорт.ПорталТенис

Федерер не размислува за крај, ги објави своите цели до крајот на сезоната

Ѕвездата на светскиот тенис изјави дека ништо за него не се променило по поразот од Циципас и тој продолжува да бара победи над најголемите ривали во текот на годините - Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ.

Женева, 8 февруари 2019 (МИА) – Роџер Федерер е мотивиран и насочен кон деветтата титула на „Вимблдон“. Ова го изјави носителот на 20 Гренд слем титули на официјалното претставување на третото издание на „Лејвер Купот“ во Женева. 37-годишниот тенисер за последно учествуваше на Австралија Опен, каде не успеа да ја одбрани титулата од последните две изданија на турнирот и отпадна во осминафиналето од грчкиот талент Стефанос Циципас во четири сета.

Швајцарскиот маестро меѓутоа, категорично ги негираше гласините дека ова е крајот на неговата кариера и ги објави своите цели до крајот на сезоната.

– „Вимблдон“ е мојата најголема цел, како и турнирите во Дубаи, Индијан Велс и Мајами пред тоа. Навистина би сакал да ја започнам силно новата сезона, тоа ќе ми помогне пред кампањата на земја. Се разбира, освен „Вимблдон“, ќе целам на максимално добри перформанси и на „Ју-Ес опен“, „Лејвер Купот“ и завршниот „Мастерс“ на осумте најдобри во Лондон, започна Федерер.

Ѕвездата на светскиот тенис изјави дека ништо за него не се променило по поразот од Циципас и тој продолжува да бара победи над најголемите ривали во текот на годините – Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ.

– Кариерата ми продолжува … Мотивиран сум, се чувствувам добро и гледам напред кон иднината. Главната цел е да одржувам ниво на игра, што ќе ми помогне да се борам против Рафа и Новак и додека тоа е можно, ќе продолжам да се борам за титули, додаде тој.

Ѓоковиќ, кој го надигра категорично Надал во финалето во Мелбурн, е на врвот на светската листа пред Шпанецот, додека Федерер падна до шестата позиција во рангирањето.

– За мене, првото место на 37-годишна возраст не е главен приоритет, рече Швајцарецот.

На третото издание на „Лејвер Купот“, што ќе се одржи помеѓу 20-22 септември, Бјорн Борг е капитен на тимот на Европа, додека Џон Мекинро го води тимот на САД. Федерер се надева дека неговиот сонародник Стен Вавринка ќе учествува во турнирот.

– Ние заедно ја освоивме олимписката титула во 2008 во Пекинг. Со малку среќа, ние повторно може да играме заедно во Женева, заврши Федерер.вз

Таг
Back to top button
Close