МИА Флеш

МИА ФЛЕШ

10:00/ 6 декември 2018

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – На првата јавна дебата за четирите нацрт-уставни амандмани во Владата на Република Македонија беа презентирани повеќе предлози и забелешки од страна на експертите од научната јавност и невладиниот сектор.
Премиерот Зоран Заев истакна дека постои отвореност и позитивни размислувања за прифаќање на одредени предлози изнесени на собраниската Комисија и на пленараната седница. Повтори дека амандманите нема да станат дел од Уставот доколку Грција не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО. Денеска тој ќе се обрати на втората од петте јавни дискусии за уставните измени. Дискусијата ќе се одржи на Универзитетот ФОН, каде говорници ќе бидат и ректорот на Универзитетот Нано Ружин и универзитетскиот професор Темелко Ристовски, додека дискусијата ќе ја отвори и воведе деканката на Правниот факултет, Сејдефа Џафче. 

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – Делегација на Република Македонија, предводена од заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, денеска и утре ќе учествува на 25-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), кво Милано, Италија.

Како што соопшти МНР, на Министерскиот совет најавено е присуство на високи претставници на 57-те земји учеснички на ОБСЕ и партнери на организацијата, меѓу кои и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тендери“, „Тарифа“ и раздвоената постапка за „Насилство во Општина Центар“.

Минатото рочиште за случајот „Тендери“, каде првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“ не се одржа, бидејќи судиите што судат во овој случај во исто време имаа судење за предметот „Топлик“.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – Во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година.

На денешното рочиште одбрана треба да дава обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, кој има предложено тројца сведоци. На минатото рочиште од правото да изнесат одбрана се откажаа обвинетите Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо и Митре Питроповски.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) –  Финална сесија од настанот „Денови на симулирано судење“ ќе се одржи денеска на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

На настанот најавено е присуство на ректорот на УГД академик Блажо Боев, на претставник од амбасадата на САД во Македонија, како и на професори, судии и студенти од цела Македонија.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – На Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ќе се одржи 22-та Ораторска вечер „Иво Пухан“.

Ораторската вечер, како и конференција на тема „Право, правда и политика во современиот демократски контекст“ што ќе се одржи на 10-ти овој месец, се одбележува Мешународниот ден на човекови права – 10 Декември, што е истовремено и Ден на факултетот.

Скопје, 6 декември  2018 (МИА) – По повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска ќе ја промовира интернет платформата prijavikorupcija.mk пред студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Презентацијата ќе биде неформална, на штандови поставени на сите факултети во кампусот на УКИМ, каде студентите и професорите ќе имаат шанса директно да се информираат и интерактивно да ја тестираат платформата.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – Конференција на тема „За општество ослободено од корупција“ денеска ќе се одржи во Скопје во организација на невладините организации „Цивил“ и „Зелена лупа“. На конференцијата најавено е обраќање на премиерот Зоран Заев.

Организаторите како учесници ги најавуваат и заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, кој се очекува да ги претстави владините постапки поврзани со новиот предлог закон за антикорупција. Розета Трајан, генерален секретар на Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе говори за искуствата во борбата против корупцијата.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) –  По повод 1000-годишнината од Охридската Архиепископија и 60-годишнината од Македонската православна црква денеска ќе се одржи Вториот Светиклиментов научен собир на тема „Вера и општество“.

Собирот е во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, а ќе се одржи во свечената сала на Факултетот.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – Министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, во придружба на директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија Никола Шалваринов, од утре до 10-ти овој месец ќе бидат во официјална посета на Романија.

За време на посетата, делегацијата предводена од министерот Адеми, како што соопшти неговиот кабинет, ќе има средби со претставници на дијаспората од Македонија во Романија, при што ќе учествува на настанот „Ден на македонскиот јазик во Романија“,  а ќе имаат и средби со Заедницата на Албанците во Романија, по потекло од Република Македонија.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – Форум на тема „Стратешки развој на туризмот и  ефектите на државната политика за негова поддршка“ ќе се одржи денеска во Охрид во организација на Стопанската комора на Македонија,  во рамките на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, четиригодишен проект финансиран од УСАИД Македонија, имплементиран од „ЕПИ Центар Интернационал“, а во соработка и со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Целта на Форумот е да се отвори дискусија за фактичката состојба на секторот за туризам и угостителство во Македонија, како и негово развивање и поддршкa од страна на државата преку креирање нови туристички производи, услуги и алатки со цел да ја направат Македонија атрактивна туристичка дестинација.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) –  Случаи на добри практики за зелена економија ќе бидат презентирани денеска во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Целта е да се мотивираат земјите од Балканот да започнат да инвестираат повеќе во оваа област. Презентацијата е дел од  проектот GEAR-Green Economy for Advanced Region, финансиран од Европската унија.  Проектот е фокусиран на подобрување на капацитетите на граѓанските организации од регионот кои се активни во секторот животна средина и клима за да ги застапуваат и промовираат концептите на зелена економија и зелено претприемништво.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – Во рамки на кампањата „Слушни ја! – 16 денови активизам против родово базирано насилство”, Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави денеска организира настан „Создавање на безбедна работна средина за жените”.

За време на настанот, локални и странски експерти ќе дискутираат за ситуацијата на жените на работните места, како и за најдобрите светски практики што нудат практични механизми за решавање на родово-базирани прашања во работната околина.

Скопје, 6 декември 2018 (МИА) – Македонија е на 36. место на листата земји чии пасоши овозможуваат најлесно патување, покажува рангирањето што го направила интернет страницата Паспорт индекс за 2018 година.

Со македонски пасош слободно може да се влезе во 77 земји, додека за 41 земја визата се издава веднаш при влегувањето. За носителите на македонски пасоши потребна е виза за патување во 80 земји.

