Svet.SlajderЕвропаЕвропа.Портал

Во Париз приведени 224 лица, затворени 20 метро-станици

За време на протестот на Движењето „жолти елеци“ во Париз денеска се приведени најмалку 224 луѓе, додека 20 метро-станици се затворени. Во протестите се повредени околу 80 луѓе, од кои 16 полицајци.

Париз, 1 декември 2018 (МИА) – За време на протестот на Движењето „жолти елеци“ во Париз денеска се приведени најмалку 224 луѓе, додека 20 метро-станици се затворени. Во протестите се повредени околу 80 луѓе, од кои 16 полицајци.

Меѓу приведените лица има и припадници на крајната десница и на ултралевицата.

Француската министерка за здравство Ањес Бизин изјави дека насилството што се случува во Париз е неприфатливо и оти демонстрантите во „жолти елеци“ мора да се спротивстават на екстремистичките групи кои ги користат нивните легитимни поплаки.

Таа апелираше до демонстрантите да се организираат за да отпочнат дијалог со Владата.

Во исто време, лидерката на крајната десница Марин Ле Пен побара од претседателот Емануел Макрон штом се врати од Аргентина да ги прими лидерите на опозициските партии.

Таа на Твитер го осуди насилството во Париз и ги повика демонстрантите, кои протестираат поради зголемување на цените на горивото и на даноците, да се повлечат и да ѝ овозможат на полицијата да им стави крај на немирите.

Според очевици, пожарникарите гаснат запалена зграда во близина на Елисејските полиња.

Француските медиуми објавија дека на улиците можат да се видат уништени автомобили и барикади.

Во Париз денеска, трет викенд по ред, избија судири помеѓу демонстрантите и полицијата.

Судирите избија кога помала група демонстранти постави барикади на улица во центарот на Париз и запали гуми.

Полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои се обидоа да го пробијат безбедносниот кордон на Елисејските полиња.

Пред Триумфалната капија полицијата употреби солзавец и водни топови против „жолтите елеци“, кои фрлаа камења врз припадниците на безбедносните сили.

„Жолти елеци“ денеска повикаа на нови демонстрации и блокади на патиштата низ Франција.

Во Движењето „жолти елеци“ учествуваат широк спектар граѓани, кои протестираат поради високите животни трошоци. Тие бараат намалување на даноците, државни субвенции со цел да им се помогне на компаниите да вработат поголем број луѓе, поголеми пензии и поголема национална минимална плата. ми/

Таг
Back to top button
Close