На денешен ден

На денешен ден

6 декември 2018 (МИА)

1421.- Роден е англискиот крал Хенри Шести, последниот монарх од династијата Ланкастер, кој формално станал владетел во 1422 година, во осмиот месец од животот. Соборен бил во династичките борби („Војна на двете ружи“) и е убиен во мај 1471 година во лондонскиот затвор „Тауер“.

1492.- Христофер Колумбо го открил островот Хаити.

1507.- Германскиот картограф Мартин Валдземилер ја објавил првата географска карта на новиот континент на кој му било дадено името Америка. За време на изработката на новото издание на Птоломеовиот атлас тој ги прочитал писмата на Америго Веспучи од Новиот свет, во кои италијанскиот морепловец тврдел дека патот преку Атлантикот не води до Азија, туку до дотогаш непознатиот континент. Валдземилер врз основа на тие описи ја нацртал картата и на неа го ставил зборот – Америка.

1877.- Американскиот пронаоѓач Томас Едисон во Вест Оринд, во Њу Џерси, ја демонстрирал првата тонска снимка.

1917.- Собранието во Хелсинки ја прогласило независноста на Финска, која ја признала советска Русија. Финска по Наполеоновите борби потпаднала под руска власт и во 1809 година станала големо војводство во составот на Руското царство. Дотогаш таа била составен дел на Шведска.

1917.- Во сударот на францускиот брод „Мон Блан“, товарен со експлозив вклучувајќи и 5.000 тони ТНТ, со белгискиот брод „Имо“ во пристаништето на градот Халифакс во Канада, загинале повеќе од 1.500 луѓе и околу 8.000 биле ранети, а голем дел од градот бил разорен.

1921.- Велика Британија потпишала мировен договор со Ирска, според кој била воспоставена Ирска Слободна Држава (без поголем дел од Алстер – Северна Ирска) како членка на Британскиот комонвелт.

1926.- Умрел Клод Моне, француски сликар, еден од основачите на импресионизмот. Според неговата слика “Импресија, зајдисонце”, изложена во 1874 година, во Париз, дадено е името на целиот сликарски правец.

1927.- Во Ќустендил умрел Ефрем Цветков Каранов, собирач на македонски народни умотворби. Тој, заедно со Ѓорѓи Пулевски, П. Гиновски, Ѓ. Абаџиев, В. Икономов, Д. Матов, Е. Спространов и други, се појавил како значаен популаризатор на македонското народно поетско творештво. Каранов бил основач и претседател на Македонското емигрантско друштво во Ќустендил, прво од таков вид во Бугарија. Роден бил во Кратово, на 25 јануари 1852 година.

1929.- Во Република Турција, жените биле изедначени со мажите во поглед на правото на глас.

1941.- Почнала контраофанзивата на силите на Црвената армија против германските сили на фронтот пред Москва. На фронтот, широк 300 километри, биле пробиени германските линии. Нацистичките дивизии биле прегазени или опколени, а подоцна разбиени.

1942.- Кај селото Папрадиште, Велешко, загинала младата партизанка Невена Георгиева – Дуња, која била смртно погодена од фашистички рафал. Родена била во Скопје, на 25 јули 1925 година.

1968.- Во Велес се одржале првите „Детски Рацинови средби“, манифестација во чест на ликот и делото на македонскиот поет Кочо Рацин, а покрај тоа, имала за цел да го афирмира детското литературно и ликовно творештво.

1978.- Шпанците на референдум го усвоиле новиот устав, според кој Шпанија била дефинирана како уставна монархија со парламентарна демократија.

1994.- Во Будимпешта, Унгарија, Конференцијата за европска безбедност и соработка (КЕБС), го промени името во Организација за европска безбедност и соработка.

2006.- Долниот дом на австралиското собрание го усвоил законот со кој се одобрувало клонирање луѓе за терапевтски цели, кој горниот дом (сенатот) веќе одамна го усвоил. Новиот закон дозволувал производство на човечки ембриони со клонирање, заради земање матични клетки. Таа техника наводно го отворала патот за лечење дијабетес, карцином и Алцхајмерова болест.

2011.- На 52-годишна возраст починал Гоце Арнаудов, познат македонски пејач на народна музика. Во 1994 година на Фолк фест – Валандово ги освоил сите награди со песната „Дали чекаш стара мајчице“. Пет години бил прогласуван за најпопуларна личност на Македонија, а учествата на Фолк-фест Валандово му донесле 22 награди. Неколку пати ја добил наградата за интерпретација „Никола Бадев“ на фестивалот „Гоце Фест“. Редовно учествувал на турнеи во Европа, Америка и Австралија. Ќе остане запаметен по песните „Ех да беше стрела песната”, “Дали чекаш стара мајчице”, “Ќе пијам ќе лумпувам”, “Свири мајсторе”, “Полни бре меанџијо”… Арнаудов бил роден во Струмица на 19 август 1959 година.

Close