МИА Флеш

МИА ФЛЕШ

16:00/ 19 декември 2018

 

Брисел – Европската комисија денеска го поздрави усвојувањето на Законот за амнестија за настаните во Собранието на Македонија на 27 април минатата година, оценувајќи го како можност за помирување на опшеството.

– Одлуката на Собранието да го усвои Законот за амнестија со големо мнозинство е важен чекор кон помирување на општеството и за надминување на болната поларизација. Овој процес е клучен за градење национален консензус за стратегиските прашања во интерес на земјата. ЕУ очекува усвоениот закон да не се меша во независноста на судството, кое самостојно треба да одлучи за тоа кој се бил вклучен во органиизрањето и извршувањето насилства, како и за тоа кој не ги исполнил своите службени обврски на 27 април 2017 година, се наведува во пишаната изјава на портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ.

Скопје – Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров ја започна работната посета на Брисел со средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата, поздравени се инклузивните политики на премиерот Заев и заложбите на Владата, низ обединувачки политички процес да се донесат уставните измени, со цел реализација на Договорот од Преспа, како и потребните реформи од Планот 18. Констатирано е дека ваквиот политички пристап, определбата за решавање на крупните политички прашања со соседите и носењето на реформите во клучните области: правосудството, безбедносните служби, јавната администрација, медиумите, борбата против корупцијата, ја поставија Македонија на вистинскиот пат во европските интеграции.

Брисел – Премиерот Зоран Заев денеска во Брисел имаше билатерална средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини. Средбата се одржа пред почетокот на неформалата средба на шефицата на дипломатијата на ЕУ со лидерите од Западен Балкан.

Како што објави на твитер портпаролката на ЕУ Маја Коцијанчиќ, на неформалната средба на лидерите од Западен Балкан со Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан ќе се разговара за актуелните случувања во регионот, за постигнувањата на земјите во изминатата година и за приоритетите во наредната 2019-та.

Скопје – Претседателот на Собранието Талат Џафери и шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која, потпишаа Меморандум за разбирање за спроведување заеднички активности во периодот до 31 декември 2020 година.

Целта на овој Меморандум, како што известуваат од кабинетот на Џафери, е поддршка на стратегијата за реформа на Собранието со цел законодавниот дом да ја врати својата уставна улога на центар на политичкиот дијалог, да биде отчетен, транспарентен и да има вистинска надзорна улога.

Скопје – Комисијата за уставни прашања денеска ја продолжи дебатата за предлог-амандманите на Уставот, вклучувајќи го тука и предложениот уставен закон за нивнот спроведување. Во фокус на дебатата беше државјанството односно членот 2 и ставот 2 каде што се предвидува државјанството да биде „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“.

Со оваа формулација не се согласуваат пратениците од Алијансата на Албанците Зијадин Села и Фадил Зендели од Беса. Пратениците Соња Мираковска од НСДП и опозицискиот пратеник Панчо Минов од ГРОМ, пак, ги поздравија интервенциите во предложените амандмани по собраниската дебата и јавните расправи организирани од Владата.

Скопје – Собранието на Република Македонија денеска ја почна расправата по дополнетиот Предлог буџет за 2019 година со кој како што образложи министерот за финансии Драган Тевдовски главните цели се повисоки стапки наекономски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО

Вкупните приходи се планирани на 210,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит ќе изнеусва 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП. Вкупните расходи се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО, а за капиталните инвестиции се издвоени26 милијарди денари.

Охрид – Ненадејната смрт на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски покренува процедура што ќе мора да биде спроведена за непречено функционирање на локалната власт.

Согласно законските одредби, во случај на смрт на актуелниот градоначалник, Советот на општината формално треба да да го констатира престанокот на мандатот, а член на Советот кој ќе го заменува градоначалникот во рок од 15 дена од денот на настапувањето на причината за престанок на мандатот е должен за тоа да го извести ресорното Министерство за локална самоуправа.

