МИА Радио флешПакети

МИА Радио флеш

16:00/31 јануари 2019

16:00/31 јануари 2019

– Во текот на следните денови Протоколот за членство во НАТО ќе биде ратификуван од грчкиот Парламент, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите и ги објасни обврските и следните чекори за Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

– Скопскиот градоначалник Петре Шилегов очекува дека во текот на февруари Град Скопје ќе ја донесе новата одлука за концесионер и оти во целост ќе се стави целосна контрола над работата и функционирањето на „Дрисла“.

– Во рок од 10 дена ќе биде објавен јавен повик за ангажирање двајца постојани експерти во собраниската Комисија за надзор на спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите согласно Законот за следење комуникации што беше донесен во април минатата година, информира денеска на прес-конференција во Собранието претседателот на оваа собраниска комисија, Емил Димитриев, пред почетокот на нејзината седница на која ќе се расправа за Годишниот извештај за работата на ОТА за минатата година.

– Вкупно 80 кандидати се пријавиле на огласот за претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупција, а по првичното филтрирање, 58 апликации останале во процесот за избор.

– Растот на економијата во третиот квартал од минатата година е над проекцијата на Народната банка на Република Македонија, а НБРМ очекува поволните движења во економијата да продолжат и во наредниот квартал.

– Во текот на вчерашниот ден се регистрирани шест пациенти со морбили. На Клиниката за инфективни болести во моментот се хоспитализирани 20 пациенти со ова заболување. Меѓу нив е и едномесечно бебе со Даунов синдром од Куманово, кое е со потешка клиничка слика и кое претходно било лекувано на Клиниката за детски болести, соопшти Министерството за здравство.

– Косовскиот претседател Хашим Тачи по денешната средба на лидерите на косовските институции со американскиот амбасадор Филип Коснет, на која е разговарано за таксата од 100 отсто на увозот од Србија, изјави дека „таквите средби се вообичаени“, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Според првичните резултати во четвртиот квартал, економијата на Италија влезе во рецесија, што воедно е првпат по 2013 година некоја земја на ЕУ толку да потоне.

– Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант, призна дека излезот на Велика Британија од ЕУ ќе мора да се измени ако преговорите за разделување се одолговлечат до крајот на март.

– Истражувањето на агенцијата Галуп, спроведено во 57 земји низ целиот свет, покажува дека германската канцеларка Ангела Меркел е најпозитивно оценет лидер вo светот за 2018 година.

– Режисерот, кој е најпознат по трилогијата „Господар на прстените“, Питер Џексон ќе режира филм за Битлси, односно за снимањето на нивниот последен албум „Let It Be“ од 1970 година и сите превирања околу него.

– Швајцарецот Рамон Вега ќе биде противкандидат на првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино на следните избори. За да влезе во трката за претседателското место на Вега му е потребна поддршка од само само пет федерации.

Back to top button
Close