0_Македонија.ПорталОпштество

Анкета:  За мнозинството граѓаните целосно или донекаде се важни вообичаените вакцини

 За големо мнозинство од граѓаните (89,7 отсто) целосно или донекаде се важни вообичаените вакцини кои се применуваат во земјава, покажува анкетата спроведена од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) во врска со актуелната состојба со епидемијата на морбили.

Скопје,18 февруари 2019 (МИА) –  За големо мнозинство од граѓаните (89,7 отсто) целосно или донекаде се важни вообичаените вакцини кои се применуваат во земјава, покажува анкетата спроведена од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) во врска со актуелната состојба со епидемијата на морбили.

– Според истражувањето, за големо мнозинство од граѓаните (89,7 отсто) целосно или донекаде се важни вообичаените вакцини што се применуваат во земјава. Висок е и процентот (86,3 отсто) на оние кои сметаат дека целосно или донекаде е важно родителите да ги вакцинираат децата. Околу 69 отсто од граѓаните се загрижени дека може да избие епидемија не само на сипаници, туку и на други заразни болести. Речиси две третини (59,2 отсто) целосно или делумно се согласуваат со привремената мерка на Министерството за здравство, за забрана на прием на деца што немаат примено МРП вакцина во градинките, соопшти МЦМС.

Големо мнозинство од граѓаните, дури 69,7 отсто, како што покажува анкетата, целосно или донекаде се загрижени за несаканите дејства од вакцините, но 86,6 отсто рекле дека немаат искуство со некој што имал несакана реакција на вакцина.

-Такво искуство имале 8,0 отсто од испитаниците. Прашани за тоа дали веруваат дека постои поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, 9,8 отсто целосно се согласуваат, а 16,7 отсто воопшто не се согласуваат. Мнозинство од граѓаните (54,1 отсто) сметаат дека безбедноста на детското вакцинирање бара понатамошна дебата иако 38,2 отсто сметаат дека науката која ја поддржува безбедноста на детското вакцинирање е неоспорна, се наведува во соопштението.

Од друга страна, вкупно 56,9 отсто имаат целосна или делумна доверба во системот на државата за оценка на безбедноста на вакцините и препораките кои треба да бидат дадени. Речиси половина од граѓаните, односно 47,2 отсто веруваат дека имале придобивки од развојот на вакцините.

-Вкупно 71,9 отсто од испитаниците целосно или донекаде се согласуваат дека доколку некое дете не е вакцинирано, други деца се изложуваат на ризик од болест. Повеќе од половината од граѓаните или 54,6 отсто сметаат дека со одлуката на родителите да не ги вакцинираат децата, тие ги изложуваат на ризик и децата и целото општество, додека една третина (33,1 отсто) сметаат дека родителите треба да имаат право да одлучат дали нивните деца ќе се вакцинираат или не. Многу сличен е и процентот (33,6 отсто) на оние за кои вакцинирањето е прашање на личен избор, за разлика од мнозинството (61,5 отсто) за кои вакцинирањето е прашање на јавното здравство, велат од МЦМС.

На прашањето дали разногласието во врска со вакцинирањето се должи на (не)информираноста, вкупно 51,6 отсто од анкетираните граѓани рекле дека јавноста не добива доволно информации од докторите за вакцинацијата.

-Матичниот доктор е извор на информации за вакцините само за 18,4 отсто од граѓани-те. Главен извор на информирање за вакцините се медиумите и тоа, телевизијата, радиото и весниците за 28,8 отсто од испитаниците, а интернет порталите и форумите за 11,7 отсто. Заедно со социјалните медиуми (13,5 отсто), овие канали на комуникација се извор на информации за вакцините за 54,0 отсто од граѓаните, стои во соопштението.

За потребите на МЦМС, теренската анкета е спроведена од  М-Проспект во периодот од 15 до 30 јануари годинава на национален репрезентативен примерок од 1001 испитаник. дма/сд/

Back to top button
Close