0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Џафери ќе го врати до судот барањето за Вељаноски

Поради повикување на погрешен член од законот, претседателот на  Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери ќе го врати до Кривичниот суд барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељаноски. 

Скопје, 21 февруари 2019 (МИА) – Поради повикување на погрешен член од законот, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ќе го врати до Кривичниот суд барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељаноски.

Од собраниската прес-служба велат дека во моментот кога ќе стигне новото барање од судот, ќе биде постапено според сите рокови од Деловникот.

Барањето од Кривичниот суд во Скопје за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски стигна околу пладне во Собранието на Република Северна Македонија.

По приемот на новото барање, Џафери треба да го достави до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот. Со Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања претседава пратеникот Павле Богоевски.

По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници.

Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имунитетот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Трачуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски вчера попладне беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.

Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.аа/скс/

Back to top button
Close