На денешен ден

На денешен ден

5 јануари 2019 (МИА)

911.- Во манастирот „Свети Наум“, на брегот на Охридското Езеро, умрел Наум Охридски, познат како Свети Наум Охридски Чудотворец, еден од основоположниците на словенската писменост и просвета. Наум бил еден од даровитите ученици на браќата Кирил и Методиј и како таков, кога во 893 година неговиот брат Климент бил назначен за словенски епископ во Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Наум Охридски. Наум Охридски успешно ја продолжил целокупната дејност на Климент Охридски, а изградил и манастир во близината на Охрид. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови се уште не се идентификувани. Роден бил во првата половина на деветтиот век.

1589.- Умрела француската кралица Катарина Медичи, ќерка на господарот на Фиренца Лоренцо Втори Медичи која, по смртта на својот сопруг Анри Втори, од 1560 година владеела со Франција како регент на синовите Франсоа Втори, Шарл Деветти и Анри Трети. Во текот на нејзиното владеење беснеела верско-граѓанската војна меѓу римокатолиците и хугенотите, за чие разбеснување придонесла и самата таа.  Со поддршката од папата Гргур Тринаесетти во 1572 година го организирала колежот на хугенотите (француски протестанти-калвинисти) познат како Вартоломејска ноќ.

1592.- Роден е индискиот цар Шах Џехан (познат и како принц Харам). Најголем дел од владеењето, од 1628 до 1658 година, кога бил тргнат од синот Аурангзеб, се посветил на изградбата на мавзолејот Таџ Махал во престолнината Агри. Преубавото здание од бел мермер, шо со 20.000 работници го градел од 1631 до 1653 година, е посветен во спомен на Мумтаз Махал. Умрел во 1666 година и е погребен во истиот мовезелј. Во 1648 година ја преместил престолнината од Агри во Делхи, каде го изградил новиот град Шахџеханабад.

1855.- Роден е американскиот пронаоѓач Кинг Кемп Џилет, пронаоѓач на ножот за бричење, кај нас познат како „жилет“, според француската верзија на неговото презиме.

1858.- Умрел австрискиот војсководец од унгарско потекло фелдмаршалот Јозеф Радецки, воен реформатор и австриски национален херој кој повеќе од половина век ги предводел австриските трупи. Учествувал во битките против францускиот цар Наполеон Први во Италија, на Рајна и во задушувањето на востанието предводено од италијанските востаници против Австрија во 1830, 1831, 1848 и во 1849 година. По победата над Италијацните во 1848 година, станал гувернер на Ломбардиско-венецијанската област. Најпознатиот австриски воен марш од перото на Јохан Штраус му е посветен токму нему.

1875.- Во Штип е роден Владислав (Славчо) Ковачев, македонски револуционер и публицист. Неговиот богат револуционерен и творечки живот бил посветен на македонското дело, на одбраната на изворните принципи на самостојноста на македонското ослободително движење и на афирмацијата на македонскиот национален идентитет. Само неколку часа пред да биде убиен неговиот истомисленик Димо Хаџи Димов, од наемен убиец на Ванчо Михајлов, бил убиен во Софија, на 13 септември 1924 година.

1876.- Роден е германскиот државник Конрад Аденауер, канцелар на Западна Германија од 1949 до 1963 година. Во 1947 година бил основач на Христијанско-демократската партија. До доаѓањето на нацистите на власт во 1933 година бил адвокат и градоначалник на Келн. Политички се реактивирал по капитулацијата на Германија во Втората светска војна, тесно соработувајќи со американската воена управа, односно со владата на САД. Активно учествувал во создавањето на НАТО и на другите облици на соработка на западните држави.

1885.- Во Софија излегол првиот број на весникот „Македонски глас“, весник на македонските емигранти. Прв одговорен уредник бил Христо Томов. Весникот се застапувал за борба против турската власт во Македоија и за примена на членот 23 од Берлинскиот договор, за автономија на Македонија.

1895.- Германскиот физичар Вилхелм Рендген ги пронашол “Х” зраците, подоцна според него наречени “Рендгенски зраци”.

1919.- Основана е Национал-социјалистичката работничка партија на Германија. На власт дошла во 1933 година кога на Хитлер по изборите му бил доверен мандатот за состав на владата. Стравот од националистичката партија во Германија во повеќето делови во Европа траел до 1945 година кога Германија капитулирала, а претходно на воен план била тотално поразена.

