0_Web_Насловна-слајдерСветСвет.Портал

Репортери без граници: Во 2018 година во светот се убиени 80 новинари

Најмалку 80 новинари се убиени годинава во светот поради нивната работа, објави денеска невладината организација Репортери без граници.

Берлин, 18 декември 2018 (МИА) – Најмалку 80 новинари се убиени годинава во светот поради нивната работа, објави денеска невладината организација Репортери без граници.

Повеќе од половината убиени новинари се во пет држави – Авганистан, Сирија, Мексико, Јемен и Индија, се наведува во годинешниот извештај објавен во Берлин.
Според податоците, 15 новинари се убиени во Авганистан, 11 во Сирија, девет во Мексико, осум во Јемен и шест во Индија.

Во извештајот се посочува и дека шест новинари годинава страдале во САД, од кои четворица загинаа при нападот врз весникот „Капитал газете“ во Мариленд.

Репортери без граници посочуваат и дека 348 новинари во светот се во затвор. Најголем број затворени новинари има во Кина (60), потоа следуваат Египет (38), Турција (33), Иран (28) и Саудиска Арабија (28).

Во светот во последните десет години се убиени 702 новинари.

Новинарите кои ги следат вооружените судири во светот се изложени на најголем ризик, но исто толкав број се убиени и надвор од вооружените судири, а во такви случаи, виновниците често поминуваат неказнето, се потенцира во извештајот.
Според Репортери без граници, земјите како Кина, Египет, Иран и Саудиска Арабија постојано смислуваат методи за угентување.

Цивилното новинарство најмногу страда поради таквите методи, кои вклучуваат контрола на интернетот со цел да се контролираат блогерите и новинарите кои објавуваат текстови на интернет или социјалните мрежи, се истакнува во извештајот.

Невладината организација посочува дека во 2018 година 60 новинари се киднапирани, што е шест повеќе во споредба со претходната година. Освен еден случај, другите киднапирања се случија во Сирија, Јемен и Ирак.

Репортери без граници апелира Обединетите нации да воспостават функција на посебен претставник за заштита на новинарите. ми/

Таг
Close