Атина – На последниот ден од расправата во грчкиот Парламент за буџетот за следната година, кусо пред гласањето, иако не беше на дневен ред, Договорот од Преспа, сепак, се најде во говорите на лидерите на политичките партии, но и на дел од пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на најголемата грчка опозициска партија Кирјакос Мицотакис, го коментираше говорот на Ципрас во Солун, минатиот петок. -Отидовте во Солун, на еден, да признаеме, не многу успешен собир, за да ги навредите Македонците и тоа кај нив дома. Да го наречете екстремен десничар и националист секој оној кој не се согласува со вашиот договор. Историјата ја толкувавте како што сакате. Дури говоревте и за Граѓанската војна, повторно ширејќи националната поделба. За македонскиот идентитет и македонскиот јазик, ниту збор, рече Мицотакис.

Скопје – Оптимист сум дека Преспанскиот договор ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент како историски пробив, важен не само за двете држави, туку и за осигурување на безбедност во еден проблематичен регион, вели Сотирис Сербос од Демократиус Универзитет на Тракија – Грација, кој денеска во Скопје учествуваше на стручната расправа на тема „Придобивките за Република Македонија од евроатлантските интеграции“ во организација на Инфоцентарот за евроатлантски интеграции и Факултетот за безбедност – Скопје.

За него Преспанскиот договор ги отвори европските и евроатлантските перспективи на Македонија Сега на земјата и претстои долг и тежок пат кој бара активно учество на Владата и на граѓанското општество, од доле до врвот, во чиј фокус се владеењето на правото, фундаменталните слободи, демократијата и справувањето со корупција и организиран криминал.

Атина – Грчки владини извори коментираат дека претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис и лидерката на Движење на промена, Фофи Генимата, ставот за „наводно признавање на македонска националност“, го користеле како изговор за да не го поддржат Договорот од Преспа, бидејќи не се грижат за националните интереси, јави дописничката на МИА од Атина.

Истите извори велат дека „по поднесените амандмани од пратеници Албанци во ПЈРМ, она што и онака е предвидено во Договорот од Преспа“ дека државјанството не ја определува ниту пак ја прејудицира етничката припадност на граѓаните, паѓа во вода и последниот аргумент на Мицотакис и додаваат дека овој аргумент паѓа во вода исто како што падна пред неколку дена оној за споменување наводно „македонско малцинство“, бидејќи во амандманот се споменува „дијаспора“.

Скопје – Владата не се меша во судството, туку поддржува акти со кои ќе се дефинира помирувањето. Нема да има амнестија за организаторите и за сите кои учествувале или извршиле насилство на 27 април, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција во Владата.

– Во Република Македонија се случуваат историски процеси кои имаат една и единствена цел – интеграција на земјата во НАТО и ЕУ. Ова се процеси што ја движат Македонија напред. Пратениците од власта и дел од опозицијата ја прифатија иницијативата дадена од претседателот на владата, Зоран Заев, и во Собранието се формираше Интерпарламентарно тело за интеграција, реформи и помирување. Како што кажавме и повеќе пати, Владата поддржува акти со кои ќе се дефинираат помирувањата. Акти со кои јасно ќе се разграничи насилството, физичкото насилство и осмислувањето на насилството за 27 април наспроти присуството во Собранието како дел од толпа, односно тие што го осмислиле црното сценарио, тие што извршиле насилства и тие што треба да се исправат допрва пред лицето на правдата. Овие политички одлуки носат политичка одговорност, но важно е дека мешање во судството нема, ниту ќе има по која било основа. Целта на овој Закон е да се донесе помирување помеѓу највисокиот орган во државата, односно во Собранието на РМ, рече портпаролот Бошњаковски на новинарско прашање во врска со коментарите за мешање на Владата во правосудството.

