МИА Радио флеш

МИА РАДИО ФЛЕШ

14:30/ 5 декември 2018

 

– Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервју за грчкото радио „Њуз247“ во однос на изјавата на македонскиот премиер што предизвика реакции и беше тема и на внатрешно политички препукувања во Грција, објаснува дека на таа тема разговарале вчера со Никола Димитров, но објаснувања дал и портпаролот на македонската Влада.

– Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО денеска од Брисел,  од нивниот состанок испратија силна поддршка за финализирање и примена на Договорот од Преспа, изјави денеска висок дипломат на Алијансата. Поддршката дошла од сите членки на НАТО.  Грчкиот министер изјавил дека треба да се поздрави храброста на Скопје и Атина во овој процес.

– Македонија и Грција конечно успеаја да постигнат консензус за решавање на спорот за името. Доколку договорот е добар за луѓето во двете земји, секако дека ќе биде добар и за регонот, но и за мене, истакна денеска во Токио поранешниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации за поранешна Југославија, Јасуши Акаши.

– Силна поддршка за реализација на Договорот од Преспа низ Парламентот и за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија добил премиерот Зоран Заев на денешната средба со пратениците од Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер од ЕПП и Кнут Флекенштајн од ПЕС.

– Процесот за помирување во насока на евроатлантските интеграции на Република Македонија доби силна поддршка од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер и европратеникот Кнут Флекенштајн, кои денеска имаа средби со собранискиот спикер Талат Џафери, потпретседателите, кординаторите на пратеничките групи и независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Поранешиот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, денеска доби нов 30-дневен притвор и за предметот „Титаник“ на СЈО. Судијата Осман Шабани, кој е претседател на Судечкиот совет, на денешното рочиште во Кривичниот суд, во однос на предлогот за определување мерка притвор за Груевски, рече дека Советот донел одлука на обвинетиот да му се одреди мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање.

– Обвинителката Лиле Стефановска на денешното рочиште „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство за изборни нерегуларности, прочита околу 20 смс пораки меѓу обвинетата Гордна Јанулоска и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, во кои тие разговараат за исплаќање субвенции, пензии, денационализација и плати, во пресрет на изборите 2011 година.

– Посебен режим на сообраќајот низ централното подрачје во Скопје ќе има денеска попладне поради одржување на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска од 17:00 часот е закажан протест во Скопје организиран од страна на политичка партија со релација на движење од плоштадот ВМРО, десно по улицата „Даме Груев“, право по улицата „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ до пред зградата на  Влада на Република Македонија.

– Синдикалната организација при јавните обвинителства на Република Македонија ги поддржува напорите на Синдикатот на УПОЗ за изнаоѓање решение за судските службеници за остварување на нивните права и враќање на парите кои им беа одземени за време на штрајкот во 2016 година.

– Во знак на почит за поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш Постариот, албанското знаме на претседателската резидеција во Тирана денеска е спуштено на половина копје.

 Непознати хакери ја нападнаа веб-страницата на Радиотелевизија Косово (РТК), поради што таа веќе неколку часа е вон употреба, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Амбасадата на САД во Виена издаде предупредување до американските граѓани поради опасност од тероризам во Австрија во периодот пред Божиќ. Врз основа на постоечките закани од страна на меѓународните терористички организации и поединци треба да се биде внимателен, се посочува во соопштението на Американската амбасада.

– Елисејската палата одби да ја коментира ироничната порака на американскиот претседател Доналд Трамп испратена до претседателот на Фанција, Емануел Макрон за да го пролонгира зголемувањето на цената на горивата по протестите.

– Будимпешта и понатаму ќе ја блокира работата на Комисијата Украина-НАТО, користејќи го тоа како инструмент во борбата за правата на унгарската заедница во соседната земја, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по состаноците од првиот ден на министерскиот состанок на НАТО во Брисел.

– Доколку САД се повлечат од Договорот за ликвидација на ракетите со среден и краток дострел (ИНФ), цел на руските проектили ќе бидат земјите во кои се распоредени американски ракетни системи, изјави денеска началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Русија, генерал Валери Герасимов.

– Дирекцијата за цивилна заштита и управување со кризи на Нова Каледонија го повлече предупредувањето за опасност од цунами, што беше изадено утрово по трите силни земјотреси во водите на Тихиот Океан источно од островот. Во соопштението се наведува дека брановите кои доаѓаат до бреговите на Нова Каледонија се намални и не претставуваат опасност за населението.

 Тренерот на Вардар, Роберто Парондо ги искажа своите очекувања во пресрет на македонската пресметка во СЕХА лигата против Металург. – Секогаш кога играме со Металург може да се случи нешто неочекувано бидејќи тоа се дерби средби. Тоа се два тима кои се големи ривали и сите знаат дека тоа е повеќе од обичен натпревар. Очекуваме добра атмосфера и верувам и гледачите ќе уживаат во мечот. Според мене најважно е Скопје да има два навистина добри клуба, вели Парондо.

 Тренерот на Монако, Тјери Анри смета дека не треба да залажува победата над Амиен (2:0) оставрена синоќа во натпревар од 16. коло на  француското првенство. Ова е втора победа на Монако под водство на Анри.

Back to top button
Close