Избрано

Време на забрзано вооружување на Американците, Русите, но и на Кинезите

САД не се единствено виновни за се поизвесниот крај на Договорот за забрана на ракетите со среден дострел, оценува Андреас Рос од „Франкфуртер алгемајне цајтунг.“

Дојче Веле – Бон

5 ноември 2018

САД не се единствено виновни за се поизвесниот крај на Договорот за забрана на ракетите со среден дострел, оценува Андреас Рос од „Франкфуртер алгемајне цајтунг.“

Најавата на Доналд Трамп за откажување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје со среден дострел, предизвика очекувана вербална војна.

САД и Русија меѓусебно се обвинуваат за кршење на договорот. Притоа, во втор план се турка една заедничка работа за двете нуклеарни сили: конкуренцијата со Кина.

Кога Роналд Реган и Михаил Горбачов во 1987 година го запечатија „двојното нулта решение“ за балистичките ракети и крстосувачките проектили, арсеналот на Кина не можеше да се мери со нив. Но, тоа одамна веќе не е така.

Кинеските ракети им пречат и на Русите и на Американците

Во 90-те години на минатиот век Пекинг со нов елан започна проект со кој сакаше да и се спротивстави на воената доминација на Американците во регионот на Пацификот. Тоа беа главно ракетни системи. Притоа, на Кина добро и дојде што Американците и Русите си ги врзаа меѓусебно рацете токму во таа категорија.

Воените планери во Москва и Вашингтон одамна се жалат поради тоа. Уште пред повеќе од 10 години Русите се обидуваа внимателно да проценат дали можеби поради Кина и другите нуклеарни сили не е подобро да не се закопува Договорот.

Пекинг сега поенергичносе обидува да ја претстави целата работа како американско-руски судир, кој е неодговорен во светски рамки и со кој Кина нема ништо заедничко.

Но, Трамп стави јасно до знаење дека нов договор за спречување на забрзаната трка во вооружување нема да биде замислив без Кина. Таа помисла е се друго, само не погрешна.

Меѓутоа, Пекинг никогаш не би се согласил со „нулто решение“, како што тоа пред повеќе од 30 години го сторија Вашингтон и Москва во еден биполарен свет. Додека двете суперсили тогаш, како впрочем и денес, се одлично вооружени и на море и во воздух, Кина до неодамна беше силно концентрирана на ракетни системи.

Тоа ќе значи дека за пренесување на Договорот во рамки на денешниот мултиполарен свет, ќе треба да се заврти многу поголемо тркало.

Мултилатерален договор со Доналд Трамп?

Дури и доколку конструктивните разговори на таа тема не би стоеле наспроти пренадуениот трговски конфликт, во кој Кинезите сметаат дека се цел на американски напад врз нивниот статус на светска сила, тешко е да се претстави дека токму Доналд Трамп би подготвил мултилатерален режим за разоружување од вакви димензии.

Негов домен е уништувањето. Притоа, овојпат од голема помош му беа Русите со нивните тајни забранети крстосувачки проектили.

За евентуалниот крај на договорот Русите во најмала рака се виновни барем исто толку колку и САД. Сега се укажува на тоа дека доаѓа време на забрзано вооружување на Американците, Русите, но и на Кинезите. сп/

###

Close