Скопје – Министерството за надворешни работи на Република Македонија информира дека до крајот на 2018 година ќе бидат објавени огласи за вработување на млади дипломати и за помошно-стручни службеници, со цел развивање на компетентна, квалитетна и професионална дипломатија, подготвена да одговара на современите предизвици и суштински да придонесува кон исполнување на стратешките цели на Република Македонија.

– Водејќи се од начелата на меритократија, инклузивност и транспарентност, целта е што поширока дисеминација на посочените огласи за вработување. Во тој правец охрабруваме пријавување на што поголем број на кандидати кои ги исполнуваат условите за вработување. Притоа, информираме дека за конкретните постапки и претстојни фази во процесот на селекција на кандидати, кои ќе се спроведуваат на почетокот од наредната година,  јавноста ќе биде навремено и прецизно известувана, се наведува во соопштението од МНР.

Скопје – Во просториите на Агенцијата за катастар на недвижности денеска беше потпишан трипартитен договор за ЛИДАР скенирање на Република Македонија, соопштуваат од Агенцијата за катастар на недвижности.

Норвешкото Министерство за надворешни работи и Норвешката агенција за картирање финансиски ги помагаат земјите од Балканот (Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора) да го подобрат пристапот до ажурни географски информации и до основните регистри, за периодот од октомври 2017  до октомври 2020 година.

Скопје – Членството во НАТО дава безбедност и сигурност на долг рок, додека зачленувањет во Европската Унија е фактички патоказ кон сите оние реформи кои ние би ги правеле во случај ако сакаме да постигнеме севкупен општествен напредок, истакна Ванчо Узунов, националниот координатор во областа на регионалната економија во Владата, на денешната презентација и дискусија за новата анализа за Берлинскиот процес „2018 Western Balkans Summit: 3 key takeaways from London”.

Наведе дека во тој контекст, Берлинскиот процес е еден предпроцес на процесот за зачленување во ЕУ, посочувајќи дека поради тоа е осмислен, од страна Германија, во фаза кога земјите од Западен Балкан се наоѓале во лимбо ситуација, незнаејќи кога ќе продолжи нивната европска перспектива.

Крива Паланка – Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние и кранцускиот конзул, Ерик Пенже остварија работна посета на општина Крива Паланка, а домаќин на делегацијата беше градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Ова е прва официјална посета на амбасадорот Тимоние на општината, а беше искористена за најава на проектот за посета на автомобилски караван на Француски државјани кој во август следната година ќе пристигне во Крива Паланка.
– На мое задоволство во вашиот град ме пресретна убав сончев ден, чист воздух и убавина. Одлична прилика е да го најавам проектот за посета на градот на 250 Пежо 205 автомобили и околу 750-800 Французи следната година, при нивното патување низ дваесет Европски земји за 23 дена. Предвидено е од Грција на пат низ Македонија автомобилистите да преноќат во Крива Паланка, да ја запознаат подобро и да донираат прибор за училиштата. Ова е пракса која носи размена на искуства, култура и секако придонесува за развој на локалната економија, истакна амбасадорот Тимоние.
Скопје – Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, денеска имаше средба со италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео.
На средбата, како што информираат од општина Кисела Вода, Темелковски го информирал амбасадорот за дел од сработеното од почетокот на неговиот мандат како и за плановите и проектите што ќе се преземат во иднина за подобрување на секојдневниот живот на жителите. Темелковски зборувал и за Советот на стопанственици на Кисела Вода, кој по негова иницијатива оваа година се формирал со цел да го подобри нивното деловно работење.
Струмица – И по две години од донесувањето на законот за „свиркачите“ тој не се спроведува до крај и е потребно да се донесат некои законски измени, но и институциите да покажат интерес овој закон да се спроведува и да се заштитат сите укажувачи,а за жал новинарите не се опфатени со овој закон, смета извршната директорка  на „Транспаретност Македонија“, Ана Јаневска Делева.
На работилницата што денеска ја организираше „Транспаретност Македонија“, во соработка со НВО „Инфоцентар“ во Срумица, присуствуваа новинари и претставници на невладини организации од регионот.
Скопје – Околу 170 килограми разни видови дроги и психотропни супстанци се уништени денеска во регионалната депонија Дрисла.
Уништени се околу 128 килограми марихуана, околу шест и пол килограми хероин, околу 20 килограми хашиш, околу половина килограм кокаин, растенија и семки од канабис, како и  амфетамини, потоа синтетичка дрога екстази и други прекурсори и психотропни супстанци, информираат од Министерството за внатрешни работи. Министерот Спасовски, кој присуствуваше на уништувањето, изјави дека во делот на сузбивањето на недозволеното тргување со дрога Министерството за внатрешни работи во континуитет презема интензивни оперативни мерки и активности и дека годинава статистички гледано бележиме пораст на бројот на расветлени кривични дела од оваа област.
Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од Кривичниот законик.