Париз, 6 декември 2018 (МИА) – Француската Влада се откажа од зголемување на данокот на гориво во 2019 година, кој претходно беше суспендиран на шест месеци, изјави синоќа францускиот премиер Едуар Филип.

Тој пред пратениците во францускиот Парламент наведе дека „засега се откажува од зголемување“ во буџетот за 2019 година и и порача на Владата „да се подготви за дијалог“.

Париз, 6 декември 2018 (МИА) – Француските демонстранти ја поздравија синоќешната одлука на претседателот Емануел Макрон, кој се откажа од зголемување на данокот за гориво планирано за следната година, но истакнаа дека можеби тоа не би било доволно да се смири гневот на јавноста.

– Мислам дека одлуката е донесена предоцна, изјави портпаролката на Жолтите елеци, Жаклин Муро.

Будимпешта, 6 декември 2018 (МИА) – Унгарскиот премиер Виктор Орбан даде зелено светло за создавање на огромен провладин медиумски конгломерат во земјата.

Сопствениците на околу 500 унгарски национални и локални медиуми, сите отворено провладини, минатата недела во координирана акција ги подарија своите компании на поранешен пратеник од владејачката партија ФИДЕС, Габор Лискај.

Берлин, 6 декември 2018 (МИА) – Религијата е помалку важна за Европејците, отколку за луѓето во Африка, Латинска Америка или САД, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од институтот Пју.

Истовремено истражувањето забележало и големи разлики меѓу одделни држави во Европа.

Кабул, 6 декември 2018 (МИА) – Жена првпат е именувана на раководна функција во авганистанското Министерство за внатрешни работи.

Хосна Џалил е назначена за заменик министер за политички и стратегиски прашања. По стапувањето на должност таа истакна дека со ваквиот потег е испратена порака до радикалните религиозни движења дека авганистанската Влада постигнала победа со изборот на жена во секторот „безбедност“.

Токио, 6 декември 2018 (МИА) – Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека досега се пронајдени двајца членови на екипаж во водите крај брегот на Јапонија, каде се урнаа два авиони на американскиот Марински корпус.

Прво е откриен еден маринец, чија состојба е стабилна, а по кусо време и вториот, чија состојба за сега не е позната. Други детали за останатите петмина членови на екипажите засега нема.

Манила, 6 декември 2018 (МИА) – Филипинскиот претседател Родриго Дутерте повторно упати напади и навреди кон католичките епископи во својата земја, велејќи дека тие треба да бидат убиени бидејќи нема никаква корист од нив.

Дутерте, кој често пати ја критикувал Католичката црква и нејзините лидери на Филипините, изјави дека иако верува во Господ, тој смета дека епископите се „глупаци“.

Мексико Сити, 6 декември 2018 (МИА) – Клаудија Шајнбаум стана првата жена градоначалник на Мексико Сити откако синоќа положи заклетва и веднаш најави дека ќе ја расформира полицијата за сузбивање нереди.

– Полицијата постои за да го штити народот, и не ни се потребни полициски сили кои ќе спроведуваат репресија врз луѓето, истакна таа.

Канбера, 6 декември 2018 (МИА) – Земјотрес со интензитет од шест степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран  североисточно од австралискиот остров Норфолк, соопшти Американскиот геофизички институт.

Не е објавено предупредување од појава на цунами, а нема ниту информации за евентуални жртви и причинета материјална штета.

Катовице, 6 декември 2018 (МИА) – Животот на еден милион луѓе ширум светот годишно можат да се спасат до 2050 година ако се почитуваат целите за намалување на загадувањето на воздухот зацртани во Парискиот договор, стои во извештај на Светската здравствена организација (СЗО).

Извештајот на СЗО, објавен на конференцијата на ОН за климатски промени во Катовице, Полска, ги истакнува ефектите кои човековите активности кои го произведуваат загадување го имаат врз здравјето на луѓето и предлага можни решенија за креаторите на политиките ширум светот, јави ДПА.

Абу Даби, 6 декември 2018 (МИА) – Јапонија и Сингапур веќе немаат најмоќен пасош на светот. Според интернет страницата The Passport Index, на врвот на листата се наоѓа пасошот на Обединетите Арапски Емирати.

Со овој пасош може да се влезе без никакви проблеми во дури 167 земји, односно има пристап во 84 отсто од светот.

Отава, 6 декември 2018 (МИА) – Потпретседателката и главна финансиска директорка на „Хуавеј“, Менг Ванжу е уапсена на 1 декември во Канада, објавија денеска американските медиуми.

Менг, која е ќерка на основачот на кинеската компанија „Хуавеј“, Рен Женгфеи, е уапсена поради наводно кршење на американските санкции и и се заканува екстрадиција во САД.

Техеран, 6 декември 2018 (МИА) – Најмалку три лица загинаа при напад со автомобил-бомба врз полициска станица во градот Чабахар, југоисточен Иран.

Иранската државна телевизија инцидентот го окарактеризира како терористички напад.

Хавана, 6 декември 2018 (МИА) – Кубанците од денеска ќе имаат пристап до интернет преку своите мобилни телефони, соопшти државната телекомуникациска компанија Етекса, што е пресврт во земјата чија поврзаност долго време беше меѓу најмалите во Западната хемисфера.

Речиси половина од 11,2 милиони жители на Куба имаат мобилни телефони, но сепак, нема да можат сите да си дозволат мобилен интернет.

Вашингтон, 6 декември 2018 (МИА) – Сателитски снимки покажуваат нова база за балистички ракети со голем дострел во Северна Кореја.

Американската телевизија Си-Ен-Ен ги објави сателитските снимки од новата база Јеонгџео-донг, лоцирана во планински предел во внатрешноста на земјата, чие постоење се уште не е објавено.

Back to top button
Close