1925.- Нели Тејлор Рос била првата жена  во историјата на САД која станала гувернер на американската сојузна држава Вајоминг.

1928.- Роден бил пакистанскиот државник Зулфикар Али Буто кој бил претседател на Пакистан од 1971 до 1973 година кога стана премиер. Во јули 1977 со воен пуч го отстанил генералот Мухамед Зија ул Хак. Буто бил уапсен, а судот на военот режим на Зија во март 1978 година го осудил на смрт со неуверливи обвиненија дека наредувал убиства на политичките противници. Бил обесен во април 1979 година.

1939.- Роден е шпанскиот крал Хуан Карлос Први, кој по смртта на Франциско Франко во 1975 година кој одлучувачки придонесол за воспоставување на демократскиот поредок во Шпанија.

1952.- Во Скопје, во ателјеата на Зајчев Рид, започнало снимањето на првиот македонски уметнички филм „Фросина“. Режисер бил Воислав Нановиќ, а снимател Кирил Билбиловски. Во главните улоги играле Мери Бошкова, Петре Прличко, Илија Џувалековски, Ацо Јовановски и други.

1952.- Во Торино, Италија, умрел д-р Христо Татарчев, еден од основоположниците на Внатрешната македонска револуционерна организација, основана во Солун, во 1893 година. Бил претседател на ЦК на Организацијата од нејзиното основање па се до 1901 година. Роден бил во Ресен, на 16 декември 1869 година.

1964.- Вселенскиот патријарх Атинагор Први и папата Павле Шести се состанале во Ерусалим. Од 15. век тоа била прва средба на некој православен патријарх со римокатоличкиот поглавар.

1969.- Советскиот Сојуз го лансирал вселенскиот брод „Венера 5“ без екипаж во правец на Венера, а пет дена потоа и „Венера 6“, кои до планетата стасале на 16, односно 17 мај.

1970.- Во Гетинген, Германија, умрел Макс Борн, германски научник, светски теоретичар во областа на нуклеарната физика. Во 1954 година ја добил Нобеловата награда за физика. Роден бил во Вроцлав, Полска, на 11 декември 1882 година.

1981.- Почнала електрификацијата на железничката пруга Скопје – Гевгелија, што завршила на 24 ноември 1986 година.

1985.- Во Загреб умрел Ловро Матачиќ, хрватски диригент, композитор и оперски режисер, уметник со светско реноме. Почетокот на работата на Македонскиот народен театар е тесно врзан со името на овој светски музички великан. Роден бил во Сушак, на 14 февруари 1899 година.

1990.- Во Скопје умрел Филип Симоновски, истакнато име на македонското новинарство, уредник и публицист во “Нова Македонија”. Роден бил во Лазарополе, на 14 ноември 1941 година.

1991.- Умрел Васко Попа, еден од најголемите српски, односно војводински поети, кој ја вовел модерната метафора во поетското изразување. Познати се неговите збирки поезија: „Кора“, „Споредно небо“, „Волчја сол“, „Куќа на средпат“ и други. Роден бил во Гребенац, кај Вршац, на 29 јули 1922 година.

1995.- Владата на Република Македонија донесла одлука за воспоставување дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Узбекистан и Република Молдавија.

1997.- Русија ги повлекла последните единици на Министерството за одбрана од Чеченија, привремено завршувајќи ја воената кампања против исламските терористи во Чеченија.

2004.- Соопштено е дека на вонредните претседателски избори во Грузија убедливо победил лидерот на опозицијата Михаил Саакашвили.

2007.- Умрел Момофука Андоа, јапонскиот „крал на ситни тестенини“, пронаоѓач на „инстант ситните тестенини“ кои се главна храна на астронаутите во вселената.

2016.- На 96-годишна возраст во неименувана европска земја почина принцезата Ашраф Пахлави, сестра-близначка на последниот ирански шах. Ашраф и нејзиниот брат Мохамад Реза Пахлави, кој бил предодреден да стане монарх, биле родени во 1919 година. Владејачката иранска монархистичка династија била соборена во 1979 година од Иранската револуција.

###

 

Back to top button
Close