Како што соопшти ЈОРМ, обвинетиот во својот дом неовластено заради продажба држел поголема количина наркотична дрога и тоа: 19 пакувања наркотична дрога марихуана со вкупна нето маса од околу 35 грама, четири пакувања со наркотична дрога хероин со вкупна нето маса од 1,17 грама, како и синтетички опијат – метадон во  шест шприца со вкупен волумен од 6,5 милилитри, како и 307 пластични шишенца метадон исполнети со поединечно количество 1мл –   70мл синтетички опијат.

Штип – Во соборниот храм „Свети Никола“ се одржа свечена литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА господин господин Стефан.

Во обраќањето пред верниците г.г. Стефан се осврна на празникот и заштитникот на патниците, децата и сиромашните. Тој забележа дека Свети Никола не им помага само на морепловците, туку ги чува сите верници од бурите во животот. -Зарем не сме опкружени постојано со проблеми, што се закануваат да не потопат, да не уништат, зар не се случило да се чувствуваме како давеници, па да сакаме да извикаме, како Апостолот Петар кон морето кога извикал „Господи спаси ме“. Зар не сме зафатени од внатрешните бури на страстите и препуштени на разните геополитички урагани, што ни се закануваат и како на црква и како на народ. Сепак и покрај тие бранувања, кои ги претрпуваме додека пловиме по морето на животот, никогаш не смееме да го отргнеме тоа од себе, свеста дека поткрепени од Светиот Николај сето тоа можеме да го надминеме и на сигурно копно да испливаме, вели г.г Стефан.

Прилеп – Со заедничка посна трпеза во центарот на градот, по 13. пат Прилеп денеска организрано го слави заштитникот на градот – Свети Никола. Стотици прилепчани се придружија на прославата и порачаа дека традиците треба да се одржуваат, но и да има мир и заедништво на сите граѓани, без разлика дали се сиромашни или побогати, мали или возрасни.

Прилепските домаќинки нагалсувата дека не случајно Свети Никола е заштник на гардот зашто повеќе од половината семејства го слават, а другите им одат на гости.

Скопје – Покрај тоа што нема термини за закажување пред се за снимање на магнетна резонанца во некои од јавните здравствени установи, анализата покажа дека многу мал процент од закажаните термини се реализираат, што не доведува до заклучок дека пациентите и покрај тоа што редовно имаат закажан термин наоѓаат начин со приоритетен упат да се снимат порано од закажаниот термин, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека има контролна работна група во смисла на контрола на овие податоци на терен во сите институции каде има компјутерска томографија и магнентна резонанца, за да утврдат дали тоа се пациенти кои претходно имале закажан термин и заради тоа што нашле начин тоа да го реализираат со приоритетен упат тој пропаѓа, а тоа да биде еден од начините да го изнајдат решението.

Скопје – Два современи анестезиолошки апаратa со два хемодинамски мониторa, еден фибер оптички ринофаринголарингоскоп, три видеоендоскопа со монитор, посебни ножеви за ултразвук, како и едноскопскиот стол, набави Клиниката за уво, нос и грло. Новата опрема чини 130.000 евра.

По тој повод, министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Клиниката, по што на прес-конференција рече дека со новата опрема ќе почнат да се изведуваат методи кои досега не се правеле во таа јавна здравствена установа, а ќе се олесни многу изведувањето на методите кои досега се изведувале.

Скопје – Има неколку нови модели на делење на квотите на лекови за аптеките. Во предлог буџетот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за 2019 година ќе има различна распределба на квотите на лекови за различни аптеки во земјата.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој изрази надеж дека тоа ќе биде еден механизам кој значајно ќе ја смени сликата, поради тоа што со предвиденото зголемување на квотите на огромен број аптеки во земјата тие ќе можат да обезбедат доволна количина лекови за целиот месец.

Скопје – Пет деца од градинка во Радишани се заразени со морбили. Во тек е состанок на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека ќе излезат веројатно со препорака да се затвори градинката, родителите децата да не ги носат по другите градинки, туку да ги чуваат дома некое време ако евентуално биле во контакт, па се заразиле.

Тетово  –  На градскиот плоштад, улиците и пред двата универзитета во Тетово – Државниот тетовски универзитет и Универзитетот на Југоисточна Европа, втор ден протестираат студенти.

Во значително помал број од вчера тие ги повторија барањата за намалување на студентските такси, стоп за корупцијата, фер однос од професорите без купување книги за потпис и подобра оценка, подобрување на условите за студирање и слично. Најавија дека доколку за седум дена  надлежните не им ги исполнат, како што рекоа, конкретните барања и јавно да се произнесат за тоа, тие ќе ги радикализираат протестите. Се осврнаа и на вчерашните соопштенија од Министерството за образование и од двата универзитета.

Скопје – Во третиот квартал од 2018 година БДП порасна за три отсто на годишна основа. Иако овој раст е се уште под потенцијалот на економијата, тој укажува на блага стабилизација на економската активност по продолжениот период на политичка неизвеност, пишува во „Макроекономскиот монитор за третиот квартал“ што го публикуваше Finance Think.

-И понатаму, двигател на економијата остануваат извозната активност и финалната потрошувачка. Особено, растот на потрошувачката на домаќинствата останува детерминиран од растот на платите – во дел одреден и од зголемувањето на минималната плата, потоа од растот на кредитите на населението и на дознаките. Сепак, падот на бруто инвестициите и понатаму ја одразува значителната воздржаност на инвеститорите, како и застојот сврзан со реализацијата на државните капитални инвестиции. На производната страна, растот е на поширокопојасна основа споредено со претходно, се порачува во публикацијата.

Скопје – Одгледувачите на овци од Македонија за утре најавуваат мирен протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради, како што велат, алармантната состојба во овчарството.

Тие бараат средба со ресорниот министер Љупчо Николовски на која е добро, нагласуваат, да присуствува и премиерот Зоран Заев. Се жалат дека се дојдени на работ од егзистенција зашто секоја година се соочуваат со 2.000 – 5.000 евра загуба поради ниската цена на јагнето.

Скопје – Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, денеска потпишаа меморандум за соработка, со цел заеднички да придонесат кон развојот на е-трговијата и развивањето на способностите, дигиталната писменост и градењето на капацитети во секторот за е-трговија во Република Македонија, се наведува во соопштението од АЕТМ.

Меморандумот за соработка го потпишаа претседатот на АЕТМ, Нина Ангеловска и извршниот директор на МАСИТ, Анита Никова Бундовски. Потписниците на Меморандумот, како што известуваат од АЕТМ, соработката ќе ја остваруват преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонесуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релевантни за областа на дејствување и соодветната целна група.

Скопје – Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, традиционално на пригоден настан го додели годишните награди и благодарници за придонес и достигнувања во архитектурата и инженерството.

Годинашен добитник на наградата „Александар Цане Ангелов“ е професор д-р Голубка Нечевска – Цветановска од Одделението на градежни инженери, а Рафаил Влчевски од одделението на архитекти и урбанисти е добитник на наградата „Борис Чипан“.

Скопје – Поттикнување на соработката меѓу Црвениот крст и партнерските организации за воспоставување одржливи партнерства, обезбедување проектна поддршка за општествено социјални програми за подобрување на квалитетот на животот на ранливите категории во заедницата, како и поттикнување на свесноста за поголема општествена одговорност на бизнис секеторот, имаше за цел денешниот Партнерски состанок што го организира Црвениот крст на Република Македонија.

– Морам да признаам дека концептот на општествена корпоративна одговорност, за кој до неодамна велевме дека е нов, веќе е во подем, тој се развива, добива нови вредности и нови примеси и претставува можност за сите кои делуваат работат во државата, бизнис секторот, да го практтикуваат оној дел кој секаде во светот се третира како инвестиција, а не како трошок, рече генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.

Скопје – Македонија треба да се развива како „Македонија мегалополис“, односно цела земја како еден град што подразбира јавната администрација од Скопје да се пресели во 10 градови. На таков начин ќе се намали иселувањето од државата и ќе се зголеми средната класа, смета професорот Марјан Бојаџиев од Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Своето тврдење го изнесе на тркалезната маса на тема „Македонија Мегалополис – и други идеи за регионален развој, спречување на иселувањето и создавање на средна класа во Република Македонија” што денеска се одржа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во организација на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, Универзитетот Американ Колеџ Скопје и Finance Think.

Штип – Градоначалниците на источнопланскиот регион ја имаа првата седница на меѓуопштинското тело за изградба на регионална депонија кај селото Мечкуевци во општина Свети Николе, во која треба да се рециклира и преработува отпадот во современа фабрика од општините од источниот и североисточниот регион.

Градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски посочи дека Владата се уште нема одлучено дали ќе се прифати или одбие барањето на општината за промена на локацијата за изградба на регионална депонија за источниот и североисточен регион. Локалната власт бара наместо кај селото Мечкуевци, депонијата со европски пари да се гради кај Богословец.

Скопје – Попладнево во 15:20 часот е нормализиран сообраќајот на патниот правец А3 Македонска Каменица – Делчево.

Како што соопштија од АМСМ, очистен е одронот поради којшто патот од синоќа беше во прекин. Одронот се случи пред крстосницата за село Бигла од страната кај Македонска Каменица, а сите кои имаат потреба да патуваа до Скопје тоа можеа да го сторат по алтернативниот патен правец Делчево – Бигла – Виница, додека тешките товарни возила, можеа да се движат само преку Берово.

Скопје, – Градот Скопје и Хокеј Федерацијa од утре овозможуваат бесплатни часови по лизгање за почетници на лизгалиштето „ЕУ за тебе“ во рамките на новогодишната населба Винтерленд на плоштад „Македонија“.

-Оваа нова содржина во Винтерленд за љубителите на зимските спортови ќе се одвива секојдневно во два термини: од 11 часот претпладне и од 20 часот навечер. Бесплатните часови ќе бидат организирани за групи до 20 пријавени лица, на кои ќе им држат обуки двајца професионални инструктори.

Белград – Најголемата српска опозициска коалиција, Сојузот за Србија (СЗС) најави дека нема да учествува на избори, се додека не се создадат услови за одржување фер избори.

Тие најавија дека своите забелешки за текот на неодамнешните локални избори во општината Лучани ќе ги достават до Европскиот парламент и до странските амбасади во Белград.

Приштина – Директорот на Полицијата на Косово Рашит Ќаљај информира дека на полициските службеници им е забрането во текот на работното време да седат во кафеани и да одат во џамија и дека тие таа забрана ја почитуваат, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Работното време се почитува сто отсто. Им забранивме на припадниците на полицијата престој во угостителски локали и одење во џамија во текот на работното време, изјави Ќаљај пред Комисијата за внатрешни работи на Собранието на Косово, каде што денеска даде отчет заедно со министерот за внатрешни работи Екрем Мустафа.

Приштина – Косовскиот премиер Рамуш Харадинај соопшти дека денска имал телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кого го информирал за законите кои ги усвои косовското Собрание за трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во Вооружени сили, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај во објава на Фејсбук нагласува дека телефонскиот разговор бил „пријателски“ и дека е „задоволен од посветеноста на НАТО за сеопфатна поддршка на Косово“.

Белград – Грчкиот премиер Алексис Ципрас в петок ќе го посети Белград и ќе оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, соопшти кабинетот на шефот на српската држава.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, по средбата предвидено е да се одржи втората седница на Високиот совет за соработка меѓу Србија и Грција, на која ќе присуствуваат Вучиќ и Ципрас.

Анкара– Турција спречила 347 терористички напади во 2018 година, изјави денеска турскиот министер за внатрешните работи Сулејман Сојлу.

Министерот го посочи тоа на семинар по прашањето за борба против тероризам во Анкара. Тој информира дека во Турција се намалени терористичките напади, нагласувајќи дека минатата година биле спречени 697 терористички акти, а оваа година 347.

Брисел – Европската комисија денеска соопшти дека се уште не се исполнети сите обврски откако се укинати визите за државјаните на Македонија, Албанија, БиХ, Украина, Молдавија, Грузија, Црна Гора и Србија.

Во соопштението се наведува дека и понатаму е висока незаконската миграција на Украинци, Срби и Босанци. Комисијата изрази загриженост од неоправдани барања за заштита поднесени од Молдавци и Грузијци.

Париз – Европскиот суд за човекови права одлучи дека Грцијаги прекршила одредбите против дискриминација со примена на исламски верски закон за решавање на спор за наследство меѓу припадници на муслиманското малцинство во земјата.

Судот денеска ја осуди Грција дека ја нарушила Европската конвенција за човекови права, со примена на шеријатски закон и како резултат на тоа, волјата на грчки муслиман, кој целиот имот го оставил на својата сопруга, била поништена по жалба на неговите сестри. Вдовицата Молa Сали се обратила на Европскиот суд во 2014 година откако изгубила три четвртини од нејзиното наследство.

Брисел – Европската комисија денеска претстави 14 мерки, кои ќе се применат, ако Велика Британија ја напушти ЕУ без договор во дадениот рок, односно кон крајот на март следната година.

Се потенцира дека мерките опфаќаат „ограничен опсег“ области, кои се директно поврзани со животите на граѓаните и компаниите во ЕУ. Овие области вклучуваат финансиски услуги, воздушен транспорт, царинска работа, политика за заштита на животна средина. Комисијата нагласи дека е подготвена да ги спроведе овие мерки од 30 март, за да ја ограничи штетата на неочекувано повлекување на Велика Британија.

Париз – Вработените во француската полиција денеска стапија во штрајк, поради неисплатените надоместоци за прекувремена работа, што предизвика застои на парискиот аеродром „Шарл де Гол“.

Управата на аеродромската полиција соопшти дека застои поради штрајкот има само на Терминалот 1, додека на остантите два терминали турканиците настанале поради „големиот број патници“.

Москва – Федералната служба за безбедност на Русија соопшти денеска дека нејзини припадници во Ставропол, во југозападниот дел од земјата, убиле борци на Исламската држава.

Во соопштението е наведено дека планирале терористички напади, но не се прецизира колку осомничени се убиени ниту кога тоа се случило. Не се откриени детали за планираните терористички напади.

Лондон – Три лица се повредени во напад со мачета во два здравствени дома во источен Лондон, јави Би-Би-Си.

Повредите не се животно-загрозувачки, а лицата веднаш биле пренесени во болница. На местото на настанот веднаш дошла полиција и го привела осомничениот и го одвела во болница. Според снимките објавени на социјалните медуми, осомничениот е со долга коса, облечен само во долна облека.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close